More

    Укинувањето на квотата „20 отсто“ може да предизвика внатредржавни потреси

    spot_img

    Кога пратениците со двотретинско мнозинство ќе го отворат македонскиот Устав за да ги вметнат Бугарите и со тоа ќе исполнат еден од условите што ни ги поставува источниот сосед во замена за добивање датум за членство на земјава во Европската Унија, тогаш ќе биде избришана и формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 отсто од населението“, која произлегува од Охридскиот рамковен договор потпишан во 2001 година.

    Вакви се очекувањата на дел од политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо, особено откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботата јасно потенцираше дека неговата партија нема да се противи на барањата да се тргне принципот на 20 отсто застапеност за проширување на јазичните права на малцинствата.

    Другиот дел на нашите соговорници, пак, предупредуваат дека отворањето во Уставот е опасна работа и дека укинувањето на квотата од 20 проценти би можело да предизвика дестабилизација во Македонија и повторување на конфликтот од 2001 година.

    Неофицијално, засега, ниту Владата, ниту некоја од политичките партии планираат да поднесат предлог за уставни измени до Собранието.

    Опасна работа

    Политичарите коишто предлагаат ново отворање на Уставот и укинување на формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 отсто од населението“ веројатно не се свесни за тоа какви страшни последици би можел предизвика таквиот потег, предупредува поранешниот претседател на Собранието, Тито Петковски.

    Отворањето на Уставот и укинувањето на квотата може да ни донесе дестабилизација на меѓуетничките односи во Македонија.

    Тито ПетковскиПоранешен претседател на Собранието

    – Актуелната формулација од 20 отсто практично е резултат на промените на Уставот во 2001 година, а ако сакате да бидам попрецизен, токму тоа беше причината за конфликтот во 2001 година. Албанците не сакаа да бидат малцинство во Македонија, туку државотворен народ. Затоа, по завршувањето на кризата и со отворањето на Уставот беше одлучено Албанците да бидат етничка заедница која ќе ужива многу поголеми права од другите етнички заедници во земјава, односно да бидат рамноправни со Македонците. Па така, може да се случи Албанците поинаку да го сфатат новото отворање на Уставот и укинувањето на квотите. Смислата на изјавата на Христијан Мицкоски може да се смета за добронамерна само доколку таа се однесува на тоа Албанците да немаат поголеми права од останатите етнички заедници во земјава. Но, ако се однесува на тоа албанскиот јазик да биде официјален јазик на целата територија на Македонија, без разлика на тоа колку Албанци живеат во одредено населено место, тогаш тоа дефинитивно ќе биде проблем – изјави Петковски за Плусинфо.

    Тој предупредува дека новите уставни измени можат да предзвикаат сериозни внатредржавни потреси.

    – Отворањето на Уставот практично претставува Пандорина кутија и тоа може да предизвика меѓуетнички конфликти коишто сега никој од нас не може да предвиди во која насока би се движеле. Отворањето на Уставот и укинувањето на квотата може да ни донесе дестабилизација на меѓуетничките односи во Македонија. Го слушнав лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кога вели оти Македонија сега е поинаква држава од таа што беше во 2001 година. И тоа е точно. Во Македонија сега нема општество на рамноправни граѓани, туку има општество на рамноправни етнички заедници, на колективитет – објаснува Петковски.

    Квотата од 20 отсто требаше да донесе поквалитетен живот, а всушност донесе само блокади, неквалитет и корупција.

    Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

    Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека сега е време да се смени квотата од 20 отсто во Уставот, бидејќи, како што објаснува, на тој начин повеќе ќе се вреднува квалитетот.

    – Апсолутно е добро сега да се направи таа уставна измена и конечно да се отстрани формулацијата за 20 проценти. Кога ќе ги нема квотите, тоа ќе значи дека многу повеќе ќе се вреднува квалитетот. Сметам дека ваквиот потег би им одговарал и на албанските политички партии, особено ако навистина имаат вреден и квалитетен кадар. Ова го велам оти квотата од 20 отсто требаше да донесе поквалитетен живот, а всушност донесе само блокади, неквалитет и корупција. Освен повеќе вработувања по Рамковен, јас не гледам никаков напредок. Дали имаше подобрување на квалитетот на живот во Македонија? Не. Дали се намали корупцијата? Не. Апсолутно никаков позитивен ефект немаше формулацијата, освен, како што реков, вработувањата во државната администрација. Впрочем, сведоци бевме и на безброј блокади поради Бадентер кој мораше да биде вклучен при носењето на одлуките.

    Само внимателно!

    Доколку дојде до бришење на квотата од 20 отсто, процесот треба да се одвива со вклученост на сите политички фактори, односно во ист формат како што се одвиваше услогласувањето на Охридскиот рамковен договор, вели професорот по Уставно право и политички систем, Александар Спасеновски, кој предупредува дека мора да има дијалог без политизација и да се води сметка за тоа сите чинители да бидат рамноправни со одлучувањето.

