More

    СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ВО ЧЕСТ НА “СВ.КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОН НА ГРАДОТ ОХРИД“

    spot_img

    Синоќа во НУ “Центар за култура Григор Прличев“, се одржа централната свеченост во чест на Св.Климент Охридски, патрон на градот Охрид и заштитник на Македонската Православна Црква –ОА. Годинашен добитник на највисокото општинско признание, наградата “Св.Климент Охридски Патрон на градот“ е Архимандрит Нектариј, игумен на манастирот Св.Наум Охриски, а повелбата е доделена на Димче Каневче, Летка Филипова и Здруженијата “Сос Балкан медија“ и “Инклузија“.

    Пред присутните гости од земјава и странство, пригодно обраќање имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

    Sv_Kliment_patronen_praznik_081222013– Драги пријатели, ви благодарам што не удостоивте со вашето присуство во одбележувањето на нашиот најголем празник, а им благодарам и на сите кои ни испратија срдечни честитки, а кои вечерва не можат да бидат со нас.

    Точно илјада сто и шест години не делат од земската неприсутност на Свети Климент меѓу нас Македонците, но и исто толку години не поврзува нераскинлива духовна, културна и морална сплотеност со неговото дело. Ретко кој народ, како македонскиот, може да каже дека има таква нераскинлива историска и духовна вертикала во својата опстојба и битисување. Тоа е затоа што Свети Климент Охридски е нашиот првоучител, чија дејност и мисла е длабоко во темелите на нашето постоење и културно препознавање. Неговото монументално и божествено дело недвојбено ја покажува нашата посебност во светската асамблеа на народите.

    Создавањето на првиот Словенски универзитет и описменувањето на три илјади и петстотини ученици, кои ќе ја шират верата и писменоста во целиот словенски свет, покажува дека Охрид и делото Климентово не е најважно само за Македонците,туку и за целиот словенски род, а нашиот град е најзначајнииот духовен центар кој преку Охридската книжевна школа ги промовира универзалните човечки вредности. А тие се промовирале, растеле и развивале врз постулатите кои ни ги остави Свети Климент …“да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта, без да имаме непријателство со никого; …Не да се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце, за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно…“

    …“ Да се надминуваме еден со друг со добрина..“  и најголемата и  најважната етичка порака, нашиот македонски категорички императив – “ТРГАЈ СЕ ОД ЗЛОТО И ПРАВИ ДОБРО“. Та затоа, Свети Климент е нашата есенцијална поврзаност со Бога и токму преку Свети Климент, световното и светото се возможни како човечка и божја хармонија во едно.

    Драги сограѓани, уважени гости,

    Македонија и македонците низ вековите поминале многу ветрометини, падови и негирања, но секогаш изнаоѓале сила да опстојат, да се исправат и да продолжат по патот Свети Климентов, кој е поплочен со љубовта кон Бога, човекољубие и милосрдие. Тоа не прави кротки и одлучни, нежни и цврсти, трпеливи и непоколебливи. Тоа е нашето најголемо наследство од Свети Климент Охридски, за кое верувам дека успешно ќе го пренесеме на следните генерации низ вековите.

     

    Заблагодарувајќи се за наградата архимандритот Нектариј во своето обраќање пред присутните истакна:

    Sv_Kliment_patronen_praznik_081222020– Пред да се заблагодарам за добиената награда, чувствувам должност да им се  извинам на оние кои што очекуваа дека ќе бидат предложени и ќе ја добијат оваа награда место мене, бидејќи јас неочекувано влетав како Пилат во Вјерују т.е. во Символот на верата.

