More

    Старите и запуштени градби одолеваат дури и на апетитите на инвеститорите гладни за високи профити

    spot_img

    Eксперти што го консултира Плусинфо за прашањето што да се прави да се реши урбаниот хаос во Скопје, но и да се поттикне креативното градежништво наместо градежното профитерство, не се едногласни во мислењата кои досега беа презентирани во овој серијал текстови. Не мислат сите дека метрополата треба да се затвори по примерот на Љубљана. Од друга страна, не се сите согласни и со тезата дека Скопје демографски умира. Има експерти коишто сметаат дека голем дел од т.н. празни станови се нереновирани објекти стари со децении. Иако, се разбира, неспорен е фактот дека доминира тезата дека инвестирањето во купување недвижнини секогаш е добра идеја.

    Во меѓувреме, Скопје живее во контрасти и во орбан хаос. Контрастот што се создава во Скопје помеѓу модерните згради и стари руинирани градби и напуштени куќи може да се реши, но само со јасно изразена желба на сопствениците да ги вклопат сопствените објекти во новиот амбиент, а општините да ги променат урбанистичките планови и да планираат изградба на еден објект на повеќе катастарски парцели, со што би се добил хуман урбан простор за живеење, велат .

    Општините објаснуваат дека немаат надлежност да работат на старите објекти, бидејќи тие се приватна сопственост, но можат да им помогнат со субвенции на станарите во руинираните згради да ги реновираат фасадите. Граѓаните, пак, не се одлучуваат да вложуваат – од една страна бидејќи немаат пари, а од друга страна, затоа што чекаат да профитираат од инвеститорите кои бараат парцели за градење.

    И јавниот интерес е важен исто толку колку и интересите на приватните сопственици

    Архитектот Никола Велковски, поранешен градски архитект на Скопје, смета дека токму на просторот на старите руинирани куќи треба да се реализира идејата за здружување на повеќе градежни парцели во една, со што може да се подобри не само изгледот на градот, туку и квалитетот на живеење на сопствениците на парцелите.

    – Мојата идеја да се отворат урбанистичките планови на општините во Скопје и да се одлучи на секоја катастарска градежна парцела да не се гради, се однесува и на овој проблем. Овие куќи се опфатени со сегашните планови и за секоја од нив има маркица. Со групирањето на овие парцели може да се добие убав урбан простор, кој би содржел една зграда како и сите пропратни инфраструктурни објекти, паркови, зеленило, игралишта и лично. Но, при промена на урбанистичкиот план треба да се има предвид интересот на приватните сопственици, кој е дел од јавниот интерес, кој исто така треба да се почитува при донесувањето на урбанистичките планови – вели Велковски.

    Според него, проблем се таканаречените нерешени објекти, бидејќи кај нив има повеќе наследници на објектот кои не можат да се договорат.

    – Тоа се напуштените куќи кои ги има во Центар, во Мали ринг, во Буњаковец и во Дебар Маало, на кои сопственичко право имаат поголем број наследници и сите сакаат да земат стан за објект кој имал, на пример, 57 квадратни метри. За ваквите објекти нема брзо, а може да се рече дека нема и никакво решение. Тие ќе останат такви, сè додека не се договорат сопствениците – додава тој.

    Јавна тајна е дека сопствениците на стари куќи во градот, кои не се вклопуваат во урбаниот изглед, наместо да ги реновираат или одново да ги изградат своите објекти, чекаат инвеститорите за да ја дадат парцелата за градење на зграда, за што за возврат би добиле и еден или повеќе станови, зависно од квадратурата и договорот со инвеститорот.

    На општините им се врзани рацете

    Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски вели дека општините не можат да направат ништо во однос на изгледот на старите руинирани куќи во приватна сопственост, ако сопствениците не сакаат да ги реновираат или да изградат нови.

    – Тука ние немаме никакви ингеренции и тие такви ќе останат, затоа пак законски и сега ние можеме, доколку сакаат сопствениците, да здружиме повеќе плацови на кои се наоѓаат ваквите мали и руинирани објекти и на тој простор да дозволиме да се изградат згради во кои ќе се обезбедат станови за сите нив, но и за инвеститорите, за и тие да имаат профит од вложувањето. Тоа го дозволува законот, но секако треба да има и согласност од страна на сопствениците на тие стари објекти – објаснува Јакимовски.

