More

    Хотелите и кафеаните ќе увезуваат кадар од странство

    spot_img

    Обучениот кадар од угостителството и од туризмот ја напушта земјава, а домашните хотелиери и угостители се обидуваат преку увоз на работници од странство да ги пополнат работните места. Но, како што велат, проблем им се домашните закони кои не дозволуваат увоз на странци и нивно вработување како да се домашни државјани. Проблемот се актуализира повеќе години со ред, но нема конкретна реакција од институциите. Последните податоци се дека 20.000 работници се потребни во двата сектора и ако не се дејствува брзо веќе следната година повеќе од половина од фирмите во овие сектори ќе треба да затворат.

    Недостигаат работници во сите сегменти на работа во секторот: готвачи, помошници на готвачи, келнери, собарки, рецепционери, шанкери …

    Новиот претседател на туристичко угостителската комора на сојузот на стопански комори Аркан Керим неодамна изјави дека во соработка со организациите од Туркије, како комора можат да обезбедат 5.000 квалификувани работници кои веднаш ќе почнат да работата во домашните капацитети ,доколку надлежните институции овозможат нивно вработување под условите кои важат и за македонските државјани.

    – Прашањето треба да се реши мошне брзо за да се спречи веќе во март, април следната година да немаме затворање на фирми. Мој предлог е да се размислува на темава бидејќи од Туркије веќе се подготвени овој број на работници да дојдат во земјава и да работат. Увоз на кадар може да се направи и од други земји. На пример во Србија има работници од Куба, Индонезија, Кина … Но, како што реков институциите треба да бидат подготвени да овозможат нивно вработување како домашни државјани. Сега институциите се зафатени со политички проблеми, но тоа не значи дека треба да заборават и на бизнисите кои се обидуваат да го решат проблемот со одлив на кадар – вели Керим.

    Дел од хотелските капацитети ова лето за да го ублажат проблемот вработуваат и обучуваат деца од 14, 16 и 17 години на одделни позиции. Практиката пак покажува дека следната година процентот на вработени деца и необучен кадар ќе се зголеми на 70 отсто.

    – Околу 15 до 20 отсто од вработените се на возраст од 16 и 17 години. Тие секако се вработени како помошен кадар, но за нас тоа е трошок бидејќи на едно работно место, ако досега еден човек ги извршувал работите сега се потребни двајца. Добро е што има интерес од овие деца за работат за што и се платени, се запознаваат со работата и потоа полесно одлучуваат дали ќе останат во секторот, но на ниво на држава мора да договориме како ќе се одвива плаќањето на нивните плати. Со оглед на актуелните состојби очекуваме владата да реагира и да помогне односно да плаќа барем 50 отсто од трошоците за плати на овие деца. Ова наше размислување како асоцијација ќе ѝ го доставиме на владата по завршување на сезоната кога ќе направиме анализа и ќе видиме што друго треба да се промени во регулацијата на нашето работење и решавањето на актуелниот проблем со одлив на кадарот – вели Крсто Блажески, претседател на Асоцијацијата на хотелиери (ХОТАМ).

    И Славе Сирачевски од туристичката агенција „Аурора“ која има хотел во Берово вели дека недостасува кадар со години.
    – За хотелите е загрижувачко што имаме недостиг од обучен кадар главно готвачи и келнери, што битно влијае во квалитетот на услугата бидејќи сме принудени да вработување необучен кадар кој не може да одговори најквалитетно на потребите на гостите што пак влијае на опаѓање на нивото на услугата – вели Сирачевски.

    Тој вели дека високите плати во странство се причина дел од кадарот да заминува на работа надвор од земјава.

    – Ние не можеме да ги дадеме платите за кои заминуваат во странство. Нашиот стандард не може да се мери со тој во Италија, Хрватска или Германија. Таму, па да речеме и во соседна Грција ручекот е 150 евра, а кај нас сметаме со денари. Далеку сме од заработката на хотелиерите во странство и овде – вели Сирачевски.

    Според него, добра е идејата да се увезува обучен кадар од странство, но законите не го дозволуваат тоа.

    – Секој сопственик на хотел за да го одржи нивото и квалитетот на услугата би увезол кадар од странство, но факт е дека нашите закони не дозволува увоз на работници. На овој проблем треба заеднички да поработиме со институциите за да не се доведеме во ситуација да имаме туристи, но да немаме кој да ги услужи – вели Сирачевски.

    Прашавме што планира на овој план министерството за труд и социјална политика кое е задолжено за работничкото законодавство, но не добивме одговори.

    Вработувањето на странци во земјава е регулирано со посебен закон за вработување и работа на странци во кој се предвидени одредени квоти и дозволи за работа.

    Квотата за работни дозволи за странци кои можат да бидат работно ангажирани на територија на земјава до Владата ја предлага министерот надлежен за работите од областа на трудот по предлог на Агенцијата за вработување во соработка со министрите одговорни за соодветните области, согласно со законските прописи, за која свое мислење може да даде и Економскиот социјален совет. Квотата не може годишно да надминува 5% од населението на земјава кое законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика. На работниците им се даваат работни дозволи до 1 година или на неопределено време. Тие се издаваат само за државјани од земји со кои земјава има ратификувани договори.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img