More

    Ќе падне ли договор без национално предавство?

    spot_img

    Можен ли е напредок во преговорите на Комисијата за историја, а без притоа да се погази националната гордост на Македонците? Ова прашање се наметнува по изјавата на бугарскиот премиер Кирил Петков, кој вчера истакна дека е задоволен од тоа како се одвива работата на заедничката историска комисија на Македонија и на Бугарија, каде наводно е направен значителен напредок во приближувањето на ставовите на историчарите, кога се во прашање повеќе историски личности.

    Од наша страна нема никаква изјава од официјално лице која ќе ја потврди изјавата на Петков, но телевизијата Сител вчера објави дека во Комисијата навистина е направен напредок за неколку историски личности.

    – Од македонскиот тим за Сител велат дека јавноста в петок ќе дознае дали има суштински напредок, додека од бугарска страна ни рекоа дека не е јасно, што точно има предвид изјавата на Петков. Доколку навистина нашле заеднички јазик, ова ќе биде прв пат по неколку години Комисијата да постигне напредок во работата. Во 2019-тата, бугарските и македонските исоричари постигнаа делумен консензус за цар Самоил, но во последниот период заглавија на прашањето како тој ќе биде претставен во учебниците во основно образование. Покрај за средновековниот цар, на самиот почеток на работата на Комисијата историчарите постигнаа делумен договор за свети Наум, свети Климент и светите браќа Кирил и Методиј. Детали не беа соопштени, но во предвид беше нивното заедничко чествување – меѓу другото беше потенцирано во прилогот на ТВ Сител.

    Откажување од значајни личности на македонската историја?

    За тоа дали е возможно да се дојде до приближување на ставовите на историчарите во заедничката комисија, а без притоа да се загрозат националните интереси на Македонија, мислење побаравме од историчарот Стојко Стојков, кој е и лидер на ОМО Илинден, организацијата на Македонците во Бугарија. Тој вели дека во моментов не располага со доволно податоци, но во исто време е тешко да се поверува дека бугарските историчари во Комисијата би се согласиле со какви било отстапки.

    – Многу е тешко да се коментира без да се знае нешто поконкретно. Но при сегашниот состав на бугарскиот дел на Комисијата одговорот е поскоро не. Освен ако се работи за некои поневажни и за двете страни личности, колку да се демонстрира некаков напредок – вели Стојков во изјава за Плусинфо.

    Мислење побаравме и од еминентниот македонски историчар Тодор Чепреганов, кој вели дека Декларацијата на Бугарија изгласана во тамошното Собрание, јасно вели дека македонски народ и македонски јазик не постојат. Па илузорно е да се мисли дека Петков или, пак, некој член на комисијата од бугарска страна би направил какви било отстапки.

    – Сè додека Бугарите не ја укинат Декларацијата со која се врамени односите со Македонија, нема да има никакво приближување во ставовите. Таму јасно пишува дека Бугарија не признава македонски народ и јазик. Петков нема да мрдне ниту јота од тоа што го пишува во Декларацијата. Затоа сметам дека приближувањето на ставовите ќе ги загрози македонските национални интереси, а бугарските секако не. Очигледно е дека нè подготвуваат во моментов, за тоа што имаат намера да ни го кажат в петок – вели Чепреганов.

    И Бугарите се плашат од предавство

    Изјавата на бугарскиот премиер очигледно дека ја вжешти и онака жешката преговарачка позиција меѓу две земји, па реакции доаѓаат и од условно речено другата страна.

    Европратеникот Андреј Ковачев, кој е добро познат по неговите антимакедонски ставови, вели дека Петков е апсолутно неподготвен, не ја разбира темата, очајнички е површен и е подготвен да изврши национално предавство.

    – За каква експедитивност од бугарска страна говори Петков? За какви малцинства говори тој човек? Какви меморандуми ќе потпишува? Каков напредок има историската комисија? Министерството за надворешни работи учествува ли во преговорите или е изолирано? Кој воопшто „преговара“? Само празни приказни, но тој човек може да ѝ направи огромна штета на нашата татковина за многу долго време! Категорично не треба да го дозволиме тоа предавство – вели Ковачев, кој смета и дека властите во Скопје станале премногу дрски, бидејќи Петков им ветил дека ќе ги внесе во ЕУ.

    За националниот интерес на Бугарија стравува и ГЕРБ, партијата на поранешниот премиер Бојко Борисов.

    – Премиерот Петков има некаква лична агенда, и во однос на Република Северна Македонија е подготвен да помине преку бугарскиот национален интерес, да го гази, само и само за да ги исполни преземените обврски. А тој е должен да се усогласи со одлуките на парламентот, со Рамковната позиција и со позицијата на Консултативниот совет за национална безбедност. Јас сум убеден, дека ако тој тргне да оди во насока што противречи на тие веќе донесени и јасни рамковни позиции, тој ќе се сретне со отпорот, не само на опозицијата, туку и на неговите коалициски партнери – вели заменик-претседателот на ГЕРБ, Даниел Митов, кој е член на собраниската Комисија за надворешна политика и поранешен министер за надворешни работи.

    Наредните недели се клучни

    Изненаден од изјавата на Петков е и поранешниот македонски премиер Владо Бучковски, кој до неодамна беше специјален претставник на македонската Влада за Бугарија.

    – Изненадувачки делуваше оптимистичката изјава што ја слушнавме од бугарскиот премиер, имајќи го предвид саботниот брифинг на министерот Османи, во кој порача дека има одредено приближување на ставовите, но ништо повеќе од тоа. Внимателноста на Османи е врз основа на преговорите за пакетот „4+1“, а оптимизмот на Петков е врз основа на наводниот напредок на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Тие, според достапните информации, на претходната средба дискутираа за хармонизација на учебниците. Ако има напредок тоа би требало да биде за цар Самуил. Во вакви околности кога војната во Украина и последиците од неа наметнуваат ургентност во затворањето на билатералниот спор, клучни ќе бидат следните неколку недели – вели Бучковски за „Дојче веле“.

    Тој смета и дека состојбата во Бугарија е драстично сменета по апсењето на Борисов, по што ставовите на ГЕРБ по ова, но и по сите други прашања станаа ригидни и од опозицијата немаат намера да соработуваат со владините претставници за ништо.

    Резултатот од работата на Комисијата за историја на Македонија и на Бугарија е клучен во севкупните преговори што се водат меѓу двете земји, со цел да се симне бугарското вето испречено на европскиот пат на Македонија.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img