„Во изминативе години успеавме да завршиме или во фаза на изградба се вкупно 853 социјални станови во четиринаесет општини низ државата. Дел од нив ги распределивме, а дел се во завршна фаза и во наредниот период ќе распишеме јавни огласи за распределба”, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски при увид во изградба на социјалната зграда во Велес.
Станбената зграда има 29 станови, инвестицијата е 41,5 милиони денари. Се очекува да биде завршена до октомври годинава.
„Наша обврска е да создаваме услови ранливите семејства да добијат сигурност и подобри услови за живот. И заради тоа, интензивно работиме на мерки и политики кои влијаат на подобрување на социјалната положба на ранливите категории. Ова е еден од начините како оваа Влада води сметка за згрижување на ранливите семејства. Зградата во Велес се работи со добра динамика и веднаш по нејзиното завршување ќе распишеме јавен повик за распределба на становите” – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.
Министерот додаде дека во овој момент во завршна фаза се зградите во Неготино, Демир Капија и Гевгелија, а во моментов во фаза на изградба се 470 социјални станови во Бутел, Сарај, Кочани, Пехчево и оваа во Велес.
Директорот на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката, истакна дека веќе се прават планови за продолжување на овој проект.
„Разговарваме со министерот за продолжување на овој проект и затоа активно работиме на расчитување на имотно правните работи на други локации во општините. Банката даде позитивно мислење за нов заем и на добар пат сме да продолжиме да градиме и низ други општини и да го решаваме станбеното прашање за ранливите категории граѓани” – изјави Кристијан Трајковски, директор на АД за стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката.