Премиерот Димитар Ковачевски се откажал од користењето на премиерската вила на улицата „Ацо Караманов“ на Водно, во соседство со претседателската вила, дознава ТВ21.
„Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, не ја користи премиерската вила. Со семејството е во истиот дом каде што живееше и до сега. Нема побарано други привилегии“, велат од Владата на РСМ за ТВ21.
Вилата има жичана и жива ограда, а полицијата, обезбедувањето и чуварите веднаш реагираат ако некој сака да се доближи или да фотографира и снима.
Нето платата на премиерот изнесува нешто над 78 илјади денари. На оваа сума се пресметува и минатиот труд, во кој на пример претходниот премиер Зоран Заев земаше дополнителни 8.900 денари. Инаку по завршување или прекинување на мандатот, на премиерот или претседателот на државата му следуваат шест бодигарди од МВР, возач и службен автомобил.
Поранешниот премиер Зоран Заев рече дека се откажува од апанажа, автомобил и од возач, а делумно ќе го користи државното обезбедување.
Премиерската вила слабо или речиси воопшто не ја користеле и претходните премиери. Зоран Заев во неа живееше многу кратко, а Никола Груевски и Емил Димитриев воопшто не живееја во неа. Нејзин последен станар беше Владо Бучковски, кој оттаму си замина во 2006 година, по паѓањето на СДСМ од власт.