More

    Што мисли Ковачевски за вчерашната средба кај Рама?

    spot_img

    Листата за санкции или т.н. „Црна листа” не била тема на средбата утрово во Владата со советникот на Стејт департментот Дерек Шоле. Се разговарало за енергетската безбедност, справувањето со економската криза, претседавањето со ОБСЕ, евроинтеграциите и за борбата со корупцијата и владеењето на правото, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

    Тој на новинарско прашање по посетата на компанијата „Пекабеско”, појасни дека тоа е активност која што ја спроведуваат САД во рамки на нивната Стратегија за борба против корупцијата објавена од страна на американскиот претседател, во која се точно наведени активностите коишто се преземаат во однос на владеењето на правото и борбата против корупцијата како во САД така и во држави коишто се нивни партнери, како што е и Македонија.

    – Ние сме земја партнер на САД и таа црна листа, односно листа за санкции е насочена токму кон лица коишто работат спротивно на практиките на добро владеење, меѓутоа и коишто го попречуваат патот кон целосно демократско општество во државите партнери на САД, а кај нас се однесува на интеграција во ЕУ, владеењето на правото и целосното владеење на демократијата во државата. Американските истражители беа во државава, меѓутоа нивната работа предвид ја имаат американските органи со коишто ние сме практично во партнерски односи и со кои имаме стратешки дијалог – подвлече Ковачевски.

    Клучен момент за регионот

    Премиерот истакна дека ова не е негова прва средба со високиот претставник од Вашингтон којшто денес беше во Скопје, но оцени дека е навистина значајна бидејќи доаѓа во еден клучен момент за регионот, меѓутоа воопшто и за Европа со оглед на војната која што се води во Украина и со оглед на тоа дека ние сме држава која претседава со ОБСЕ. 

    Во контекст на борбата против корупцијата и владеењето на правото, било разговарано за напредокот којшто е направен во изминатите години и на предизвиците за државата да ја оствари целта за врвно владеење на правото на ниво на ЕУ како аспирант за членство во Унијата во 2030 година.

    – Ние сме држава којашто има стратешки договор и стратешки дијалог со САД и во рамките на тој стратешки дијалог, за кој следниот состанок ќе се одржи во првата половина на оваа година, исто така ќе бидат присутни и овие теми коишто се во делот на унапредување на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Разговаравме за напредокот којшто е направен во овој дел во текот на изминатата година и изминатите години со напредувањето на државата на меѓународните рангирања во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, но и на сѐ она што претстои пред нас со цел да може да имаме врвно владеење на правото, како што го имаат земјите од ЕУ, каде што впрочем и ние ќе станеме членка еден ден. Планот е тоа да биде до 2030 година – рече премиерот Ковачевски.

    Што со уставните измени?

    Со Шоле разговарале и за европскиот пат на државата, за големото значење на политичката стабилност во земјава и на спроведувањето на сите реформи, носењето на одлуки коишто значат интегрирање на државата во ЕУ и за уставните измени.  

    – Секако дека разговаравме и за уставните измени со оглед на тоа дека уставните измени се една од одлуките која што ќе треба да биде донесена до полноправното членство на државата во ЕУ. САД од самиот почеток на нашата независност, значи веќе 31 година се наш стратешки партнер и секогаш сме имале поддршка од нив при носењето на сите вакви одлуки. Така беше и со отпочнувањето на преговорите со ЕУ, така беше со зачленувањето во НАТО, така е и со непреченото одвивање на преговорите со ЕУ – потенцира Ковачевски.  

    Меѓу клучните теми на кои што разговарале со советникот на Стејт депртаментот е и справувањето со економската и енергетската криза во текот на носењето на сите мерки, меѓутоа и во текот на обезбедувањето на се што е потребно за непречено снабдување со електрична енергија со субвенционирани цели, за што вели, имавме голема помош од САД и конкретно од Шоле.  

