More

    Судот замижа пред сите пропусти на истрагата, Обвинителството оди на јуриш!

    spot_img

    На 11 април годинава ќе се одржи првото судско рочиште за случајот „Поштенска банка“, откако Кривичниот суд во Скопје лани во ноември соопшти дека обвинението за предметот што го отвори СЈО е одобрено во целост. Обвинети се девет лица, кои се товарат за кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластувања и Перење пари. Меѓу обвинетите се поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски, бизнисменот Томе Главчев, како и поранешниот директор на Поштенска банка Коле Смилевски и Влатко, синот на Ратко Димитровски. Плусинфо веќе пишуваше за овој случај, односно за обвинителниот акт со кој се кршат темелни правни начела и правни норми.

    Во судскиот процес Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе се обиде да докаже дека во процесот на трансформација на некогашната Поштенска штедилница во банка, со низа банкарски трансакции и договори со деловни субјекти, обвинетите сториле две сериозни кривични дела – Злоупотреба на службена должност и овластување според членот 353 од Кривичниот законик (кај Димитровски квалификацијата е продолжено кривично дело) и Перење пари според член 273 од КЗ.

    Процесот на трансформација на Поштенската штедилница (каде акционер е и државата преку Македонски пошти), се одвива од 2001 до 2004 година и е проследен со контроверзи во јавноста, како и со сериозно внимание на Народната банка на Република Македонија. НБРМ се посомневала дека имало прекршувања на законот и заедно со Одделението за економски криминал на СВР Скопје, поднела кривична пријава против повеќе лица, меѓу кои и против спомнатите Смилевски, Главчев и Димитровски. Но, на 6 јуни 2005 година, Основното јавно обвинителство со решение ги отфрла кривичните пријави и констатира дека во дејствијата што ги презеле пријавените не се содржани елементи на кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување, ниту пак елементи на било кое друго кривично дело кое се гони по службена должност, туку во конкретниот случај станува збор за прекршок според член 119 од Законот за банките, при што настапила застареност за гонење на прекршокот. Апсолутната застареност за прекршочно гонење настапила во март 2005 година.

    Два пати за иста работа – прекршен темелниот правен принцип

    Плусинфо пишуваше дека овој факт е од круцијално значење за предметот. Имено, водејќи истражна постапка и подигнувајќи обвинение цели 16 години откако еднаш ОЈО се изјаснило за овој „казнено-правен настан“, Обвинителството сега го крши елементарното правно начело Non ibis in idem, или, во превод, „Не повторно исто“. Во правното мислење прибавено од угледниот македонски кривичар проф. д-р Никола Тупанчевски, сега актуелен министер за правда во владата на Димитар Ковачевски, се вели: „Лицата против кои е водена или завршена кривична постапка мора да бидат ослободени од неизвесноста за нејзино повторно покренување за истото кривично дело…“

    Правната логика вели дека во случајов обвинителот форсира двојно судење за иста работа, што е спротивно на член 7 од Законот за кривична постапка. Според тоа, покренување обвинителен акт, со исти наводи за кои обвинителот еднаш веќе одлучил дека не содржат елементи на кривично дело, претставува флагрантно кршење на правното начело Non ibis in idem, како и кршење на меѓународните правни стандарди и на националното законодавство.

    Во дописот со кој минатата недела третообвинетиот Ратко Димитровски се обиде уште еднаш да повика пет клучни правосудни институции во земјава да го преиспитаат постапувањето на Кривичниот суд Скопје во врска со предметот, во фаза на оценка на обвинителниот акт, засегнатиот уште еднаш се повикува токму на стручното мислење според кое е повреден принципот Non ibis in idem.

