More

    Торбешите бараат да бидат внесени во Уставот, побројни се од Бугарите

    spot_img

    Партија за европска иднина бара во нацрт-амандманот за промена на Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија да се внесе уставна категорија „Торбеши“ односно „торбешки народ“. Партијата смета дека торбешката популација во Република Северна Македонија, според своите етнички, религиозни, јазични и културни карактеристики, заслужува посебност и рамноправен статус со останатите етникуми.

    „Со досегашното невклучување на оваа популација во Преамбулата на Уставот е направена неправда спрема голем број од населението, кое по бројност е на трето место во земјата. Сметаме дека со внесување на Торбешите во преамбулата на Уставот, ќе се исправи оваа голема исправаа направена кон оваа голема популација и ќе се создадат и претпоставки за интегрална Република Северна Македонија, која е единствена наша држава. Демократијата и основните човекови права можат да бидат ставени на хартија и во пракса да ги нема, но никогаш нема да ги има во пракса ако не бидат запишани на хартија“ – се вели во соопштението на ПЕИ, чиј претседател е Фиат Цановски, бизнисмен од Струга.

    Во ова свое барање, испратено и до повеќе надлежни државни институции, ПЕИ се повикува на уставно загарантираните норми во македонскиот Устав, како и меѓународните документи, кои Република Македонија ги потпишала, а некои и ги ратификувала, како што се Повелбата на Обединетите Нации, Општата декларација за правата на човекот, Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права, Меѓународната конвенција за укинување на сите облици на расна дискриминација, Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства на Советот на Европа, Европската повелба за регионални и малцински јазици и други.

    „Тргнувајќи од дефиницијата за малцинство прифатена од меѓународните институции, торбешката популација во Македонија ги исполнува сите предуслови за малцински статус, со сите права и обврски што произлегуваат од важечките релевантни правно-политички акти, вклучително и важечките акти во Република Северна Македонија. Торбешката популација во Република Северна Македонија, според своите етнички, религиозни, јазични и културни карактеристики, заслужува посебност и рамноправен статус со останатите етникуми“ – се вели во барањето на ПЕИ.

    Барањето на партијата на Цаноски доаѓа во момент кога е актуелен условот од Преговарачката рамка за преговорите на Македонија со ЕУ, според кој втората, односно првата „вистинска“ меѓувладина конференција, на која ќе се отвори првиот кластер на преговорите, ќе се одржи откако Македонија ќе ги внесе Бугарите во Уставот, како една од етничките заедници, кои засега се водат под категоријата „други“. Освен Бугарите, според најавите од официјално Скопје, во таа прилика во Уставот би нашле место и Хрватите и Црногорците.

    Пописот на населението покажа дека во Македонија 3.504 граѓани се изјасниле како Бугари според етничката припадност. Од нив, 1.519 напишале дека мајчин јазик им е бугарскиот, а останатите како мајчин го навеле македонскиот. Како Хрвати се попишале 2.145 граѓани, а како Црногорци 1.023. Како Египќани се изјасниле 2.406 граѓани, кои исто така бараат да бидат наведени во македонскиот Устав.

    Како Торбеши се изјасниле 4.174 македонски граѓани. Од нив мажи се 2.064, жени се 2.110. Бројот на Торбешите изнесува 0,23 отсто од вкупното население. Истовремено, како Македонци – муслимани се изјасниле 455 граѓани. Од друга страна, 1.187 граѓани според етничка припадност се изјасниле само како Муслимани. Како Горанци (или Горани) се изјасниле 148 граѓани. Гораните се етничка група, која живее во областа Гора, од која дел е во Косово, дел во Албанија и сосема мал дел во Македонија. Главно Горанците се со исламската вероисповест и говорат на горански дијалект. Се поставува прашањето дали сите овие посебни етнички групи треба да бидат навесени во Уставот како засебни, како што се на пописот.