    – Со оглед на начинот со кој се дојде до ова решение во 2001 година, а тоа е резултат на еден договор помеѓу клучните политички партии со посредство на меѓународната заедница, односно како резултат на еден политички договор склучен по меѓуетничкиот конфликт, сите измени и дополнувања треба да поминат низ истата постапка како таа пред 21 година – рече професорот.

    Александар Спасеновски, професор: Остана едно горливо прашање кое треба да биде разрешено, а тоа е напуштање на таканаречениот „систем на плен“, односно злоупотребувањето на позицијата од страна на определени субјекти во насока на регрутирање на државни службеници, а на сметка на „системот на заслуги“.

    Со Охридскиот рамковен договор, според Спасеновски, земјава направи силен позитивен исчекор во смисла на правичната застапеност на секое ниво, но тоа на што дополнително треба да се работи е на обврските кои произлегуваат од таа правична застапеност.

    – Рамковниот договор почиваше на едно основно начело, а тоа е дека не постојат територијални решенија за меѓуетничките проблеми и дека Република Македонија претставува унитарна држава во којашто се обезбедува полна граѓанска рамноправност за сите граѓани без разлика на нивната етничка припадност. Во таа смисла, сметам дека треба да се пристапува многу внимателно на било какви теми коишто се поврзани со промената на уставниот поредок, особено имајќи го предвид фактот поради што се случија таквите промени во 2001 година. Меѓутоа, остана едно горливо прашање кое треба да биде разрешено, а тоа е напуштање на таканаречениот „систем на плен“, односно злоупотребувањето на позицијата од страна на определени субјекти во насока на регрутирање на државни службеници, а на сметка на „системот на заслуги“, којшто како стандард е присутен во сите европски земји – истакна Спасеновски во интервјуто за Сител.

    Сите се „за“

    Подготвен сум да разговарам за укинување на квотата „20 проценти“, но треба да се размислува и за укинување на Бадентер и на балансерот, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

    – Македонија ја замислувам како држава во којашто ќе се напредува според компетенции според квалитет и според знаење, а не затоа што се дел од некаков процент. Подготвен сум да разговарам за сѐ. Подготвен сум да разговарам и за бришење на процентите, подготвен сум да разговарам и очекувам поддршка и од останатите политички партии за една изборна единица, подготвен сум да разговарам за бришење на Бадентерот, бришење на балансерот. Поради тоа што гледам дека одредени политички субјекти сакаат постепено да го напуштат Охридскиот рамковен договор, тогаш ајде заеднички да создадеме општество коешто ќе го проектираме од денеска па во следните 50 години – истакна Мицкоски.

    Премиерот Димитар Ковачевски, пак, рече дека уставните измени бараат двотретинско мнозинство и ќе се случат тогаш кога ќе има национален консензус.

    – Сите граѓани во оваа држава треба да имаат основа да напредуваат на приватен и на професионален план. Легитимно е да се отпочне процес на уставни измени во кој учествуваат и политички партии и експерти за решение кое ќе биде бенефит за сите граѓани – посочи премиерот.

    Од ДУИ ја поздравуваат подготвеноста на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на формулацијата, при што, велат оттаму, само ќе се утврди фактичката состојба.

    Истиот став го делат и во партијата на Зијадин Села, Алијанса за Албанците, додека, пак, од Движењето Беса на Билал Касами сметаат дека не треба да се меша укинувањето на квотата со Бадентер и со балансерот.

    – Доколку темата за уставни промени се претвори во политичко пазарење како што тоа го предлага Мицкоски, тогаш тој и другите македонски партии треба да бидат подготвени да отворат многу други теми кои би ги унапредиле правата на Албанците на ниво на бинационална држава, бидејќи тоа и се потврди од пописот, така што бројките ја покажуваат оваа општествена реалност на земјата – изјави потпретседателот на Беса, Арјанит Хоџа.

    Ако нема Бадентер, нека има дводомен парламент

    Првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, вели дека ако нема Бадентер, тогаш има дводомен парламент.

    – Ако ме прашувате за отстранувањето на дефиницијата 20 отсто и Македонија да се дефинира како држава со два службени јазици – албански и македонски, тогаш да, јас ќе го поздравам секој политичар кој е подготвен да седнеме и да разговараме на оваа тема. Во однос на другите теми кои ги отворате како што е Бадентер и балансер, ако некој политички чинител има на ум некаков друг механизам кој ќе ја запре мајоризацијата и е поефикасен од Бадентер, тогаш подготвени сме да разговараме. Дури ние имаме и предлог, ако нема Бадентер, да има дводомен парламент – вели Зијадин Села, пренесе ТВ21.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img