More

    Скопјани се жалат дека во автобусите на приватните превозници не се вклучуваат клима уредите

    spot_img

    Скопјани се жалат дека во автобусите на приватните превозници не се вклучуваат клима уредите и дека возењето на овие линии е речиси неподносливо, особено во жешките денови.

    Поплаки има и за некои линии од автобусите на ЈСП, за кои граѓаните се жалат дека клима-уредите се вклучени на многу ниска температура и дека е премногу ладно во нив, па оттука тие стравуваат на големи температурни разлики кога ќе слезат на станиците. Кога патниците се жалат дека им е ладно, возачите ги исклучуваат климатизерите па така станува претопло во преполнетите автобуси.

    Во повеќето приватни автобуси, пак, воопшто нема клима-уреди. Некои граѓани едноставно немаат избор дали да се качат во градски или приватен автобус, бидејќи на одредени линии имаат само приватен автобус.

    – Речиси секој ден патувам со автобус 23 и на овие жештини во возилата нема клима, па воздух единствено циркулира од некој подотворен прозорец, како и отворена врата, но само кога автобусот се движи. Додека стои на постојка е вистински пекол. Во автобус не се дише, како да е 100 степени, клима нема. Не ми е јасно зошто не реагира никој? Прави ли Градот некакви контроли, има ли увид во какви услови се возат граѓаните? – вели револтирано еден скопјанец.

    Градот Скопје има склучено договор со двете приватни претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ според кој тие треба да ги задоволат пропишаните правила и прописи. Од Градот велат дека линиите на приватните превозници се доделени на Јавен оглас за доделување пакет линии и за давање дозволи за линиски превоз на патници во Скопје. Според договорот, приватните превозници имаат обврски да обезбедат трајно и квалитетно вршење на превозот на патници и да преземаат мерки и активности за зголемување на квалитетот и безбедноста на услугата, да ги одржуваат континуирано и редовно линиите за кои има добиено дозвола, да се грижат превозот на патници на линиите од пакетот да се одвива според регистриран и заверен возен ред и да го применуваат Интегрираниот тарифен систем.

    – Во склоп на ЈСП Скопје постои Оперативен контролен центар (ОКЦ) кој ја контролира работата на приватните превозници. ОКЦ изготвува месечен извештај за работењето на приватните превозници за одржување на возен ред и квалитет на превоз според однапред утврден акт Правилник за работа. Исто така и Секторот Инспекторат од Градот Скопје редовно врши надзор над работата на приватните превозници. Согласно Одлуката за линиски превоз на патници во градот Скопје, Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје, како и Одлуката за јавниот градски и меѓуопштински (приградски) превоз на патници во град Скопје. Согласно овие прописи, автобусите мора да се проветруваат и температурата мора да биде помеѓу 10 и 25 степени – велат од прес-службата на Градот.

    Оттаму додаваат дека приватните превозници го вршат превозот со автобуси кои ги исполнуваат условите утврдени со прописите за безбедноста на сообраќајот на патиштата, како и посебните техничко-експлоатациони услови за вршење линиски превоз на патници во Скопје.

    – Доколку граѓани имаат приговори и забелешки во однос за конкретен приватен превозник можат да ги упатат во службите на Јавното сообраќајно претпријатие за понатамошно постапување – велат од Градот.

    Неколкумина возачи на приватни автобуси ни рекоа дека клима-уредите се нефункционални во преполни автобуси. На секоја постојка вратите се отвораат и за 30 секунди внатрешната температура се изедначува со надворешната, а 20 минути се потребни автобусот да се олади.

    – Многу од возачите не го пуштаат клима-уредот да работи само затоа што се зголемува потрошувачката на гориво. Тогаш кога климатизерот работи, автобусот троши пет до десет литри повеќе гориво, па според сумата која ни ја плаќа Градот и моменталната цена на дизелот, едноставно не ни се исплати да возиме, но мораме доколку сакаме да ги задржиме дозволите за работа – ни објасни еден возач на приватен автобус.

    И покрај тврдењето од Град Скопје, нејасно е како, доколку се прават контроли на автобусите, состојбата не се менува, не се казнува и ништо не се презема за да им се овозможат на граѓаните хумани услови за патување, проблем кој се повторува секое лето.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img