More

    Тендер за нов оператор нема, а тешко ќе биде да се обезбеди и гас

    spot_img

    Тендерот за избор на нова компанија која ќе управува со парното греење во Скопје треба да се распише во текот на овој месец, но од владата не се сигурни кога тоа ќе се случи. ЕСМ, фирмата која доби задача да се подготви за преземање на скопското парно греење, се подготвува да учествува на тендерот. Компаниите кои треба да го снабдуваат со гас новиот оператор, очекуваат нови договори, но никој не е сигурен по која цена и дали ќе има гас за грејната сезона.

    Владата не брза со распишување на тендерот за избор на компанија која ќе оперира со парното иако до почетокот на грејната сезона има уште неполни два месеца. Законската обврска на стариот оператор да обезбеди парно греење до избор на нов, се чини, и овозможува на владата да калкулира со целата постапка и покрај тоа што за новиот оператор роковите се куси, како за обезбедување гас и резерви мазут за грејната сезона, така и за договарање со новиот сопственик на топланите „Исток“ и „Запад“ за висината на нивниот закуп или откуп. Дополнително треба да се заврши и постапката за вработување на дел од сега вработените во БЕГ, како една од обврските на новиот оператор.

    Од Владата денеска не одговорија не прашањата на Плусинфо поврзани со тендерот и дилемите поврзани со снабдување со топлинска енергија на скопјани. Прво не упатија на Министерстовото за економија, а потоа на ЕСМ.

    Според Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер за вршење на соодветна регулирана енергетска дејност, во случајов со снабдување со топлинска енергија. Ова го соопшти и првиот регулатор Марко Бислимовски во моментот кога му ги одзеде трите лиценци на досегашниот оператор БЕГ. Владата тогаш го задолжи ЕСМ да се подготви за преземање на парното греење, во случај да нема други компании кои ќе се јават на најавениот тендер. Компанијата веќе формира три деловни субјекти кои ќе се грижат за производство на топлина, дистрибуција и снабдување на потрошувачите и се подготвува за  преземање на дејноста.

    Од компанијата велат дека се подготвуваат за најавениот тендер и процедурите кои следат по неговото завршување. Но, постапката околу тендерот, е запната на прашањето околу производството на топлинска енергија за потребите на најголемиот дел на Скопје. ЕСМ не располага со топлани, па мора да ги земе под закуп топланите „Исток“ и „Запад“, кои сега се во сопственост на „Адора инженеринг“, која пред една година ги купи од „Топлификација“ во стечај.

    Од ЕСМ велат дека се направени контакти со компанијата и со владата и се надеваат дека прашањето ќе се реши во прилог на поширокиот општествен интерес. Како опции за кои веќе се размислува во првичните контакти со новиот сопственик се закуп или откуп на топланите. Досега БЕГ ги имаше под закуп топланите на поранешниот сопственик „Топлификација“.

    Што ќе се одлучи, и под кои услови ЕСМ ќе ги користи топланите, останува да се види. Од „Адора инженеринг“ засега не коментираат.

    ЕСМ планира да преземе и дел од вработените на БЕГ.

    – Се прават процени колкав број на вработени ќе ни бидат потребни. ЕСМ Енергетика веќе има кадар кој е обучен за работа со парно греење и се планира тој да биде ангажиран во новите субјекти, а остатокот од потребите ќе бидат преземени од БЕГ. Засега не се знае колкав број од околу 300 вработени во БЕГ ќе преминат во новите компании – велат од ЕСМ.

    Покрај изборот на нов оператор со парното во Скопје се чини проблем ќе биде и да се обезбедат доволни количини гас, бидејќи неизвесно е дали зимава ќе пристига рускиот гас за земјава и дали ќе се обезбеди негова алтернатива. Земјава нема можности за чување резерви од гас, па проблемот ќе биде и висината на цената која ќе треба да ја плати ЕСМ за гасот што ќе го набавува.

    Од ЕСМ велат дека веќе се почнати постапки за снабдување со гас, но од компанијата која досега го снабдуваше БЕГ со гас велат дека договорот за изминатата грејна сезона е завршен, а дали ќе се потпишат нов ќе зависи од компанијата која ќе управува со парното.

    – ТЕ-ТО АД Скопје во целост ги исполни обврските од договорот за топлинска енергија кон дистрибутерот на топлинска енергија за минатата грејна сезона, а важноста на договорот истече со крајот на грејната сезона. За жал, дистрибутерот уште ги нема исплатено своите обврски кон ТЕ-ТО за испорачаната енергија. Во моментов ТЕ-ТО нема договор за испорака на топлинска енергија. Со новиот дистрибутер на топлинска енергија би се склучил договор со почетокот на грејната сезона. А условите на договорот ќе зависат од пазарните цени на природен гас и другите трошоци од работењето – велат од ТЕ-ТО.

     

    Од оваа компанија велат дека нема да можат да гарантираат дека ќе обезбедат гас по секоја цена.

    – Постојат ризици за снабдување со природен гас во претстојниот период и нема гаранции дека ќе има достапен гас. ТЕ-ТО е независен производител на електрична енергија и топлина, што значи дека своите продукти ги продава слободно на пазарот. Цената и обемот на производство ТЕ-ТО ќе ги нуди на пазарите согласно пазарните механизми со цел да обезбеди позитивно финансиско работење – велат оттаму.

    Компанијата тврди дека моментно во земјава нема алтернатива за рускиот гас.

    – Во моментов таква можност не постои, бидејќи не постои можност за пренос на гас преку интерконекторот со Република Бугарија од други извори. Овој проблем е во надлежност на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија. Доколку има достапен прекуграничен преносен капацитет и за други трговци, може да се јават и други трговци со понуда за снабдување со гас на пазарот на Република Северна Македонија – велат од ТЕ-ТО.

    Од „Макпетрол“ не ги коментираат состојбите и посочуваат на одговорните институции.

    Во вакви услови, кога БЕГ кој е во лоша финансиска состојба, не ги има исплатено обврските за набавениот гас пред преземањето на парното од државата и нема договор за закуп над топланите, нема да може да ги снабдува  скопјани со топлина до изборот на нов оператор со парното греење.

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img