На 88-годишна возраст почина Оливера Николова, македонска писателка за возрасни и за деца, една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски писателки.
Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, ја одбележа македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век, затоа со право може да се смета за книжевен бард чии дела сe и ќе бидат сметани и во иднина за врв на македонската современа книжевност.
Дипломирала на Филозофски факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа e член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година.
Оливера Николова е автор на неколку телевизиски игри: „Зоки Поки“ (тв-куклена серија); „Среќен пат, Зоки!“ (тв-куклена серија, со Глигор Поповски и Видое Подгорец); „Девојките на Марко“ (тв-серија во шест епизоди). Исто така, таа е автор и на неколку радио-игри: „Земја во која не се стигнува“, „Игра за мама“, „Од палец до сон“, „Како расте татковината“, „Големото зошто“ итн.
Вредностите на Оливера Николова во македонската книжевност за деца, од нејзината прва книга, континуирано, се мошне високо рангирани. Сите критичари кои се занимавале со нејзините книги за деца потенцирале дека со нејзиното творештво македонската книжевност за деца се збогатува со дотогаш неоткриени мотиви.
И покрај богатиот книжевен опус, Оливера Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова добила бројни награди. Така, за „Земја во која никогаш не се стигнува“ во 1966 година ја добила наградата на РТВ Скопје и СВП. Во 1975 година повторно ја добила истата награда, овојпат за делото „Пријателите Бон и Бона“. Во 1977 година по третпат ја добила таа награда, за делото „Мојот звук“, кое се закитило и со наградата „Младо покољење“ за 1978 година. Исто така, таа е добитник на „Змаевата награда“ за 1983 година за посебни постигнувања во современиот израз на литературата за деца.