More

    Српскиот патријарх повторно ни подава рака

    spot_img

    Наша огромна желба е да го решиме црковниот проблем во Македонија и конечно, со помош на Бог, повторно да ги започнеме преговорите, да ги обновиме контактите и да ја исцелиме Македонската православна црква (МПЦ-ОА) од расколот.

    Ова го вели српскиот патријарх Порфириј, кој посочува дека Соборот на Српската православна црква (СПЦ) веќе ја донел одлуката да се обнови дијалогот со МПЦ-ОА, а како што потенцира, во случајов постојат исклучиво само црковна грижа и црковна намера и воопшто не станува збор за империјалистички претензии.

    Патријарх Порфириј: Ние имаме исклучително само црковна грижа и намера и во никој случај тука не станува збор за империјалистички претензии. Постојат само црковни причини и црковни контексти. Би бил огромен дар од Бога доколку успееме да му ставиме крај на расколот во Македонија

    – Во Македонија постои една за нас многу болна ситуација, особено поради стотиците илјади православни верници кои со години живеат во раскол. Но, јас лично и Соборот на Српската православна црква денес чувствуваме голема одговорност за враќање на единството со православната црква во Македонија. Ние водевме и сѐ уште водиме грижа за верниот македонски народ, па нашата црква таму го има архиепископот Јован и уште тројца епископи кои се дел од нашата црква и коишто се во канонско единство со нас. Но, таму е присутна и Македонската православна црква, која во времето на комунизмот се одвои и сега не е призната од ниту една помесна православна црква. А токму поради тоа што ние сакаме да имаме единство со црквата во Македонија, нашата црква никогаш не ги судела и не ги осудила оние епископи кои се одвоиле. Како и да е, ние имаме искрена и длабока желба и потреба за да се реши црковниот проблем. Одлуката на нашиот Собор е да го обновиме дијалогот со Македонската православна црква во раскол, да ги обновиме преговорите и конечно заеднички да пронајдеме начин како да го решиме проблемот. Ние имаме исклучително само црковна грижа и намера и во никој случај тука не станува збор за империјалистички претензии. Постојат само црковни причини и црковни контексти. Би бил огромен дар од Бога доколку успееме да му ставиме крај на расколот во Македонија – рече српскиот патријарх.

    Од почетокот на годинава, ова е втор повик на патријархот Порфириј за одмрзнување на преговорите помеѓу СПЦ и МПЦ-ОА. Во првата половина на јануари годинава, тој истакна дека „не само што не се откажуваме, туку со целосна одговорност за верниот народ во Македонија сакаме нарушеното единство повторно да се воспостави“.

    Оваа негова изјава тогаш наиде на силен отпор од преспанско-пелагонискиот митрополит г. Петар, кој во изјава за Плусинфо рече дека не се потребни преговори, оти единствено Цариградската патријаршија може да ѝ додели Томос за автокефалност на МПЦ-ОА, бидејќи, како што потенцираше, Цариград е мајка-црква на Македонската црква.

    Но, сега, два месеца подоцна, како да се чувствува позитивно поместување на работите. Митрополитот дебарско-кичевски и портпарол на Синодот на МПЦ-ОА, г. Тимотеј, за Плусинфо вели дека црковниот проблем може да се реши само со испраќање на неколку писма од Скопје до Белград и обратно.

    – Да се надеваме дека евентуалното одмрзнување на преговорите ќе вроди со плод. Ние немаме никакви догматски проблеми, туку станува збор за едно административно недоразбирање, односно се работи за човечки суети. Меѓутоа, времето ќе покаже дали изјавите на патријархот се политичко-дипломатски или се навистина искрени. Но, познавајќи го патријархот уште од времето кога беше викарен владика, имам оформено мислење дека се работи за разбран и добронамерен човек кој гледа со реални очи. Во поглед на одмрзнувањето на преговорите, ние никогаш не сме ги ни замрзнале. Исто така, можам да кажам дека со назначувањето на Порфириј за српски патријарх, работите добија едно ново течение. Претходниот патријарх, покојниот Иринеј, беше човек во години и го раководеа луѓе коишто не сакаа да се реши проблемот со МПЦ-ОА. Сега, новиот патријарх е млад човек и никој не може да го раководи него, туку тој ги раководи другите. Затоа, јас се надевам дека црковниот проблем може лесно да се реши – истакна владиката Тимотеј.

    Митрополит дебарско-кичевски г. Тимотеј
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img