Собранието функционира и покрај бојкотот на дел од опозицијата. Дневниот ред на пленарната седница е усвоен, а започна и расправата за избор на уставни судии, оцени денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на Општата болница во Прилеп, Ковачевски уште еднаш повтори дека е несериозно да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика пратениците да бидат одговорни.
– Во такви услови, секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневиот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине – потенцираше Ковачевски.
За тоа дека опозицијата е таа која блокира корисни закони за граѓани, Ковачевски го посочи примерот со Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство со која претседава пратеник од опозицијата, а на која се уште на дневен ред не е ставен законот во кој треба да се направи техничка измена за да може на тутунарите да им се исплатат субвенциите.
– Средствата се обезбедени во Буџетот. Секоја година се прави измена во законот со која производителите на тутун не треба да одат во УЈП да вадат потврда за платени даноци. Тоа е техничка измена која Собранието веднаш ја одобрува. Во овој момент, на дневен ред на Комисијата за земјоделство, не се става тој закон. Со оглед на тоа дека Комисијата ја води пратеник од опозцијата, тој закон не се става на седница. И оттука може да се види дека опозицијата нема никаква намера да не блокира закони коишто значат подобар живот на граѓаните – рече Ковачевски.