More

    Софија не е „тројански коњ“ на Москва

    spot_img

    Бугарија ќе го повика на консултации својот амбасадор во Русија, Атанас Крастин, изјави премиерот на земјата, Кирил Петков, кој престојува во Брисел на состанок на Европскиот совет.

    Потегот на Бугарија е поврзан со однесувањето на руската амбасадорка Елеонора Митрофанова. Таа, во нејзиното интервју за „Русија 24“, зазеде став дека „бугарскиот народ не ги поддржува реториката и постапките на бугарската влада“ насочени против нејзината земја.

    Според бугарскиот премиер Петков, реакцијата на Митрофанова е „недипломатска, остра и безобразна“. Затоа Бугарија го повикува својот амбасадор од Русија на консултации во Софија.

    – Сите знаат што значи тоа на дипломатски јазик. Вообичаено, кога едната земја ќе го повика својот амбасадор на консултации, другата треба да го следи примерот и да го стори истото – изјави бугарскиот премиер Кирил Петков.

    Ваквата постапка, Петков на одреден начин ја најави уште пред заминувањето за Брисел, кога одржа брифинг во владината зграда во Софија. Тогаш тој рече дека ќе има дипломатски одговор, во една или друга форма, на изјавата на руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.

    Според Петков, неприфатливо е, во кој било случај, странски амбасадор да зборува во име на бугарскиот народ против бугарската влада. Петков посочил на брифингот дека одлуката за дипломатски одговор е донесена на редовната седница на бугарската влада, но тогаш не прецизирал за што точно ќе станува збор.

    И бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска пред два дена ги опиша изјавите на руската амбасадорка во Софија, Елеонора Митрофанова, како „мешање во внатрешните работи на земјата“.

    Генчовска го кажа ова по учеството на состанокот на парламентарната комисија за надворешна политика.
    Министерката Генчовска притоа коментирала дека на работна седница на бугарската влада се разговарало на темата, која ја соопштил и премиерот на Бугарија, Кирил Петков.„Се разговараше за последните изјави на Митрофанова, кои се мешање во внатрешната политика на земјата. Ништо конкретно не се разговараше за неа“, рече шефот на бугарската дипломатија.

    Во разговор за „Локално“, бугарскиот политички аналитичар и професор, Антони Тодоров, смета дека ваквата изјава на амбасадорката е политичка.

    – Јавното мислење во Бугарија не е обединето, но тоа не е новост. Во Бугарија има луѓе кои ја поддржуваат војната на претседателот Путин, но има огромно мнозинство што се противи. Маршот против војната во нашиот главен град тоа добро го покажува – вели Тодоров.

    Според него, во моментов нема закана по Бугарија за „украинско сценарио“, најмногу затоа што земјата е членка на НАТО.

    За разрешувањето на министерот за одбрана Стефан Јанев поради проруските изјави, како и апсењето на генералот Валентин Цанков, Тодоров укажува дека Јанев бил добар премиер во преодните влади и многу воздржан во јавното говорење.

    – Неговото разрешување беше, според мене, избрзано и претерано. Но, војната го радикализираше говорот, а умерените зборови не изгледаат соодветни. Во Бугарија постои традиционална русофилија која е ставена на тест од војната. Многумина продолжуваат да се сметаат себеси за русофили, но сега силно ја осудуваат руската агресија, што е навистина ново. Но, апсењето на генералот Цанков веројатно нема да заврши со докази за шпионажа, тоа повеќе личи на рекламна кампања за обвинителството – смета политичкиот аналитичар.

    Во однос на ставот на бугарскиот претседател Румен Радев, Тодоров вели дека претседателот веројатно ја споделува неодамнешната изјава на поранешниот премиер Симеон Саксобурготски: „Секогаш со ЕУ, никогаш против Русија“. Румен Радев не е „проруски“ претседател, тој ја осуди руската агресија, иако беше претпазлив околу испраќањето оружје во Украина. Како поранешен воен човек, се чини дека се воздржува и од радикални говори, потенцира аналитичарот.

    Околу „раскинувањето“ на Бугарија со рускиот гас, вицепремиерот Асен Василев всушност рекол дека е незамисливо да се преговара со Газпром за време на војната.

    – Бугарија е многу зависна од увозот на гас од Русија и тоа не може брзо да се промени без многу сериозни последици за бугарската економија и населението во целина. Не е можно итно решение, но веројатно во следните 6-7 месеци ќе бидат преземени некои позначајни чекори за енергетска независност од Русија (интерконекторот за гас со Грција, преговори за дополнителни испораки од Азербејџан, течен гас од САД, Алжир… ). Но, стратешки, патот е до помала потрошувачка на фосилни горива и повеќе обновлива енергија – појаснува Тодоров.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img