Учебниците кои немаат учебници мораат да учат со тоа што наставникот ќе им го диктира материјалот, а тие ќе го запишуваат во тетратките, пишува Мета. Ова на учениците им создава дополнителна тензија, вели наставничка по македонски јазик за порталот, која мора да се снаоѓа, а самиот материјал за работа го симнала од веб-страницата на Бирото за развој во образованието.
Министерот за образование Јетон Шаќири неодамна изјави дека дел од учебниците доцнат поради графичко-техничката подготовка, поради неможноста да се најдат автори, но и рецензенти на ракописите. Шаќири најави дека учебниците по „Историја и општество“ за петто и за шесто одделение ќе доцни – нема кој да го рецензира.
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), донесе одлука да поднесе тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес против МОН поради тоа што недостасуваат учебници во основното образование.
Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ во утринска емисија на Алфа телевизија рече дека во моментот „се случува хаос во образованието“.
– Родителите кажуваат дека мора да копираат книги, а образованието е бесплатно по закон, значи државата го крши законот. Наставниците се принудени да подготвуваат материјали кои треба веќе да им се подготвени и направени и би предупредила дека ако изборите бидат во мај, тоа значи дека уште сега треба да ги подготвуваат учебниците за да има готови учебници за на 1 септември следната година – изјави Јаневска која е претседателка на комисијата за образование во рамки на партијата.