Претседателот на САД, Џо Бајден, во Белата куќа одржа говор во кој ги обвини демонстрантите за „заканување“ и за „заплашување“ на другите, велејќи дека Америка „не е земја без закон“, објави порталот Телеграф.
– Ова не е момент на политика, туку момент на јасност. Да бидам јасен… Насилниот протест не е заштитен, туку мирниот протест. Уништувањето имот не е мирен протест. Тоа е спротивно на законот. Вандализам, кршење прозорци, затворање, кампуси кои принудуваат откажување на часовите, ништо од ова не е мирен протест – изјави Бајден.
Претседателот рече дека на ниеден кампус, а воопшто ни во САД, не треба да има место за антисемитизам, закани за насилство врз еврејските студенти или, пак, за дискриминација кон Американците со палестинско потекло.
– Нема место за говор на омраза или за насилство од кој било вид, сеедно дали станува збор за антисемитизам, исламофобија или за дискриминација врз Американците со арапско или со палестинско потекло. Едноставно, тоа е погрешно – додаде претседателот на САД.
Нема место за расизам во Америка. Тоа е погрешно и неамериканско, рече Џо Бајден.
– Разбирам дека луѓето имаат силни чувства и длабоки убедувања. Во Америка, ние го почитуваме и го штитиме правото тие да го изразат тоа. Но, тоа не значи дека сѐ е возможно. Тоа треба да се стори без насилство, без уништување, без омраза и во рамките на законот – рече претседателот Бајден.
Над 300 студенти биле приведени на протестите кои се одржуваат на повеќе од 30 американски студентски кампуси, во знак на револт поради зголемениот број жртви во војната во Газа, барајќи тамошните универзитети да ја прекинат соработката со компаниите кои работат со Израел.
Овие протести се сметаат за најголемите студентски протести во САД во 21 век.