    Сега им благодарам на сите кои ме предложиле за оваа највисока награда на градот Охрид, а и на оние кои едногласно одлучиле; иако јас ќе се послужам со една мисла од Светото Писмо, која вели: а вие кога ќе го извршите делото Божјо кажете: ние сме слуги непотребни и го извршивме она што бевме должни да го извршиме. Но, јас и да замолчам, камењата ќе прозборат во св.Наум. Сепак, не чувствувам толкава заслуга за таква голема доверба, бидејќи, да го очистиш и уредиш дворот манастирски и не е кој знае каква голема заслуга; тоа е обврска. Што и да направиме во овие две свети места со историја подолга од 1100 години, нашето нема трајност повеќе од триесеттина до педесет години, под услов ако се одржува грижливо. Колкав е мојот влог во сето тоа? Ќе го цитирам Достоевски преку устата на Димитриј Карамазов и Грушанка кога вели: што можеме ние да направиме во животот, освен да подадеме една главица лук.

    Ете толкав е и мојот влог во сето тоа; другото им припаѓа на: оној кој ме поставил во Св. Наум, на неговите претходни и сегашни соработници и на сите оние кои несебично и макотрпно се вложија себеси во овие 31 година во Св. Наум. Да не ги спомнувам поединечно од срце им благодарам.

    Ние сме сега свои на своето, она што не бевме не само години и децении, туку столетија наназад. Поминаа многумина императори и администратори, пастири и душегрижници кои малку донесоа, а многу однесоа и си заминаа оставајќи го стадото од устата на волкот во устата на лавот. Ние останавме, бидејќи ова е наше и после секое нивно бегање, моравме да го чистиме и уредуваме растуреното и пустошот.

    Должни сме да го чуваме и Охрид и езерото и неговите светилишта. Што би бил Охрид без Охридското Езеро и Галичица? Тумба насадена со бадеми и борова шума.

    Што би бил Охрид и Македонија без Св. Климент и без Св. Наум? Духовна пустина од неграмотни личности. Ако зад псевдонимот „Црноризец храбар“ се крие ликот на Св. Наум, тогаш за целиот Словенски род, кој се служел со рецки и цртки, писмото и азбуката што овие два огнени столба им  ги пренесоа од браќата Св. Кирил и Св. Методиј им ги отворија очите да оживее пред нив Словото Божјо, читајќи за радосната вест за Царството небесно на Нашиот Спасител Господ Исус Христос.

    Да се радуваш на туѓата радост и да им приредиш радост на луѓето и да ги видиш нивните задоволни и насмеани лица, тоа е рамно на Литургија, а Литургијата значи служба.

    Сепак, во таа река од народ што секојдневно се слева по калдрмата, не се само туристите кои доаѓаат да го видат културно историското и уметничкото наследство во манастирот, туку оние кои ќе ви речат: – Немирен сум во себе, дојдов да го најдам мирот во ова прекрасно место; празна ми е душата, дојдов да ги наполнам батериите….

    Втор ќе рече: – дојдов да го растоварам товарот од моите гревови пред Свети Наум;

    Трет ќе каже: – дојдов да ја запросам избраничката и сопатник низ мојот живот.

    А друг ќе каже: – Осамен сум; дома ме научија само за себе да мислам; ме убива половичната вера, дојдов во Свети Наум да ме поведе кон Христа и да испроси мир за душата за да можам и јас да зрачам со мир во својата средина.

    Некој ќе каже: – Дојдов да го сретнам Бога, како што вели Блажени Августин: Боже, насекаде те барав, а Ти си бил во мене, а јас надвор од себе….и т.н…, да не зборуваме за она што одамна ви е познато за Св. Наум како исцелител и чудотворец.

    И на крајот, оваа награда само ја дополни радоста што ни се случи со признавањето на автокефалниот статус на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како убава завршница на оваа, иако за светот немирна, 2022 година.

    Ви го честитам патронот на градот Охрид и на МПЦ-ОА, Великиот Свети Климент Охридски Чудотворец, а воедно и предбожикните, Божикните и побожикните празници.

     

    Пред присутните се обрати и директорката на ОСУ “Св.Климент Охридски“ Светлана Велкоска,а  свеченоста продолжи со богата културно уметничка програма подготвена од учениците и професорите.

     

     

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img