More

    Стратегијата за штедење ни е како во приказната за штурецот и мравката

    spot_img

    Несомнено пред нас е тешка зима, а причина за тоа е големата економска криза која ја зафати Македонија, зголемената инфлација, како и заканата од рецесија, растот на цената на електричната енергија, но и на горивата и на гасот, а тука не смее да се заборават и последиците од ковид-кризата, а Владата сѐ уште нема предложено конкретни мерки за штедење како што навреме почнаа да прават други држави во Европа.

    Повеќето земји во Европа веќе извесно време забрзано размислуваат и воведуваат мерки за штедење со цел полесно да се мине претстојната зима, особено со почетокот на грејната сезона кога се очекува да има значително помали количини гас на располагање, но и поради драстично зголемената цена на електричната енергија. Па така на пример во Германија, во некои општини ќе се организира групно греење во концертни и спортски сали, предвидено е намалување или зголемување на температурите на уредите за ладење и греење во домаќинствата, препорачано им е на граѓаните да се тушираат со млака вода, а сѐ со цел да се избегне поголема потрошувачка на енергија.

    Дури и Бундестагот одлучи сите простории на сојузниот Парламент во текот на летото да се ладат од 26 до 28 степени, а не како досега на 24 степени Целзиусови, во зима, пак, ќе се загреваат на 20, а не на 22 степени.

    Австриската влада денеска на граѓаните им се препорача да се тушираат, наместо да се капат.

    – За полна када потребно е 80 до 150 литри топла вода, а со туширање се трошат само 20 до 50 литри. Со тоа, туширањето штеди многу енергија – наведува Министерството за енергетика на Австрија.

    Од македонската Влада побаравме да ни објасни што точно досега е преземено и кои мерки се планираат во иднина, а оттаму ни одговорија дека таа и надлежните министерства и институции внимателно ја следат состојбата со зголемувањето на цените и нивното влијание врз стандардот на граѓаните и интервенираат соодветно со антикризни мерки.

    – Во услови на енормен раст на цената на електричната енергија на светските берзи, за заштита од ценовен шок, Владата даде поддршка на ЕСМ да обезбеди цена од 48 евра за мегават час за универзалниот снабдувач за 100% задоволување на потребите на домаќинствата и малите потрошувачи – одговорија од владината прес-служба.

    Оттаму, како многу пати досега, повторно ни изјавија дека рестрикции на струја нема да има.

    – Владата и институциите во услови на светска енергетска криза ја нагласуваат неопходноста од рационално користење електрична енергија и штедење. Мерките на Владата за граѓаните во услови на најголема криза, продолжуваат – велат од владата.

    Како што потенцираат оттаму од 1 јули започна тарифната реформа за пресметка на цената на струјата. Тоа значи оние коишто трошат помалку, ќе плаќаат помалку, за разлика од оние коишто трошат повеќе – ќе плаќаат повеќе. Целта е да се поттикне рационално и ефикасно користење на електричната енергија.

    Согласно одлука на Владата, сите буџетски корисници и единки корисници беа задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.

    – Институциите постапуваат согласно Одлуката и со доставените предлози за рационализација на трошоците, вкупните заштеди изнесуваат околу 363 милиони денари – информираат од владината прес-служба.

    Дополнително со ребалансот на Буџетот, ќе се опфати ново кратење на уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци. По објавувањето на некои од мерките на Владата за штедење, опозицијата излезе со реакција дека тие се смешни и задоцнети и тешко дека ќе ја спречат економската криза кај граѓаните.

    Општините изминатите месеци добиваат далеку повисоки сметки за струја од она што го планирале во буџетите за цела година за таа намена поради пазарната цена на струјата што ја плаќаат откако беа поништени договорите за набавка на струја од страна на фирмите снабдувачи.

    Градоначалниците очекуваа помош од владата, но не ја добија и сега се принудени да се снаоѓаат самите и покрај тоа што дел од нив имаат мали буџети, а повеќето од општините се презадолжени.

    Побаравме став од ЗЕЛС во врска со тоа како и дали општините разговарале за донесување заеднички мерки со цел да се намалат трошоците, но до објавувањето на текстот не добивме одговор од нив.

    Како што е веќе познато, секоја општина има посебен начин на штедење на електрична енергија, но скоро никоја од нив досега не посегнала по рестрикции кои би го нарушиле работењето на објектите со кои управува или би ја намалиле достапноста на нивните услуги до граѓаните.

    Професорот во пензија Ристо Цицонков претходно советуваше дека секој обид да се заштеди на струјата е корисен, па и ваков преку заштеда на струја за улично осветлување.

    – Големи се можностите во однос на штедењето на објектите со кои управуваат општините – основните и средни училишта, градинките, јавните претпријатија и други институции. Треба да направат анализа како се греат и колку може да се вложи во подобрувањето на нивната енергетска ефикасност. Во дел од објектите треба да вградат топлински пумпи кои користат воздух и вода за загревање. Во дел од објектите каде што се користи нафта за загревање треба да се сменат старите котли и инсталации. Важно е и да има енергетско ефикасни фасади и прозорци и врати. Сето тоа ќе придонесе за одредени заштеди кои би биле од корист за општинските буџети – објасни Цицонков.

    Вака изгледаат дел од препораките и од мерките, предложени од Владата, а дали и какви чекори ќе бидат преземени во иднина, останува да видиме.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img