More

    Спомен-куќата на Коста Солев Рацин, белег на Велес

    spot_img

    Спомен-куќата на Кочо Рацин, лоцирана во Велес, изградена на левата страна од брегот на реката Вардар, ја претставува традиционалната велешка куќа, која некогаш, па и денес, се смета за куќа со најатрактивна архитектура. Куќата се наоѓа на истоимената улица „Кочо Рацин“ и е изградена кон крајот на 19 век. Во неа живеел поетот и револуционер Коста Солев со неговото семејство. Во неа се наоѓа и семејната грнчарска работилница, каде на грнчарското колце работел и Рацин. Тука е и чардакот каде тој се среќавал со своите соборци и истомисленици и во долгите ноќи ги пишувал своите „Бели мугри“ и други свои дела. Рациновата куќа задолжително се посетува од учесниците и гостите за време на Рациновите средби и други манифестации поврзани со Рацин. Во неа се чита поезија, се промовираат книги, се одржуваат грнчарски работилници за најмладите и други културни манифестации.

    Кога ќе го посетите Велес, задолжително посетете ја и Куќата на Рацинн во стариот дел на градот. Спомен-куќата на Рацин ја одржува Народниот музеј на Велес. Таа е најпосетената од сите спомен-куќи во Велес.

    Куќата на Рацин, една од убавите градби на старата велешка архитектура

    Оваа куќа од двете страни се граничи со соседи и нема дворна површина, а се состои од приземје, кат и поткровје групирани во една неправилна форма, која е приспособена спонтано да го отсликува градското јадро и начинот на градителската концепција, во согласност со стрмниот терен, густата и ситна структура и форма на парцелата.

    Во куќата се влегува преку главната улица (сокакот) низ двокрилна дрвена врата, која води до внатрешниот трем, кој претставува мал простор преку кој се спојуваат грнчарската работилница, фурната, тоалетот и скалите што водат кон катот и чардаците.

    Работилницата, која се простира на поголема површина, претставува најзначајната просторија во куќата во која грнчарското семејство ги изработувало производите, а и самиот Рацин во оваа просторија ги пишувал своите творби. Во подот на оваа просторија постои мала скривница. Качувајќи се кон скалите тие во едниот правец водат кон затворен чардак преку кој се влегува во две одаи, гостинска и соба за спиење, во кои има вграден дрвен мебел и убави прозорци на ниво 1,6 метри. а во другиот правец тие се искачуваат кон чардак на ниво 2,5 метри.

    Од тој чардак со искачување по еднокраки скали се доаѓа до поткровјето, кое е поделено на отворен дел во вид на чардак и затворен дел во вид на просторија со три убави прозорци што се насочуваат кон улицата.

    Чардаците постепено по катовите се испуштаат од габаритот на куќата и се насочуваат кон улицата и околината. Структурата на овие еркерно испуштени простори го дава вистинскиот дух по кој се карактеризираат овие типологии на куќи.

    Градени со примена на локалните градежни материјали во комбинирани системи на камени ѕидови и лесна дрвена конструкција, приземјето е изградено од камен, а катот и поткровјето од бондручна конструкција чија бела фасада доминира со дрвените опшиви. Покривот е изведен од дрвена конструкција и покриен со керамиди.

    Oваа куќа се смета за еден од најубавите белези на традицiоналната велешка архитектура. Куќата на еден од најголемите македонски поети во периодот помеѓу двете светски војни била целосно реставрирана во 1962 година.

    Поради својата специфичност на традиционална македонска (велешка) архитектура и поради своето историско значење, оваа куќа е прогласена за споменик на културата, а со нејзината реставрација стана и спомен-музеј посветен за животот и делото на Рацин.

    Денес овде се наоѓаат неговите ракописи и предмети, машината за пишување, како и голем број други спомени за неговото дело и за неговиот живот.

    Спомен-куќата на Коста Солев Рацин – дом на културата

    Традиционално за Рациновите средби, Спомен-куќата на Коста Солев Рацин, во чија чест секоја година се одржуваат овие реномирани литературни поетски средби во Велес за сите учесници, гости и добронамерници ширум ги отвора своите порти.

    Светлана Петрова, основачка на фондацијата „Ангел Петров“, чиј сопруг, ликовниот уметник Ангел Петров, целиот уметнички работен век Коста Солев Рацин заедно со Гоце Делчев му беа голема инспирација. Тој за Спомен-куќата на Рацин има подарено три уметнички слики. Во далечната 1963 година, веднаш по завршувањето на Ликовната академија од Белград во Велес тој го изработил портретот на мајката на Рацин – Марија Солева. Потоа и портретот на Кочо Рацин и на Рациновата песна „Ленка“.

    За да го наслика портретот на Марија Солева, Родна, мајката на Ангел, ја повикала да дојде во ателјето на син ѝ Марија Солева, мајката на Рацин, а со која биле добри пријателки, раскажува Светлана.

    – Дојди, Марија, кај нас. Син ми Ангел заврши Ликовна академија и сака да го нацрта твојот портрет. Жената била во години, ожалостена по својот син Рацин. Но веднаш ја прифатила поканата за да ја слика. Мајката на Рацин, Марија, секој ден доаѓала во ателјето во точно определеното време, без да задоцни ни минута, што е реткост. Ангел ја сликал, а таа преморена ќе заспиела на столчето. Додека таа спиела, уметникот Ангел го студирал нејзиниот лик. Потоа таа ќе се разбудеше и ќе речеше: Синко, извини, многу те измачив, извини што сум заспала поради годините. И така мојот сопруг Ангел Петров го нацрта портретот на мајката на Рацин, Марија. Сликата, која и ден-денес и во една од собите на Спомен-куќата на Рацин, појасни Светлана Петрова.