    „Момент кој не беше битен за јавниот обвинител, а и за Советот за оценка (на обвинителниот акт), е неспорниот факт дека овој предмет не може да се води по втор пат, бидејќи за истата правна работа Основно јавно обвинителство Скопје има донесена конечна одлука, Решение V КО бр.1399/05 од 06.06.2005 година, со кое се отфрлени кривичните пријави поднесени од Народна банка против пријавените, меѓу кои и обвинетиот Ратко Димитровски, за кривично дело Залоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.4 в.в. ст.1 од КЗ, бидејќи пријавеното дело не е кривично дело согласно закон. Со таа одлука е одлучено за истите дејствија кои се сега предмет на обвинителниот акт. Ова решение со доказите од тој предмет, не можам да кажам дали во целост, Јавниот обвинител сега ги прилага како доказ во оваа постапка“, пишува Димитровски.

    Вештаците категорични – сите трансакции се легални, нема перење пари!

    Настрана од овие крупни пропусти од процесна природа, Плусинфо своевремено го постави и прашањето дали има вина кај обвинетите, односно дали навистина се направени трансакции со кои тие прибавиле материјална корист и дали навистина переле пари во процесот на трансформација на Поштенска штедилница во банка. Според наодот и мислењето на независната ревизорска куќа БДО Скопје, фирма членка на BDO International Limited, познат и признат меѓународен бренд во областа, непобитен факт е дека со финалниот чекор, отуѓувањето на акциите во Поштенска банка во корист на Еуростандард банка, Печатницата „Европа 92“ на Ратко Димитровски не остварила имотна корист ниту капитална добивка, туку загуба од 407.180 евра. Во сите финансиски трансакции што „Европа 92“ ги имала со банките, како и во трансакциите за купување и продажбите на акциите во Поштенска банка, нема индикации за перење пари, бидејќи обезбедните средства се исклучиво од банкарски кредити и не е реализирана имотна корист од противправни дејствија. Во сите трансакции што Димитровски ги имал со банките (Тутунска, Кредитна, Поштенска и Еуростандард банка), во периодот од купувањето на акциите во Поштенка банка до нивната продажба во 2005 година, банките не претрпеле штети, бидејќи кредитите биле уредно сервисирани (враќани), а каматите уредно плаќани и целосно вратени. Така се вели во обемниот извештај на независниот вештак. Згора на сѐ, треба да се има предвид дека сите трансакции за кои станува збор се извршени со жирално плаќање, преку жиро-сметка, а тоа значи дека во секој момент движењето на парите било видливо за надлежните органи.

    Во најновиот допис до институциите на македонското правосудство, Димитровски пишува:

    „Обвинението е обемно, меѓутоа сметам дека секоја точка што ја содржи и просечен човек, со просечни сфаќања, може да разбере дека од тоа што е напишано е невозможно да постои перење пари. Ова од едноставна причина што не е спорно дека сите трансфери на средства во формирањето, времетраењето и истапувањето од Поштенска банка се вршени исклучиво преку жиро-сметка, така што може да се види целиот тек на парите. За прв пат во историјата, во овој предмет е измислено дека кредитот може да претставува перење пари и тоа само за да ме обвинат. Дека ова е небулоза, се гледа од самиот факт што сите земени кредити од банката, зголемени за огромни камати во тој период и споредни давачки (трошоци, даноци и слично) се вратени во целост!“

    Се „договарале“ да ќарат од зграда што не постои?!

    Во обвинението се спомнува и управната зграда на банката, но се „заборава“ дека во моментот кога Димитровски влегува во банкарската авантура, таа зграда едноставно не постои (договорот за нејзина изградба е склучен подоцна). „Европа 92“ во ниту еден момент не се стекнала со сопственост над објектот, кој останал сопственост на Поштенска банка и по нејзиното преземање од страна на Еуростандард банка. Одбраната за ова доставила докази што секој може да ги обезбеди од Катастарот. Просто е неверојатно како Обвинителството не се „сетило“ од Катастарот да ги побара потребните документи за движењето на сопственоста на наведениот имот (земјиште и зграда) и како не дознало дека управната зграда на Поштенска банка е завршена во ноември 2005 година, цели 9 месеци откако „Европа 92“ и Димитровски веќе немаат никакви контакти со банката.

