More

    Синдикалната пролет не ги даде резултатите

    spot_img

    Штрајк ставен во мирување, протест на работници пред синдикати, неуспешен протест, пропаднат обид да се издејствува скалесто усогласување на платите и разединети синдикати. Ова е резултатот од синдикалната пролет најавена како резултат на растечкото незадоволството на работниците од состојбата во која се наоѓаат години наназад. Се чини синдикатите не успеаја или беа спречени да го канализираат работничкото незадоволство за да се изборат за остварување на законските права на работниците.

    Синдикатите велат дека имаат легитимни барања, предизвикани од кризата и зголемувањето на износот на минималната плата, на кои ќе истраат во прилог на работниците.

    Работниците, пак, стануваат нетрпеливи за брзи резултати и не кријат дека ја губат вербата во силата на синдикатите бидејќи моменталните штрајкови не доведоа до посакуваната цел.

    – Ја губиме вербата во синдикатите, во преговарачка моќ на нашите лидери. Не знаеме дали и кај синдикалното раководство влијаат партиите, но моментално ништо не договорија добро за работниците, освен минималната плата која порасна, но не дава сигурност дека со неа може да се живее. Еве и штрајкот на СОНК може да се рече дека е неуспешен. Не се доби она што се бараше. Членството е незадоволно, а лидерот вели не се видело некој да му протестира пред врата за време на штрајк. Стивнаа и другите штрајкови, ништо не се слуша за штрајкот во пошта, за матичното исто. Имаше обид и за протест на КСС, но и тој не успеа. За последново можеби е криво членството кое гледа сеир наместо да биде активно, но секој не преговара со влада и работодавачи. Тој што преговара треба да биде на страна на работниците и без да застапува партиски интереси, зашто партиите не мислат на работниците, туку на фотелјите – вели синдикалец.

    Тој вели дека синдикалните лидери не се свесни дека членството ги напушта постепено, а новите работници се незаинтересирани за синдикатот. Расцепкувањето на синдикалното движење според него само придонесе за ослабување на синдикатите.

    – Членството старее. Младите работници не сакаат синдикат. Тие веќе размислуваат како работодавците. Ако не им се допаѓа платата, не се борат за повисока организирано, туку ја напуштаат работата и си бараат нова. А и во фирмите скоро и да нема синдикат, бидејќи никој и не сака некој да му чепка по капиталот – додава тој.

    Синдикатите тврдат дека стојат на позициите на работниците и нивните права и се борат со сите средства да ги остварат поставените барања.

    Од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) кој го стави штрајкот во мирување велат дека штрајкот е привремено запрен за да се решат работните спорови. Но, членството по втор пат протестираше пред вратите на СОНК.

    – Ова е само почитување на законот, доколку не се договориме, повторно ќе го активираме штрајкот. Уверени сме дека во периодот на помирување ќе ги најдеме соодветните решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот – изјави претседателот на СОНК Јаким Неделков.

    Тој се надева дека платите ќе бидат зголемени, дневниците за време на штрајкот нема да бидат скратени и дека колективните договори ќе бидат потпишани и утврдени со рокови.

    Неделков денеска обвини дека некој преку протестите на членството сака да го ослабне СОНК во преговарачките позиции.

    – Досега сме имале многу штрајкови и секогаш сме излегувале со резултати, меѓутоа вакво т.н. спонтано собирање на двапати не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување не води кон ништо. Секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и да се залагам за правата на работниците – рече Неделков.

    Штрајкот почна на 11 април. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и усогласување на останатите со минималната плата. Членството на СОНК не го прифати договореното покачување на платите од 12 отсто со владата.

    Од друга страна синдикатот на УПОЗ почна со барање за скалесто усогласување на платите, па поради актуелната криза во која се најдоа работниците се повлече на линеарно зголемување на сите плати во секторот од 2.806 денари.

    – Не се повлековме од барањето за скалесто усогласување на платите, туку се решивме за солидарно зголемување на платите во секторите кои во кои дејствуваме. Сметаме дека во време на криза треба да дејствуваме солидарно, што е одлика на синдикатот. Но, ние не се откажуваме од реално зголемување на платите. Во подобри времиња ќе ги активираме нашите барања, па и штрајкот – вели претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски.

    Солидарно зголемување на платите од 2.806 денари бара Сојузот на синдикати во кој како гранков членува и синдикатот на УПОЗ. Тоа е барање кое ќе биде истакнато на првомајскиот протест.

    – Ние не лиферуваме со проценти бидејќи процентот значи за едниот работник помалку, а за друг работник повеќе. Нашата интенција како ССМ е да им помогнеме на најниските слоеви на работници со најниски плати – рече Димовски.

    Конфедерацијата на слободни синдикати организираше протест за зголемување на бодот во јавниот сектор но протестот не успеа, а за тоа беше обвинета власта бидејќи му вршела притисок на членството.

    – Има голем страв и да излегуваат на улица. Се јавуваат, добиваме голем број повици, претседателите на синдикатите го кажуваат. Притисоци дека можат да ги загубат работните места. Тоа е главна причина зошто денеска сме тука во мал број – рече претседателот на КСС Благоја  Ралповски.

    Претходно од овој Синдикат најавуваа секојдневни протести пред Влада и Собрание додека не се исполнат нивните барања за усогласување на платите со минималецот.

    КСС бара зголемување на бодот на 103 денари во бруто износ, со што најниската плата во јавниот сектор би била околу 18.200 денари и би се усогласиле останатите плати на сите во јавниот сектор.

    И синдикатите се свесни дека со дејствување одвоено и без соработка нема да постигнат големи резултати во борбата за работничките права.

    – Да треба да се има соработка и треба да се поработи на заедничкото дејствување на сите синдикати иако секоја дејност во која дејствуваме има свои специфики. Ние не можеме да поддржиме барање како другите синдикати кои бараат цена на бод каде што платите се градат поинаку и има различни колективни договори. Да сме за соработка и пружање поддршка кога се во прашање работничките права, но не сме за никаква поддршка од партиите. Треба да се оддалечува синдикалното од политичкото дејствување. Моментално имаме синдикати кои работат според политички агенди и имаат поддршка од партиите. Таква поддршка (политичка) не му треба на синдикатот бидејќи на тој начин само се губи преговарачката позиција и крајни решенија во прилог на работниците – вели Деаноски.

    Здравко Савески, синдикален активист и универзитетски професор вели дека проблемот на синдикализмот во земјава е синдикалната бирократија која ги изигрува работниците и во услови кога тие се подготвени за борба за своите права како што сега го прават тоа.

    „Штрајкот ставен во мирување во услови кога не се исполнети барањата, а работниците дополнително ја изразија подготвеноста за борба. Тоа e класичен пример како една синдикална бирократија ги злоупотребува и изигрува сопствените работници“ напиша тој деновиве на Фејсбук.

    Постепеното ослабување на синдикализмот, според експертите, не се должи ексклузивно на новите економски политики глобално и во земјава туку голем дел од падот се должи на големите разлики внатре во синдикалното движење, како што се: бирократската инерција и тврдоглавоста на индивидуални лидери. Според нив, синдикатите ја изгубија и водилката на синдикализмот – солидарноста.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img