    Јакимовски појаснува дека општините се расположени да ги помогнат со субвенции граѓаните во реновирање на фасадите на старите згради, но нивните пари се ограничени.

    – Оваа година помагаме реновирање на пет до осум згради. Има интерес за добивање субвенции, но проблем е тоа што граѓаните немаат волја да вложуваат самите во реновирање на објектите. Општините, пак, се ограничени финансиски за да можат да ги помогнат со субвенции сите кои сакаат да го подобрат изгледот и функционалноста на објектите – вели Јакимовски.

    Од општина Центар, пак, велат дека освен желбата на приватните сопственици на старите руинирани објекти за нивно реновирање, општината има проблем и со старите објекти кои се заштитени со закон.

    – Општината има надлежност само во случаи кога тие руинирани објекти претставуваат опасност за околината, за што соодветно постапува Секторот за инспекциски работи на општина Центар. Дел од објектите во централното градско подрачје, кои се постари,  се под заштита која со соодветен елаборат ја одредува НУ Конзерваторски центар Скопје, а со решение ја повредува со Управата за културно наследство при Министерството за култура и тие одлуки потоа се запишуваат во имотен лист. Доколку се работи за заштитен објект, а сопственикот на објектот сака да интервенира врз нив или да бара одобрение, пред сè, потребно е тие институции да дадат мислење, па дури потоа да се достави барање до општината. Доколку станува збор за јавни објекти во државна сопственост (министерство, агенција, државна институција), повторно надлежен е сопственикот на објектот – велат од општина Центар.

    Ни треба поттик да ги фатиме новите трендови

    Што се однесува до руинираните стари згради, Велковски смета дека сопствениците на становите треба да се свесни дека и нивните објекти треба да се усогласат со новите трендови.

    – Кај овие згради е потребен поттик сопствениците да постават енергетско ефикасни фасади, да ги заменаат прозорците и редовно да ги одржуваат, за да одговараат на стандардите за удобно живеење. Во тој контекст треба да помогнат и општините, парично или на друг начин. Тука влегува и обврската за изградба и реновирање улици, тротоари и зелени појаси, се со цел да се обезбеди прво удобен живот на станарите, но и да се задржи убав урбан изглед на зградите – вели Велковски.

    За проблемот на старите руинирани згради во центарот на Скопје, свое мислење во еден од коментарот текстовите кои Плусинфо посветени на урбаниот хаос во Скопје даде и Зоран Вучев.

    – Во Скопје старите станбени објекти се запоставуваат, не се реновираат и не се осовременуваат согласно новите услови за модерно живеење. Затоа имаме таканаречени супстандардни згради, кои личат на фавели, кои ги познаваме од урбаните средини од Јужна Америка, кои се со руинирани фасади, покриви, влезови, супстандардни услови во становите (нереновирани бањи, кујни), кои последици се видливи на надворешните ѕидови и во самите влезови. Овие објекти на иста локација со условно новите згради имаат и драстично намалени цени на чинење – вели Вучев.

    Граѓаните од своја страна тврдат дека проблемот со реновирањето на зградите е во тоа што дел од станарите не се во состојба да вложуваат.

    – Не можеме да се договориме за реновирање на фасадата која е од периодот по земјотресот, иако општината на неколку пати објавува огласи за субвенција. Дел од станарите немаат доволно пари за да вложат во тоа. Затоа нашата зграда е шарена. На неа има дел стари прозорци и по некој ПВЦ прозорец што го замениле самоиницијативно дел од сопствениците на становите. Ова е проблем кој тешко се решава и затоа дел од зградите во Скопје изгледаат така. Посебен проблем се фасадите во центарот на градот, што беа реновирани во времето на проектот Скопје 2014. Тие имаат само лице, а другите страни од зградите се како да се излезени од војна – вели жител на општина Центар.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img