Косовската полиција соопшти дека утрово имала оружен судир со неколку лица во областа на Зубин Поток, во северно Косово, во близина на косовско-српската граница, кои се обидувале да прошверцуваат овци од Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на полицијата се наведува дека, „при извршување на работните задачи и полициските активности, полициски службеници од Единицата за брзи интервенции на Граничната полиција, денеска околу 06:15 часот во селото Бубе кај Зубин Поток забележале сомнителни движења на неколку возила“.
„Полицијата во обид да ги запре и контролира сомнителните возила наиде на оружен отпор од осомничени лица. Соочени со таква ситуација, за да се заштитат и да ја стават ситуацијата под контрола, полициските службеници одговорија на вооружениот напад и успеаја да уапсат еден од осомничените: Д.И. (роден 1981 година, косовски Србин од Зубин Поток). При размената на оган полициските службеници и уапсените не се повредени“ – се вели во полициското соопштение.
При контрола на камионот пронајдени се натоварени 40 овци, без пропратна документација, за кои постои сомневање дека се прошверцувани од Србија во Косово. На истото место се пронајдени две напуштени возила за кои постои сомневање дека го придружувале камионот.
„На местото на настанот излегоа полициски единици, а за случајот е известен надлежен обвинител. Против осомничениот е подигнато обвинение за две кривични дела-„напад врз службено лице“ и „шверцување стока“. Камионот со овците е испратен на царинскиот терминал, одземени се двата автомобила кои се најдоа на местото на настанот, а по решение на обвинителот, на осомничениот му е одреден притвор од 48 часа“ – соопштија од косовската полиција.