More

    Славистите од Љубљана: Продолжуваат поддршката и вложувањата за афирмацијата и изучувањето на македонистиката во Словенија

    spot_img

    Веќе шест децении, македонистиката се изучува на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Љубљана, но тоа не е сè! Поддршката и вложувањата за афирмацијата и изучувањето на македонскиот јазик, литература и култура во Љубљана продолжуваат, со нови генерации словенечки македонисти. И тоа не само со нови студенти коишто на првиот циклус студии на љубљанскиот Филозофски факултет студираат македонистика, туку и со магистерски трудови, нови научни трудови со коишто словенечките македонисти ја афирмираат македонистиката на научни собири, учества на културни манифестации и нови книжевни преводи од македонски на словенечки јазик. И натаму, од суштинска важност ќе биде соработката со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), којшто е главниот двигател на афирмацијата на македонистиката во светот. Оддаваме почит на оние коишто се вложија во она што веќе е историја на љубљанската македонистика, го валоризираме оствареното и во сегашноста продолжуваме да содејствување за уште поголеми остварувања за македонистиката во времето што е пред нас.

    Ова се дел од пораките коишто беа искажани на свечениот настан, којшто по повод јубилејот 60 години македонистиката во Љубљана го организираше Катедрата за македонски јазик и книжевност при Одделот за славистика на Филозофскиот факултет при Универзитет во Љубљана.

    Присутните на настанот – универзитетски професори од двете земји и некогашни и сегашни студенти, срдечно ги поздрави деканката на љубљанскиот Филозофски факултет, проф. д-р Мојца Шламбергер Брезар, која покрај упатените честитки сподели дека и таа како студентка ги слушала предавањата по македонска книжевност кај проф. д-р Драги Стефанија, којшто го наследи првиот лектор по македонски јазик во Љубљана, акад. Блаже Ристовски, и под чија палка лекторатот во академската 1984/85 година прерасна во самостојна Катедра за македонски јазик и книжевност.

    Со поздравната реч и честитки се обрати и амбасадорката на Република Северена Македонија во Република Словенија, Сузана Зеленковска, која кажа дека македонскиот јазик и кирилското писмо се нераскинлив дел од македонскиот идентитет и дека со чествувањето на Денот на македонскиот јазик им оддаваме почит на сите кои придонеле за македонскиот јазик. Амбасадорката им се заблагодари на студентите кои го изучуваат македонскиот јазик и на тој начин придонесуваат за неговата меѓународна афирмација, а изрази и задоволство од плодната соработка на љубљанската Катедра за македонски јазик и книжевност со македонските филолошки институции.

    Своите поздрави, честитки и убави желби ги упати и раководителката на Одделот за славистика, доц. д-р Шпела Севшек Шрамел, којашто укажа на резултатите од посветената работа на љубљанската македонистика и го истакна активниот влог на студентите во вид на бројни дипломски и магистерски трудови, настапи на научни и стручни конференции и културни манифестации, објавени преводи итн.

    Раководителката на Катедрата за македонски јазик и книжевност во Љубљана, проф. Намита Субиото, потсети на придонесот на Блаже Конески кон формирањето на македонистиката во Љубљана и на големиот влог на проф. Драги Стефанија којшто македонситиката ја водеше над три децении и којшто своето широко познавање на македонскиот јазик и книжевност го пренесе на бројни генерации студенти. Субиото искажа благодарност и кон проф. д-р Катерина Велјановска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, којашто ја водеше љубљанската македонистика во периодот од 1999 до 2001 година.

    Во централниот дел на настанот, Велјаноска ги престави своите најнови истражувања на полето на фразеологијата на македонскиот јазик, со предавање на тема „Личните имиња во македонската фразеологија“.

    Историјатот на македонистиката на Филозофскиот факултет во Љубљана беше претставен и преку видео-колаж од изјави на студенти, професори и претставници на институциите со кои Катедрата за македонски јазик и книжевност активно соработувала и/или соработува.

    Во завршницата на настанот, своите поздрави и честитки ги упатија и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чешишевска, проф. д-р Лидија Аризанковска од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, професорите Владимир Осолник и Ѓурѓа Стрсоглавец од Одделот за славистика на Филозофскипт факултет во Љубљана, како и поранешни студенти – Лара Миховиловиќ, Ана Илиевска Завршник и Соња Цекова-Стојаноска.

    Универзитетот во Љубљана е првиот странски универзитет на којшто во текот на XX век, во рамките на студиските програми започнува изучување на македонистиката надвор од нашата земја.

    Видео-колажот подготвен од љубљанскиот Филозофски факултет по повод шест децении македонистика на Универзитетот во Љубљана е достапен на официјалната веб-страница на Факултетот и на официјалниот канал на ЈуТјуб, со можност за објавување и на други страници:

     

    Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img