    „Мене, а и првообвинетиот и второобвинетиот, нѐ обвинуваат дека сме направиле злоупотреба на службената положба и овластување од причина што некако сме се договориле (не се кажува како) да не проценуваме објект и со тоа сме платиле помалку пари за акциите што ги купуваме. Ова е невозможно да се зборува, бидејќи од доказите што ги приложивме јасно се гледа дека одобрение за градење за овој објект е издадено на 15.11.2001 година на име на Поштенска банка, што е период откако е извршена реорганизацијата во Поштенска банка и откако веќе ние сме акционери. Зградата за прв пат е впишана во имотен лист на 19.11.2005 година, што е 9 месеци откако ние повеќе не сме акционери во банката. За ова што го зборувам, во предметот е доставен официјален Геодетски елаборат од вешто лице-геодет, во кој е содржана цела документација. Јавниот обвинител, иако во овој дел обвинува за злоупотреба и зборува за некаков милионски износ на штета, кон обвинението не приложува имотен лист за зграда!“, пишува Димитровски.

    Во дописот тој додава дека и за ова, како и за целиот тек на парите, доставил официјално вештачење од врвни вештаци од областа на финансиите, со банкарско искуство. Во однос на перењето пари исто така е доставено мислење, од стручно лице, доктор во оваа област. Битно е да се спомне дека после истапувањето на печатницата „Европа 92“ како акционер, ниту ова правно лице ниту Ратко Димитровски немаат никаква деловна активност со Поштенска банка, додава третообвинетиот.

    Долга е раката Заева…

    Дека нешто чудно се случува со предметот „Поштенска банка“ покажа фактот дека поминаа неколку месеци од моментот кога Кривичниот суд го одобри обвинителниот акт до закажувањето на првото рочиште. Сосема очигледен е фактот дека судиите „бегаат“ од постапување по овој предмет, пишува во својот допис Димитровски и додава:

    „Неофицијалните сознанија се дека дури пет судии, на кои им бил распределен предметот за работа, имаат одбиено да постапуваат, од различни причини. Ова упатува на огромен сомнеж дека на самите судии, по разгледување на обвинението и на приложените веродостојни докази и факти кои ги цитирам, им е јасно дека не може да се донесе осудителна одлука, а во случај на правично судење со донесување на ослободителна пресуда, се плашат дека може да бидат подложени на санкции. Зарем може после ова, да се очекува правично судење?“

    Во дописот Димитровски само кусо ги спомнува многубројните пропусти што се направија за време на истрагата, тргнувајќи од ноторниот факт дека беа пробиени сите рокови за нејзино водење и за подигање на обвинение. Во известувањето за завршување на истражна постапка, кое му било доставено, не било опишано ништо за кривичните дела за кои било постапувано во истражната постапка, со што во целост ми е ускратено правото да доставува докази. Дури во моментот кога го примил обвинителниот акт Димитровски дознал за што точно истражувал обвинителот. Но, тој, во споредба со осмообвинетиот, адвокатот Зоран Шуклев, поминал дпобро. Имено, против Шуклев е подигнат обвинителен акт без да биде викнат да даде исказ пред Обвинителството, што е куриозитет сам по себе.

    Дописот на Димитровски упатен до Јавниот обвинител на РСМ, до Јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција, до претседателот на Кривичниот суд, до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет, е потег на очајник против кого долго години се води постапка спротивна на правните принципи и на процесните правила и која нанесува огромна штета на печатницата „Европа 92“, која е и негов семеен бизнис. Да се потсетиме и на фактот дека во приговорот на обвинителниот акт, Димитровски ќе потсети и на една изјава на поранешниот премиер Зоран Заев од октомври 2017 година, во која Заев, најавувајќи крај на кариерата на Димитровски, ќе рече: „Слушам дека и тој ќе си има работа со судови и со обвинителство“. За ова постои и снимка која е доставена до Судот. И навистина, една година подоцна, СЈО отвора истражна постапка и од тој момент до денес, Ратко Димитровски и неговото семејство си имаат работа со адвокати и со вештаци, а од 11 април ќе си имаат работа и со Судот. Долга е раката Заева…

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img