    Таа за Спомен-куќата на Рацин вели дека е дом на културата. Во оваа куќа во изминатите години се собираа сите културни дејци.

    – Оваа куќа со мојот покоен сопруг Ангел ја викавме домијата на културата, затоа што таа во изминатите години беше навистина дом на културата на Велес. Порано Рациновите средби се одржуваа токму тука, во оваа Спомен-куќа, која беше собиралиште на сите културни дејци, писатели, композитори од земјава, поранешните ју-простори и од цел свет, потенцира Петрова.

    Таа потсетува дека Спомен-куќата на Рацин е подарок на градот од неговото семејство Солеви, а која потоа е реновирана и направена како што била некогаш кога во неа живеел Коста Солев со своето семејство.

    Внуците на Рацин: Спомен-куќата е наше семејно и богатство на Велес

    Стојан Мицев, внук на Рацин од неговата сестра Грозда, за Спомен-куќата вели дека за нив е голем спомен и семејно богатство, но и богатство на Велес, завет за сегашните и идните генерации на Велес. Тој вели дека кога може доаѓа во куќата на својот вујко Рацин, заедно со брат му Ангел Мицевски.

    – Секогаш кога доаѓам во куќата со брат ми седнуваме на креветот во близина на масата на моите предци и си размислувам како било тоа време кога бил Рацин и мојата мајка – неговата сестра и останатите деца и нивните родители. Се враќаат спомени од тоа што мајка ми ми раскажувала за мојот вујко Рацин. Оваа куќа е највредно богатство на нашето семејство и богатство што го има Велес. Преку нејзината посета секој може да се запознае со животот на Рацин, а најпрво долу во подрумот да го види грнчарското колце. На него глинени грнци и стомни правел и самиот Рацин и целото семејство Солеви, а кои се познати грнчари во градот, потсети Мицев, а на спомените се надоврза и брат му Ангел.

    Најпосетена од сите спомен-куќи на Велес

    За Спомен-куќата на Рацин се грижат и во сите изминати години ја одржуваат од велешкиот Народен музеј, кои во неа подготвија и постојана поставка за животот и делото на Коста Солев Рацин.

    Директорот Марин Клифов потсетува дека, освен што е Спомен-куќа на Рацин, таа е и дел од културното наследство на градот од староградската архитектура на Велес, заедно со останатите куќи што се во нивна надлежност: спомен-куќите на Јордан Хаџи Константинов-Џинот, на Касапови, на Васил Главинов.

    – Оваа куќа годишно ја посетуваат по 2 – 3 илјади посетители, а некогаш и повеќе, главно ученици на екскурзии, но и многу туристи, домашни и странски делегации што се во посета на општина Велес, а кои го посетуваат градот. Куќата традиционално секоја година е посетена и од учесниците и гостите на Рациновите средби, каде се одржуваат поетски митинзи и е дел од содржините на програмата, потсети Клифов од велешкиот Народен музеј.

    Во Спомен-куќата може да се посети грнчарската работилница, постојаната поставка на предмети и документи од Рацин, просториите и мебел од тоа време, печката во која семејството Солеви ги печеле грнчарските производи и просторот каде што ги сушеле. Во оваа куќа до пред некоја година се одржуваше и грнчарската работилница, со цел младите да ги научат и да се зачуваат старите занаети, потсети Клифов.

    Тој информира дека куќата на неколку години се реновира, се белат просториите и се лакира дрвенаријата.

    – Последен пат во 2017 година. Таа континуирано се одржува и е во добра состојба, вели Клифов.

    Куќата на Рацин, спомен-обележје, еден од симболите на Велес

    Емилија Минова Купенкова, велешанка која често ја посетува куќата на Рацин заедно со нејзините ќерки за МИА вели дека Спомен-куќата на Кочо Рацин е спомен-обележје, еден од симболите на Велес.

    – Заедно со останатите три спомен-куќи и Куќата на поетот и револуционер познат по светот со неговите „Бели мугри“ е спомен-обележје еден од симболите на Велес. Горда сум што како велешанка сум негов сограѓанин, односно потомок. Воедно горда сум што моите ќерки, кои творат поезија, и често тука за Рациновите средби заедно со останатите младите поети читаа своја поезија. Моите ќерки како и останатите млади поети од Велес и земјава се наследници, продолжувачи на делото на големиот Рацин, потенцира Минова Купенкова.

    Таа порачува: Дојдете барем еднаш во куќата на Рацин, тука има посебна магија, некое посебно чувство што го обзема секој посетител. Тоа можете да го почувствувате само кога ќе навлезете во нејзината внатрешност, а посебно од чардакот и собите од кои се гледа стариот дел на Велес.

    – Тука во неговата куќа кога е тишина како да се слуша татнежот на неговото срце, а неговите емоции и стихови чиниш се врежани во каменот од сокакот каде чекорел и Рацин, а кое денес го носи името Сокаче на поезијата, вели Минова Купенкова.

    фото: МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img