More

    Скопје и Анкара се во одлични односи

    spot_img

    Северна Македонија и Турција имаат одлични политички односи и силна определба да ја развиваат соработката во сите области. Економската соработка е интензивна и се очекува во наредните пет години обемот на трговска размена да достигне до две милијарди евра, се согласија на денешната прес-конференција во Анкара шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Турција, Бујар Османи и Мевљут Чавушоглу.

    Чавушоглу истакна дека обемот на билатерална трговија минатата година се зголеми за околу 42 отсто и достигна 772 милиони долари.

    – Како што покажуваат бројките од оваа година, тоа ќе биде околу 900 милиони долари, така што се согласивме дека најдоцна до следната година таа ќе се зголеми до една милијарда долари, но веруваме дека можеме да достигнеме обем на трговија од две милијарди долари во следните пет години – изјави Чавушоглу.

    Тој исто така информираше дека со Османи го ревидирале Договорот за слободна трговија, особено вклучувањето на земјоделските производи и услуги, додавајќи дека турските фирми не само што имаат инвестиции во Северна Македонија, туку и се вклучуваат во многу важни проекти.

    Чавушоглу посочи дека на средбата разговарале и за енергетската соработка, потенцирајќи дека Турција сака да ја развие и енергетската соработка со земјава.

    – Сакаме да развиеме соработка и во областа на енергетиката, а по војната во Украина, Русија донесе еднострани одлуки, Европската Унија воведе санкции кон Русија, тука спаѓаат нафтата, гасот, а знаете има и проблеми со поскапувањата. Во тој контекст пристигнаа барања за соработка од балканските земји, од нашите соседни земји Романија и Бугарија, како и од Унгарија во врска со енергетското прашање. Разговаравме и за тоа како можеме да соработуваме со Северна Македонија во оваа смисла и како можеме да придонесеме за решавање на проблемите на пријателските земји. Сакаме да ја подобриме нашата соработка со Северна Македонија во областа на енергетиката, истакна Чавушоглу.

    Тој рече дека заедничките вредности, длабоко вкоренетата историја и човечките врски ја формираат основата на меѓусебната соработка меѓу двете земји, нагласувајќи меѓу другото, дека турската заедница во земјава претставува важен мост за Турција и Северна Македонија.

    – Ја оценивме и улогата турската заедница во Македонија. Знаете, имаше попис, Турците имаа приговор, но приговорите се оценуваат, соработката меѓу турските партии и институцијата поврзана со пописот продолжува, но двете страни веќе се согласуваат дека турската заедница во Македонија претставува важен мост меѓу Турција и Македонија – истакна Чавушоглу.

    Тој потсети и на развојните проекти реализирани од страна Турската агенција за соработка и развој (ТИКА) во Северна Македонија, како поддршка за развојот на земјата и објасни дека Турција сака да ги сподели своите искуства во идните проекти за вода што ќе се реализираат во земјава.

    Чавушоглу рече и дека на средбата со Османи разговарале и за соработката во одбранбената индустрија, а потсети и на нацрт-договорот за безбедност меѓу двете земји и најави негово потпишување на следната средба во Северна Македонија, но исто така информираше и „за ризиците“ од организацијата на Фетулах Ѓулен, која Турција ја нарекува ФЕТО.

    – Денеска ги споделивме и нашите очекувања во однос на борбата против ФЕТО и терористичките организации. На секој чекор им кажуваме на нашите пријатели дека ФЕТО е закана не само за нас, туку и за секоја земја во која се наоѓа и ги пренесуваме нашите очекувања – подвлече Чавушоглу.

    Шефот на турската дипломатија информираше дека изразил силна поддршка во врска со претстојното претседавање на земјава со Организацијата за безбедност и соработка во Европа, истакнувајќи дека Северна Македонија ќе го преземе претседавањето со ОБСЕ во многу тешки времиња.

    Османи од своја страна рече дека со Чавушоглу разговарале за билатералната соработка, сојузништвото во рамките на НАТО, регионалната и мултилатералната соработка, како и актуелните меѓународни безбедносни предизвици.

    – Претстојната посета на Чавушоглу на Северна Македонија, на Преспа форумот за дијалог, има и симболично и суштинско значење. Симболиката е што се случува во период кога двете земји одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи. За нас тоа е важен јубилеј, бидејќи Турција беше една од првите земји кои ја признаа независноста на тогаш Република Македонија, меѓутоа прва земја што испрати амбасадор на тогаш новата независна држава и оттогаш даваше континуирана поддршка на Северна Македонија за да биде тоа што е денеска, а тоа е членка на НАТО, стабилна земја, функционална, мултиетничка демократија, којашто се развива економски – рече Османи.

    Тој исто така се осврна и на трговската размена, за која потсети дека минатата година достигнала околу 800 милиони долари, а податоците од првиот квартал оваа година покажуваат дека сме на добар пат да ја надминеме онаа симболична бариера од една милијарда долари.

    – Работиме за дополнително зголемување на динамиката, за што од лани нашата Амбасада во Анкара беше засилена и со економски советник – истакна Османи, посочувајќи на важноста која Владата им ја придава на странските инвеститори кои доаѓаат до Турција.

    Министрите разговарале и за мултилатералната соработка меѓу двете земји во ОБСЕ, во контекст на идното претседавање на Северна Македонија во 2023 година, како и за сојузништвото во НАТО, со посебен акцент во однос на последиците на руската инвазија врз Украина, нагласувајќи ја притоа неопходноста за единство во рамките на НАТО, Османи ги поздрави напорите на Турција да посредува меѓу Украина и Русија за изнаоѓање на дипломатско решение и итно запирање на хуманитарната катастрофа.

    Османи и Чавушоглу на средбата потпишаа Меморандум за разбирање и соработка меѓу министерствата за надворешни работи во областа на протоколот.

    Во рамки на официјалната посета на Анкара, министерот зОсмани оствари средба и со претседателот на турското Големо национално собрание Мустафа Шентоп, на која е се потврдени традиционално добрите и пријателски односи помеѓу двете држави и заеднички е истакната важноста на улогата на парламентарните групи за соработка, како и придонесот на над сто склучени билатерални спогодби во продлабочување на повеќесекторската соработка, чиј особен резултат е растечката економска и трговска размена.

    – Пријателството меѓу граѓаните на двете држави и нашата дијаспора во Турција е нашиот мост кој не спојува. Турска етничка заедница има посебен придонес во политичкиот, културниот и економскиот развој на Северна Македонија, како дел од нашиот уникатен модел на мултиетничка функционална демократија – истакна министерот Османи.

    Како што соопшти МНР, Османи oствари средба и со поранешниот министер за надворешни работи на Турција, Хикмет Четин, на кој му врачи специјално признание по повод 30-годишнината на независноста на Северна Македонија.

    „Четин беше министер за надворешни работи во еден исклучително важен период од нашата понова политичка историја – на нашето осамостојување и Турција е меѓу првите земји што ја признаа нашата независност“, се наведува во соопштението.

    Шефот на дипломатијата Османи во рамки на престојот во Анкара, положи венец во Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, оддавајќи почит на големиот државник и основач на модерна Република Турција.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img