Не помина ниту третиот кандидат на продолжението на денешната седница на Уставниот суд на која треба да се избере новиот претседател на Судот, потврдуваат од Уставниот суд.
Дел од медиумите објавија дека станува збор за уставниот судија Осман Кадриу.
Ова беше осмиот неуспешен обид на членовите на Уставниот суд да изберат претседател. Претходно, во четвртокот и петокот, пропаднаа шестте обиди да изберат нов претседател на Судот, а денеска судијката Ана Павловска Данева ја повлече својата кандидатура, но нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева не го доби потребното мнозинство.
– Со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа согласно принципот на меритократија, односно исклучиво согласно професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите. Судиката Васиќ остана единствен кандидат – вели во изјава за МИА судијката Павловска Данева.
Новиот претседател на Уставен треба да ја замени досегашната претседателка Добрила Кацарска, чиј тригодишен мандат истече во неделата, на 2 јуни.
Според Деловникот, Уставниот суд на седница избира претседател на Судот од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број на судиите, со тајно гласање.
По завршувањето на мандатот на Кацарска и неуспешните кандидатури на Татјана Васиќ Бозаџиева и Ана Павловска Данева, и сега, според медиумите, на Осман Кадриу, можни кандидати за преземање на претседателската функција се Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.
Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.
Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број на судиите.
Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, постапката за избор на претседател се повторува.
Мандатот на претседателот на Уставен суд е три години, без право на реизбор.