15.9 C
Ohrid
Tuesday, September 27, 2022

16 отсто се премногу, сиромашните нема да го издржат шокот оваа зима

НАЈЧИТАНО

Партијата Левица бара итна оставка од Владата поради, како што велат, „дегенеративната инфлација“ од 16 отсто која може да стане и трицифрена. Тие обвинуваат дека Владата е неспособна да ја реши кризата и ја поминува на грбот на сиромашните. Се вели и дека цената на парното со досегашните поскапување е покачена за 14,5 отсто и дека шокот претстојната зима сиромашните во земјава нема да можат да го издржат. Се бара и воведување на прогресивен данок кој, според партијата, владата нема храброст да го воведе.

Во прилог го пренесуваме соопштението:

„Дегенеративната економска политика на Владата во текот на општата кризна состојба во која се наоѓаме, проткаена со корупција, криминал и врски помеѓу политиката и олигархијата го носат народот до питачки стап и егзистенцијално загрозување.

Доколку оваа Влада, која нема храброст да воведе прогресивен данок и сите кризи ги поминува преку грбот на сиромашните, не се распушти, пред нас претстои непосредна хуманитарна криза од погубни пропорции.

Досегашната приватизација на јавниот сектор и полнењето на буџетот преку надворешни задолжувања и домашен конзумеризам, наместо преку даночна реформа и национализација на клучни сектори, ја отсликува реалноста за нашата економија која има неодржлив модел без способност за амортизација на последиците од светски случувања.

Сепак, најголемото зло во нашето општество, корупцијата на ненаситната политичко-економска елита, е најголемиот угнетувач на економското достоинство на народот. Додека не се реши нивната алчност, која ја штитат со политичка моќ, ќе живееме мизерно!

Ниската и стабилна инфлација, е предуслов за одржлив економски раст, отворање нови работни места и заживување на економијата. Само со стабилни цени, имотот ја одржува својата вредност низ годините, куповната моќ на граѓаните не се намалува и економијата во целост се движи напред. Ценовната стабилност и предвидливиот амбиент се основни предуслови за економски развој.

Владините „експерти“ тврдеа дека ќе имаме умерена едноцифрена инфлација. Неуспешните и задоцнети антикризни мерки и последователното одмрзнување на цените во јули, ни укажуваат на неспособноста на оваа власт. Сега, и ударот е многу посилен со повторно зголемување на цената на електричната енергија во јули, а од авуст и цената на парното е веќе повисока за 14,5 отсто, иако не се испорачува топлинската енергија и за ова покачување нема економска оправданост, освен создавање на профит.

„Експертите“ предвидуваа дека во третиот и четвртиот квартал инфлацијата ќе почне да се намалува, но таа и понатаму забрзано расте и во јули, годишната стапка на инфлација изнесува 16 отсто со тенденција да галопира и да се претвори во најопасната форма на инфлација, а тоа е троцифрена, или хиперинфлација, која ќе предизвика несигурна средина и општа мизерија.

Владата ништо не презема за да ги намали инфлаторните притисоци, а пред донесување на ребалансот ветуваше дека со неговото усвојување ќе започнат и антикризните мерки за кои има предвидено приближно 200 милиони евра.

Цените беснеат и слободно се формираат на пазарот, не постои никаква државна интервенција и овој ценовен шок сè повеќе го зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните, затоа што порастот на трошоците за поголемиот дел од граѓаните изнесува една третина од нивната плата.

Антикризни мерки беа потребни уште на почетокот на годината, но, ако не се воведат веднаш, безимотните, сиромашните и работниците нема да го издржат овој ценовен шок. Цените постојано се зголемуваат и јасно е дека со идни мерки тие нема да се намалат“, се вели во соопштението на Левица.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img

СПОРТ

[popmake-52754]

НАЈНОВО