    – Продолжуваме и понатаму со таа соработка, меѓутоа и со сите мерки коишто се предвидени во Буџетот за 2023 година, како и со активностите за енергетска трансформација и за енергетското осамостојување на Северна Македонија, која што во изминатите 30 години не било на маса на политичарите во државата – рече претседателот на Владата.  

    За претседавањето со ОБСЕ каде што, вели премиерот, ние имаме исклучително значајна улога како земја која што претседава и тоа во исклучително сложени услови во Европа, а високо на агендата на нашето претседавање ќе биде војната во Украина.

    Тој најави дека по претставувањето на нашите приоритети оваа недела во Виена од страна на шефот на дипломатијата и неговата посета на Киев и тој ќе ќе оди во прва посета на Украина, во наредните 30 дена на средба со претседателот Зеленски.

    За средбата во Тирана

    Секој разговор на човек докажан пријател и евроатлантист кој го има со политички чинители од нашата држава во насока на градење пријателство и добрососедство, во насока на задржување на курсот на европските интеграции за целиот регион, јас го сметам за позитивен и добредојден со оглед на тоа дека во нашиот регион постојат два концепти, изјави Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање за синоќешната средба на премиерот на Албанија Еди Рама со претставници на партиите на Албанците во земјава.

    Ковачевски вели дека едниот концепт го предводи тој, Рама и други премиери, а тој е европска интеграција на целиот регион, додека другиот концепт го предводат политичари кои сметаат дека овој регион не треба да биде интегриран во ЕУ. Премиерот Ковачевски, како што кажа тој и Рама, тоа го сметаат за погрешно, а тие политичари не понудиле алтернатива.

    – Меѓутоа тие политичари никогаш не понудија ниту алтернатива ниту докази дека такво нешто може да функционира и дека може да го однесе регионот во подобар живот – рече премиерот.

    Затоа, како што вели, пораките од состанокот во Тирана се токму во насока на евроинтеграциските процеси.

    – Затоа сметам дека пораките што исто така беа испратени по состанокот од страна на лидерите кои беа во Тирана се токму во таа насока, а тоа е непречено одвивање на европските интеграции на Северна Македонија и нормално непречено одвивање на европските интеграции на Република Албанија со која, да не заборавиме, заедно ги отпочнавме пртеговорите со ЕУ – рече Ковачевски.

    Премиерот на Албанија Еди Рама е докажан пријател на нашата држава, потенцира премиерот, посочувајќи исто така дека Рама е претседател на социјалидемократите во Албанија и е докажан евроатлантист, човек кој во секое свое излагање и работење секогаш се водел од принципот на интеграција на целиот балкански регион и особено Западен Балкан во НАТО и во ЕУ.

    – Сите негови јавни изјави се насочени во таа насока. Втора работа што треба да се истакне е дека премиерот Рама и јас како претседател на нашата Влада, меѓутоа и како претседател на СДСМ сме дел од партијата на европски социјалисти во Брисел и исто така премиерот Рама ја имаше мојата целосна поддршка кога минатиот месец кога беше избран за потпретседател на Социјалистичката интернационала, како потпретседател на шпанскиот премиер Педро Санчез. И тој негов успех како премиер на Албанија јас го сметам како успех на целиот регион на Западен Балкан и исто така при изборот на госпоѓа Радмила Шекеринска како потпретседател на партијата на европските социјалисти, ние ја имавме поддршката од партијата на господинот Рама – рече Ковачевски.

    На неформалната вечера со албанскиот премиер Еди Рама синоќа во владината вила во Тирана  присуствуваа Али Ахмети од ДУИ, Арбен Таравари од Алијанса за Албанците, Мендух Тачи, ДПА и Африм Гаши, Алтернатива. Од поканетите не присуствуваше само Билал Касами од Движењето БЕСА.

    Со  Рама беа и министерката за Европа и надворешни работи Олта Џачка, координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија Таулант Бала и генералниот секретар на партијата Дамијан Ѓикнури.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img