Поднесена е кривична пријава против полицаецот З.Л. од Гевгелија, вработен во Регионалниот центар за гранични работи Југ, поради сомневање за сторени кривични дела „несовесно работење во службата“ и „посебни случаи на фалсификување исправи“.
„Имено, З.Л. во својство на полициски службеник и претседател на комисија за утврдување на дисциплинска одговорност, несовесно постапил во вршење на своите должности и овластувања така што во 2 наврата во законски предвиден рок не спровел постапка за утврдување на дисциплинска одговорност против С.А., вработена во Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица, а за која претходно од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди е поднесена кривична пријава за примање поткуп. Исто така, З.Л. фалсификувал потпис на член на комисијата, кој лично не учествувал во донесувањето на одлуката за прекин на постапката против С.А., ниту своерачно ја потпишал“, известува Министерството за внатрешни работи (МВР).
На тој начин пријавениот му нанел штета на угледот на МВР.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе поднесе предлог против З.Л. да биде споведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе биде отстранет од работното место до завршување на дисциплинската постапка, се вели во извештајот на МВР.