More

    Ѓубривата поскапеа 300%, ќе се преполови производството на храна

    spot_img

    Вештачките ѓубрива стануваат проблем за земјоделците. Цената на овој производ е зголемена за 300 отсто и многу тешко е да се набави бидејќи поради санкциите за војната во Украина, Русија го запре извозот на ѓубрива и на репроматеријали потребни за нивно производство. Земјоделците бараат владата да направи нова анализа на цените и да одобри повисок процент на поддршка во цената на ѓубривата.

    Дистрибутерите на овие ѓубрива во земјава велат дека имаат потешкотии да ги набават потребните количини на ѓубрива не само поради запрениот извоз во дел од соседните држави, туку и поради високата набавна цена која дневно осцилира, а тие немаат финансиска сила да ја следат.

    Владата го знае проблемот и затоа вчера одобри 2 милиони евра интервентни пари за субвенционирање на ѓубривото кај земјоделците.

    Претседателот на асоцијацијата на земјоделци Петре Стојкоски вели дека и да го има ѓубривото со сегашните цени тешко дека некој земјоделец може да обезбеди потребни количини ѓубриво за прихранување на посевите. Земјоделците немаат пари да излезат на крај со сите трошоци, бидејќи нивните приходи се ниски како резултат на ниските откупни цени.

    – Ѓубриво тешко може да се набави во овој период, а и да го има цените се високи па земјоделците не можат да ги набават потребните количини. Една вреќа ѓубриво од 50 килограми годинава зависно од видот на ѓубривото и производителот се движи од 2.600 денари до 3.200 денари. За прихранување на 1 хектар земјоделска површина просечно се потребни по 250 – 300 килограми ѓубриво (5 до 6 вреќи) што во паричен износ е од 13.000 до 16.000 денари (за 5 вреќи). Ова за земјоделецот е премногу, бидејќи не располага со толку пари. Тоа значи дека ќе бидеме принудени да ги намалиме потребните количини за ѓубриво, што, пак, ќе се одрази на приносите и се разбира на она што ќе го добиеме по продажбата на производот – вели Стојкоски.

    Тој смета дека е добра мерката на владата да субвенционира дел од парите потребни за набавка на минералните ѓубрива, но смета дека 25 отсто од цената на ѓубривото во услови на олку високи цени е малку.

    – Кога се правеа пресметките 25 отсто беше добар процент, но тогаш и цената на ѓубривата беа пониски. Сега цените се високи, па барам Министерството за земјоделство уште еднаш да направи анализа на цените и да помага со 30 отсто од цената на ѓубривото. Со оваа мерка владата сега субвенционира близу 1 вреќа ѓубриво на потребните 5 или 6 вреќи за прихранување на еден хектар. Владата по хектар дава по 2.500 денари – додава тој.

    Дистрибутерите на вештачки ѓубрива велат дека поради запрениот извоз од Русија, но и поради претходното зголемување на цените на репроматеријалите кои се користат во производството на ѓубривата, тешко оди набавката на ѓубрива.

    – Цената на вештачките ѓубрива годинава е зголемена за 300 отсто и секојдневно варира, но проблем е тоа што набавката е отежната поради запрениот извоз од Русија, а извозот го намали и Бугарија. Ние набавките ги вршиме од грчка компанија, но земаме во мали количини бидејќи цената е висока. За споредба, ако лани за еден камион сме плаќале по 7.000 евра сега треба да платиме 25.000 евра, а не знаеме дали ќе го пласираме набавеното бидејќи и продажната цена на ѓубривата е повисока од лани – вели Никола Ѓероски, сопственик на компанија „Биспромет“ од Битола која врши дистрибуција за Југозападна Македонија.

    Владата вчера одобри 2 милиони евра од интервентниот фонд за исплата на дополнителна субвенција за минерални ѓубрива за земјоделците.

    – Според анализите, поради регистрираниот пораст на цените на вештачките ѓубрива земјоделците ќе добијат поддршка од 2.500 денари по хектар за направен трошок за набавени вештачки ѓубриња и тоа во количина најмалку од 200 килограми по хектар. Оваа мерка е наменета за производителите на пченица и јачмен, како најзначајни стратешки култури. Корисници на оваа подмерка се земјоделците кои во производната 2021/2022 година имаат засеани површини со пченица и јачмен – информира министерот за земјоделство Љупчо Николовски.

    Според одлуката на владата, услов за користење на оваа финансиска поддршка е при поднесување на барањата за субвенции, физичките лица да приложат фискална сметка со пропратен документ за идентификација за припадноста на фискалната сметка (сметкопотврда или испратница) каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми, а правните лица ќе треба да приложат фактура со испратница каде е назначен видот на вештачкото ѓубре и количината изразена во килограми вклучително и доказ за извршено плаќање по фактура односно уплатница или извод од банка. Рокот е ограничен на периодот 1. декември 2021 – 30. април 2022 година.

    Дека цената на ѓубривата ќе расте предупреди и Светска банка лани кога цената на репроматеријалите за производство на минерални ѓубрива скокна за 40 отсто, но тогаш банката не претпостави дека на овој проблем ќе му се надоврзе и војната во Украина и санкциите против Русија. На проблемот предупредуваат и производителите на ѓубрива.

    Сверин Торе Холсетер, шеф на една од најголемите компании за ѓубрива Yara International, која работи во повеќе од 60 земји, купува значителни количини основни суровини од Русија, деновиве изјави дека цените на ѓубривата се веќе високи поради зголемените цени на природен гас на големо.

    Според него, ситуацијата може да се влоши уште повеќе бидејќи „работите се менуваат од час во час“.

    – Веќе бевме во тешка ситуација пред војната, а сега синџирите на снабдување се дополнително нарушени. Сега се приближуваме до најважниот дел од оваа сезона за северната хемисфера, каде што треба да се испорачаат големи количини ѓубрива, а со ова веројатно ќе биде погодено – вели тој.

    Русија и Украина се меѓу најголемите светски производители на земјоделски производи и прехранбени производи. Русија, исто така, произведува огромни количини на супстанци како што се калиум карбонат и фосфат, кои се клучни состојки во вештачките ѓубрива кои овозможуваат раст на посевите и културите. Околу една четвртина од клучните хранливи материи што се користат во производството на храна во Европа доаѓаат од Русија.

    – Половина од светското население добива храна од вештачки ѓубрива, а ако тие недостасуваат на теренот, приносот на некои култури ќе падне за 50 отсто – вели тој.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img