Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен изутринава отпатува за главниот град на Украина, Киев, каде што ќе се сретне со претседателот Володимир Зеленски. Таа е придружувана од шефот за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел.
Фон дер Лајен со воз тргна од малиот јужен полски град Пжемисл, на само 13 километри од украинската граница. Воздушниот простор над Украина е затворен поради војната.
Фон дер Лајен ќе биде првиот западен лидер што ќе ја посети Украина откако во последните денови беа разоткриени злосторствата во киевското предградие Буча.
Во средината на март премиерите на Полска, Словенија и Чешка отпатуваа за Киев со воз. Минатата недела претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола го посети градот.
Претставниците на 27-те земји на ЕУ доцна синоќа дадоа поддршка за нов пакет санкции, вклучително и забрана за увоз на јаглен, дрво и вотка, изјавија извори за ДПА.
Највисоките функционери на ЕУ рекоа дека на крајот може да следи целосна забрана за увоз на фосилни горива доколку Русија продолжи со војната против Украина.
За да стапат во сила новите санкции, тие мора да бидат објавени во Службениот весник на ЕУ. Овој чекор се смета за формалност и се очекува да биде завршен денеска.
Изворите на ДПА велат дека имало несогласување меѓу членките на ЕУ околу тоа дали ембаргото за јаглен треба да стапи во сила за три или четири месеци. На крајот, на барање на земјите, вклучително и Германија, земјите-членки се одлучија за четири месеци.