Четиринаесетгодишниот Михаил приведен за убиство на Македонецот Игор Николовски во Сончев Брег, Бугарија, имал криминално досие. Против него е поведена предистражна постапка за разбојништво и за кражба, соопштија истражителите во Бургас, по информацијата за бруталното убиство на 49-годишниот Николовски.
Како што пишуваат бугарските медиуми, убиецот и Македонецот не се познавале.
– Тие оствариле контакт на улица. Според податоците, имало некаков аранжман за сексуален контакт. Тие заминале на местото на злосторството. Жртвата е убиена со удар со колец – изјави директорот на полицијата во Бургас, Калојан Калојанов.
– Момчето изјави дека било повикано од македонскиот државјанин за секс, но дека се предомислило – рече надзорниот обвинител Иван Кирков.
– Тие отишле до шумата, но момчето потоа сакало да си замине. Убиениот се налутил, го повлекол Михаил кој во своја одбрана зел колец и го удрил Игор неколку пати по главата по што се оддалечил. Ја сокрил информацијата дека ги зел парите – прецизираше обвинителот.
Другиот можен мотив за злосторството е ограбување на жртвата, на која ѝ недостасува и мобилниот телефон.
– Недостасуваат 1.800 лева. Утврдено е дека дел од нив е искористен за раздолжување во заложна куќа. Со останатото, сторителот си купил работи – додаде тој.
14-годишното момче имало криминално досие, бидејќи било обвинето за грабеж на Украинец во септември 2022 година од кого украл златен накит.
Малолетникот е обвинет за убиство по член 115 од Кривичниот законик, но можно е по завршување на судско-медицинскиот преглед, пријавата да биде преквалификувана во посериозна – по член 116 од Кривичен законик за сторено убиство за профит, објаснија од обвинителството.
– Во најмала рака, доста вознемирувачки е што сторителот има само 14 години. Не случајно за малолетниците кои не наполниле 16 години, законодавецот предвидел многу полесни казни, а мерката „притвор“ се применува само по исклучок за таквите лица – коментира обвинителот Кирков.
За убиство бугарскиот закон предвидува затвор од 10 до 20 години, но бидејќи сторителот е малолетник, Михаил може да добие најмногу 5 години. Момчето е од семејство со низок социјален статус. Неговите родители се општи работници.
Убиенот Николовски работел за бугарски бизнисмен. Во текот на зимата престојувал во Банско, а пред неколку дена се сместил на Сончев Брег за летната сезона.
Во Полициската станица Несебар во вторникот на 25 април е поднесена пријава за исчезнатиот Македонец. Веднаш е започната потрага, констатирано е дека тој се движел низ одморалиштето со малолетно момче кое живее на Сончев Брег. Додека траел претресот, полицијата добила дојава за пронајдено тело во областа Сончев Брег. Најверојатно Македонецот е убиен на 22 април, велат бугарските истражители.