More

    Порталите не ни знаеле, а изгледа како да ја поддржуваат Харис

    spot_img

    Кампањата на Камала Харис беше обвинета дека тајно уредувала наслови на вести во рекламите на Гугл за да изгледа како добро познати медиумски организации да се на нејзина страна, објави британски Гардијан.

    Иако рекламите се означени како спонзорирани, тие се појавуваат покрај резултатите од пребарувањето на Гугл за да изгледаат како вистински написи од новински куќи како што се Гардијан, Си-Ен-Ен и Ројтерс.

    Во реалноста, „лажните вести“ се напишани од работници во кампањата кои се обидуваат да ѝ помогнат на потпретседателката да го победи Доналд Трамп на претседателските избори во ноември, според извештајот на порталот Аксиос.

    Променетите наслови и описи на написите, кои се видливи за корисниците на Гугл над линковите до соодветните веб-страници за вести, се променети без знаење на издавачите, тврди Аксиос.

    Во една реклама со линк до Гардијан беше прикажан насловот „Харис се бори против забраните за абортуси – Харис ја брани репродуктивната слобода“ со опис: „Харис е шампион за репродуктивна слобода и ќе ги запре забраните за абортуси на Трамп“.

    – Иако разбираме зошто една организација би сакала да се усогласи со доверливиот бренд на Гардијан, ние треба да се осигураме дека тој се користи соодветно и со наша дозвола. Ќе контактираме со Гугл за повеќе информации за оваа практика – тврди портпаролот на Гардијан.

    Друга изборна реклама што се поврзува со американската веб-страница за Националното јавно радио (НПР) гласеше: „Харис ќе ги намали здравствените трошоци“. Аксиос објави дека во придружниот текст стои: „Камала Харис ќе ги намали трошоците за висококвалитетна прифатлива здравствена заштита“. Ова, исто така, не го одразува точно покривањето на НПР.

    Портпаролите на НПР, Си-Ен-Ен и Ју-Ес-Еј тудеј, чиишто линкови се појавија во рекламите „Харис за претседателка“, изјавија за Аксиос дека не биле свесни дека нивните брендови се прикажуваат на овој начин.

    Ројтерс, Си-Би-Ес Њуз и Асошиејтед прес беа, исто така, меѓу речиси десетина новински компании кои биле таргетирани уште од 3 август, откри Аксиос.

    Гугл рече дека тактиката не крши никакви правила бидејќи рекламите се видно означени како „спонзорирани“, така што тие „лесно се разликуваат од резултатите од пребарувањето“.

    – Од оние што ги рекламираат изборите се бара да го завршат процесот за проверка на идентитетот и ние видно ги прикажуваме во рекламата луѓето кои платиле за рекламата – рече портпаролот на Гугл.

    Иако оваа практика потенцијално залажува одредени корисници, таа стана вообичаена во комерцијалното рекламирање што имитира вистински резултати од вести.

    Кампањата на Трамп не водела вакви реклами, според Аксиос.

    Извор запознаен со рекламниот тим на кампањата на Харис изјави за Аксиос дека кампањата купува реклами со линкови за вести за да им даде на гласачите „повеќе контекст“ кога бараат информации за кандидатката за претседател.

    Нема сугестија дека кампањата не е во согласност со правилата на Гугл.

    Тактиката на „лажни вести“ на Гугл се појави во време кога Харис беше критикувана од републиканците за избегнување медиумска контрола.

    Тие тврдат дека таа избегнала значајни интервјуа и прес-конференции откако ја доби претседателската номинација пред повеќе од 3 недели.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img