Новиот министер за здравство, д-р Арбен Таравари, според информациите на Плусинфо, нема да поштеди ниту еден од медицинските директори и сите ќе бидат заменети со нови.
Како што дознаваме, во петокот, минатата недела, речиси сите медицински директори добиле повик од Mинистерството за здравство почнувајќи од понеделник (вчера) да се појават во зградата на Mинистерството со оставка в рака.
Неколку од директорите, кои сакаат да останат анонимни, ни потврдија дека од нив било побарано да поднесат барање за разрешување, инаку во спротивно нема ќе можат да кренат глава од инспекции. Повеќето од нив, и покрај тоа што имале добри резултати во работењето, за што потврда има и од неколкуте инспекциски надзори направени претходно, сепак одлучиле да стават крај на нивното директорување.
Во периодот што следи Министерството за здравство ќе ги објави нивните барања за разрешувања, а директорите наведувале дека од „лични причини“ се повлекуваат од функцијата која ја вршеле повеќе години.
Плусинфо вчера на брифинг го праша министерот за здравство Арбен Таравари, кои директори ќе бидат разрешени и дали планира некого да задржи.
– Да, да некои што се можеби добри, може и да ги задржиме. Меѓутоа, ќе има и ревизија во сите клиники и болници, па тие што работеле добро и се професионалци, секако дека ќе продолжат – одговори вчера Таравари.
Но, оваа изјава на Таравари е контрадикторна со информациите до кои дојде Плусинфо за барањата упатени до медицинските директори самите да поднесат барање за разрешување.
Веќе се шпекулираат имињата на новите медицински директори во клиниките и болниците, а луѓе блиски до владината коалиција почнале и да се фалат за нивните унапредувања. Останува да видиме какви точно промени ќе се случат на директорските позиции во клиниките и во болниците.