Навивачите на баскискиот клуб Реал Сосиедад на саботниот натпревар во шпанското фудбалско првенство против Мајорка (1-0) истакнаа палестински знамиња и скандираа „Слобода за Палестина“, изразувајќи поддршка на народот кој во Појасот Газа е цел на израелски бомбардирања.
На стадионот во Сан Себастијан кулминацијата достигна во 12 минута од дуелот кога на јужната трибина се појавија дваесетина палестински знамиња, со скандирање „Слобода за Палестина“ по што набрзо им се приклучи публиката и на другите трибините.
Симпатизери на Реал Сосиедад извикуваа и „Израел, земја на убијци“.
Реал Сосиедад објави во петокот дека нема да забрани изразување поддршка за Палестинците, откако ден претходно навивач на баскискиот вторлигаш Еибар беше приведен бидејќи истакна палестинско знаме на натпреварот против Хуеска.
Во Баскија, автономна покраина со 2.2 милиони жители на северот на Шпанија, силно е изразена желбата за самостојност, а со децении беше активна вооружената сепаратистичка група ЕТА. Многумина Баскијци се солидарни со стремежот на Палестинците за самостојна држава и се противат на израелската окупација.