More

    Софија нема да притисне на педалот, чека Скопје да пружи нога

    spot_img

    „Чекајќи го Годо“. Такво име, како и пиесата на Семјуел Бекет, носи уметничката инсталација поставена во центарот на Скопје по повод Денот на Европа. Два скелета чекаат пред затворената порта на Унијата – порака е и премногу недвосмислена за да биде погрешно разбрана.

    Македонија чека на овие порти со години, веќе со децении, принесувајќи попатно големи жртви. Но, во деновите и неделите што претстојат, додека македонската дипломатија не го сврти листот и не рече „доста е“, како што вети министерот Бујар Османи, Скопје најверојатно ќе дочека променада на повеќе европски политичари и дипломати, кои ќе се обидат во последен момент да издејствуваат пресврт во спорот меѓу Бугарија и Скопје.

    Истото се случува и во Софија. Бугарскиот претседател Румен Радев денеска призна дека и Бугарија минатата година била изложена на сериозен притисок во врска со стартот на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ, но го издржала тој притисок. Малку е веројатно нешто драматично да се случи во наредните денови.

    Денеска во Софија беше министерот за надворешни работи на Австрија, Александар Шаленберг, каде што зборувал за забрзување на пристапниот процес на Западен Балкан.

    – Не смееме да го изгубиме Западен Балкан. Мораме сега да додадеме гас – апелирал тој до бугарската колешка Теодора Генчовска.

    Но, Генчовска на медиумите им рекла дека Македонија мора во целост да го исполни билатералниот договор за пријателство од 2017 година и да ги заштити своите државјани со бугарско потекло.

    Шаленберг утре и во Скопје, на средбата со Османи, ќе се обиде да објасни зошто ширењето на ЕУ на Западен Балкан треба да биде продолжено и покрај војната во Украина и тежнеењето на Киев да се приклучи кон Унијата. И се разбира, сето тоа да се случи во јуни. Во Софија Шаленберг рекол дека Бугарија значајно би профитирала од тоа. Дали во Скопје ќе зборува за профит, засега не се знае.

    Претставниците на западните дипломатии во Скопје денеска едногласно побараа преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија да се отворат итно. Евроамбасадорот Дејвид Гир изјави:

    – Во стратешки интерес и на ЕУ и на регионот е процесот на пристапување да напредува сега. Во практика тоа значи итно отворање на преговорите за членство со Македонија и Албанија. Паралелно земјата мора да продолжи да напредува во својот реформски пат за да биде целосно подготвена откако ќе ја преземе одговорноста за членството. Овие реформи започнуваат со зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупција и опипливи чекори за подобрување на животот на граѓаните.

    Американската амбасадорка Кејт Брнз ја пренесе пораката на Вашингтон дека приемот на Македонија во Унијата ќе донесе поголема сигурност и безбедност на Балканот, особено во контекст на нестабилноста што ја продуцира Русија.

    Но, се чини дека кога станува збор за шансите на Македонија да почне суштински да преговара со ЕУ, не помага многу ни страшилото Русија. Скопје и Софија имаат огромни, непомирливи разлики во меѓусебниот спор, а новата македонска влада, како што изјави премиерот Димитар Ковачевски, нема да прифати решение кое нема да биде сеопфатно и прифатливо за двете страни. Кога на маса ќе има такво решение, вети тој, јавноста за него ќе биде запознаено.

    За такво решение засега никој не зборува, ниту шпекулира. Портите на ЕУ засега се цврсто и безнадежно затворени. Како пред оние скелети во инсталацијата во центарот на Скопје …

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img