    Внесувањето на Торбешите во Уставот како можност го најави и поранешниот премиер Зоран Заев во март 2021 година, што тогаш наиде на остри реакции од Сојузот на Македонците со исламска религија. Според нив, изразот „Торбеш“ не е ништо друго освен навредлив израз за Македонците со исламска вероисповест.

    – Срамно е да кажете за нас Македонците муслимани дека сме „торбеши“. Тоа не е етничка припадност, туку само провокација и навреда. Македонците со исламска религија се неотуѓив и нераскинлив дел од македонскиот народ, како и Македонците христијани. Муслимани сме пред Бога, а Македонци сме во душа и затоа сме огорчени од манипулациите на Зоран Заев со етногенезата на Македонците со исламска религија. Единственото по кое ние се разликуваме од Македонците е верата, но дали тоа во 21 век треба нас да нè двои од македонското национално ткиво, да нè турка во бездна или во други води? Каде сте слушнале за „торбешки јазик“? Тоа е македонски јазик, кој се негува преку обичаи, фолклор, јазик и култура – реагираше тогаш Исмаил Бојда, почесен претседател на Сојузот на Македонците со исламска религија.

    Според научната класификација, „Торбеш“ е претежно егзоним, термин што за една група го користат припадници на другите народи, без разлика дали со навредлива конотација или не.

    Партијата ПЕИ на Фијат Цановски не смета дека „Торбеш“ е навредлив израз.

    „Торбешката популација во Република Северна Македонија, врз основа фактичката состојба поседува свој идентитет, што подразбира припадност на самиот себе, и тој идентитет низ историјата, во повеќе фази низ кои минало населението на овие простори, не претрпел дисконтинуитет низ историското траење: Торбешите постојано биле Торбеши, било да се третирани како такви одвнатре од самите нив или однадвор од другите околу нив. Торбешката популација, без оглед како е нарекувана во определени амбиенти, останала таква каква што е, Торбешка“ – се вели во барањето од ПЕИ.

     

    ОД КАДЕ И ЗОШТО ИМЕТО ТОРБЕШИ?

    Торбешите се главно исламизирано население од словенско потекло, кое населува делови од западна Македонија и од Албанија, во областите Река, Голо Брдо, со поголемите села Ростуша, Битуше, Жировница, Лабуништа, Косоврасти, Пласница… Торбешите се претежно сунитски муслимани, со значително влијание од суфизмот. Според етногенезата може да се категоризираат во иста група како бугарските Помаци, Македонците Муслимани, па и Бошњаците.

    Постојат неколку обиди за објаснување на потеклото на терминот Торбеши. Според едни теоретичари, името е поврзано со старото словенско племе по име „Торбачеи“; а според други со посебниот вид службеници во турската војска и кандидати за јаничари што носеле тор-би (Торба огланлари/Торба ацемилери).

    Според една теорија, името е поврзано со персиската конструкција „торбеш“ со значење „торбар“, човек што торбари, подвижен трговец што продава алва, боза, салеп, итн. Исто така, името на Торбешите се поврзува со богомилското движење и со богомилските проповедници што носеле торби, а по торбите ги викале „кутугери“. Според оваа теорија, богомилите, како еретичко и прогонето религиозно движење во рамките на христијанството, било посклоно да преминува во исламот.

    Во рамките на самиот предел, во согласност со верската и културната замислена граница што постоела помеѓу Мијаците и Торбешите, егзонимот „Торбеш“ имал пејоративно значење, односно „дека Торбешите се продале (ја продале верата) за една торба брашно“.

    Во периодот 1955–1965 г., голем број Торбеши се иселиле во Турција, каде што и денеска живеат претежно групно населени по градовите Истанбул, Измир, Маница, Ахисар и во други места. Со иселувањето на Торбешите, во овој дел од Западна Македонија се засилува населувањето на Албанци, што предизвика и процес на албанизација на дел од торбешкото население.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img