На 03.10.2023 во 14.15 часот на бул.„Крсте Мисирков“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје го лишиле од слобода К.М.(21) од Скопје. Тој бил баран по централна потерница врз основа на наредба на Основен кривичен суд Скопје за издржување казна затвор од една година за сторено кривично дело „кражба“ по член 235 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на казната.
На 03.10.2023 во 06.45 часот на подрачје на Ѓорче Петров, од полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода М.Ј.(31) од Скопје. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и прашкаста материја. За настанот бил известен јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Денеска (04.10.2023) полициски службеници на Единицата за брзо распоредување во подножјето на планинскиот врв Стрижак на планината Јабланица го лишиле од слобода албанскиот државјанин Ф.Н.(41), затекнат при нелегална сеча на шума, поради што се сомничи дека сторил кривично дело „пустошење на шума“, казниво по член 226 од Кривичниот законик. При преглед на теренот, била пронајдена и локацијата каде што исечените дрва биле складирани и подготвени за транспорт, каде бил затекнат на И.Б.(50) од с.Велешта, струшко, со патничко возило „ауди“, а на местото биле пронајдени околу 25м3 дрва, багер, пили, секира и други предмети поврзани со кривичното дело. Двете лица се приведени и ќе бидат предадени во полициска станица за понатамошна постапка, а по документирање на случајот против нив ќе следи соодветна пријава.
На 03.10.2023 во 19.40 часот на подрачјето на Ѓорче Петров, полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје ги лишиле од слобода Д.П.(20), Д.М.(19) и двајца малолетници, сите од Скопје. При претрес во домот на Д.П., извршен со судска наредба, во кој биле затекнати Д.М. и двајцата малолетници, биле пронајдени и одземени прашкаста материја, семки од растението канабис и дигитална вага, додека кај еден од малолетниците била пронајдена и одземена прашкаста материја. За настанот бил известен Јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
По преземени мерки и активности, на 03.10.2023 во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.А.(18) од с.Студеничани, скопско, кој беше баран по централен распис. Тој се сомничи дека на 28.08.2023 околу 04.00 часот на ул.„Градиште“ во Стара чаршија во Скопје заедно со малолетник од с.Моране, скопско, предизвикале пожар во угостителски објект. Малолетникот претходно беше лишен од слобода, а во домовите на двајцата беа извршени претреси, при што во домот на малолетникот беа пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело. Од Единицата за насилен криминал – Одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје против двајцата беше поднесена кривична пријава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешки дела против општа сигурност” во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност”. Б.А. е изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор во времетраење од 30 дена, по што бил спроведен во Казнено – поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката притвор.
На 03.10.2023 во с.Прибилци, демирхисарско, полициски службеници од ОВР Демир Хисар го лишиле од слобода Љ.В.(57) од с.Прибилци. При преглед во неговото патничко возило биле пронајдени и одземени три ловечки пушки, три ловечки патрони 12 мм и други предмети. Лицето било приведено во полициска станица и по документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава по член 228 од Кривичниот законик.
На 03.10.2023 во 11.00 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници го лишиле од слобода е A.K.(63) од Република Турција, кој управувал патничко моторно возило „дачиа“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на лизинг компанија од Скопје. При пасошка контрола и увид во документите било констатирано дека договорот за користење на возилото бил фалсификуван. Лицето било предадено на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка.
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (03.10.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 226 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 19 санкции, 14 мерки за возење без возачка дозвола, 14 санкции за прекршоци што ги прават возачите на мотоцикл, 12 мерки за користење на мобилен телефон при управување возило, седум санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло…
На 03.10.2023 на подрачјето на СВР Штип била спроведена акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 12 прекршоци, од кои 9 во населено место и 3 надвор од населено место. Санкционирани биле и 19 други видови на прекршоци, од кои 7 за управување возило без возачка дозвола, 1 за технички неисправно возило, 3 за нерегистрирано возило, 2 за возач почетник, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 1 за некористење на сигурносен појас и 4 за непрописно паркирање.
На 03.10.2023 околу 16.15 часот во Полициската станица Струга било пријавено дека на регионалниот пат во с.Велешта, струшко, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „опел астра“ со ресенски регистарски ознаки, управувано од С.К.(61) од с.Долно Дупени, ресенско и мотоцикл „хонда“ без регистарски ознаки, управуван од А.И.(30) од с.Велешта, по што мотоциклот удрил во паркирано патничко возило „фолксваген кеди“ со струшки регистарски ознаки, сопственост на Х.Х.(66) од с.Велешта. По несреќата, мотоциклистот А.И. бил пренесен во болницата „Св.Еразмо Охрид“ каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Увид на местото на несреќата извршила екипа од Полициската станица Струга.
На 03.10.2023 во 10.30 часот во Полициската станица Карпош, П.П.(78) од Скопје пријавил дека на ул.„Иван Цанкар“ бил каснат од куче скитник.
На 03.10.2023 во 12.15 часот во СВР Тетово било пријавено дека на улица „Никола Парапунов“ во Гостивар, патничко возило „даеву матиз“ со гостиварски регистарски ознаки, управувано од 66-годишниот гостиварец Г.Ѓ., удрило во електричен тротинет што го управувал 40-годишниот гостиварец У.К.. Во несреќата, У.К. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во гостиварската Општа болница „Ферид Мурад“, каде бил пренесен за укажување на лекарска помош. На местото на несреќата увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.
На 03.10.2023 во 18.00 часот во Полициската станица Карпош, Б.К.(79) од Скопје пријавила дека на ул.„Иван Цанкар“ била касната од куче скитник.
На 03.10.2023 во 09.30 часот во Полициското одделение Шуто Оризари, С.Џ.(64) од Скопје пријавил дека на ул.„Овчеполска“ бил каснат од куче скитник.