Судскиот совет на денешната седница ги констатираше оставките, односно престанокот на мандатот на членовите Мирјана Радевска-Стефкова и Зоран Герасимовски.
Врховната судијка Радевска-Стефкова изјави дека од кога е член на советот имала определени моменти на разидување во однос на заземените ставови на оваа институција. Како пример ги издвои одбивањето на Судскиот Совет да ги достави списите до Врховниот суд како и првите постапки кои што беа водени од страна на Судскиот совет во однос на избор на судии во повисок суд.
– Потоа следуваше седницата во април кога дојде до разрешување на претседателот (Весна Дамева) кое според мене е незаконито. Мене ми пречеше што таа одлука е дадена без образложение, затоа што сметам дека Судскиот совет сите свои одлуки треба да ги образложи. И последно, тоа се состојбите со меѓучовечките односи што се нарушија во овој совет, што мислам дека претставува пречка за нормално функционирање. Мислам дека ова ќе биде предмет на разгледување за понатамошно подобрување на состојбите и подобро работење – посочи Радевска-Стефкова.
Апелацискиот судија Герасимовски за својата оставка истакна дека во Советот дошол со определена идеологија, но, како што рече, наишол на идеолошки несогласувања со дел од Советот.
– Имајќи ги предвид последните превирања, сметам дека треба да си поднесам оставка од проста причина што сметам дека поголем придонес ќе дадам како судија во Апелацискиот суд во време кога сите судови се пренатрупани со предмети, отколку како член на Судскиот совет – дополни тој.
Герасимовски посочи дека и покрај тоа што дава оставка, како што рече, смета дека „овој состав на Судскиот совет има капацитет да се справи со сите предизвици кои што стојат пред него и да го доведат Советот онаму каде што му е местото“.
На местото на судиите Герасимовски и Радевска-Стефкова на непосредни избори треба да бидат избрани нови членови на советот – еден од Врховен и еден од подрачјето на Апелацискиот суд Скопје.
Покрај двете оставки, на денешната седница беше констатирана и оставката на заменик-претседателот Селим Адеми кој важеше за предводник на процесот на разрешување на Дамева. Тој си даде оставка само како заменик-претседател, но останува член на Советот.
На негово место, за нов заменик-претседател денеска беше избран судијата Ханиф Зендели.