Американскиот претседател Џо Бајден во средата го предупреди Иран да биде „внимателен“ и му рече на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД испраќаат воена помош во борбата на Израел против Хамас.
Обраќајќи им се на група водачи на еврејската заедница во САД, Бајден за прв пат го поврза распоредувањето на американската флота во источниот Медитеран во близина на Израел со стравувањата дека Иран може да се обиде да се меша.
„Ја преместивме американската носачка флота во источниот Медитеран и испраќаме повеќе борбени авиони во таа област и испративме јасна порака до Иранците: бидете внимателни“, рече американскиот претседател.
Американските власти велат дека не биле во можност да воспостават директна врска помеѓу нападите на Хамас врз Израел и иранското учество, но бараат таква бидејќи Техеран го поддржува Хамас.
Бајден и неговиот тим се обидуваат да ги ослободат можните американски заложници кои ги држи Хамас.
Стејт департментот потврди дека најмалку 22 американски државјани се меѓу загинатите во нападот на исламистичката организација врз Израел од Појасот Газа, а најмалку 17 Американци се водат како исчезнати.
Белата куќа соопшти дека потврдениот број на Американци убиени или земени како заложници може да се зголеми.
Бајден на состанокот, според Франс прес, рекол и дека бара од Израел да го почитува „законот на војната“ во одговорот на нападот на Хамас.
„Едно нешто што му кажав (на израелскиот премиер) е дека е многу важно Израел, со сиот гнев и фрустрација, да дејствува во согласност со законот за војна“, рече Бајден.