More

    Речиси еден месец откако започна учебната година, основните и средните училишта во Македонија имаат сериозен проблем да обезбедат наставен кадар

    spot_img

    Речиси еден месец откако започна учебната година, основните и средните училишта во Македонија имаат сериозен проблем да обезбедат наставен кадар. Учениците губат часови по математика, хемија, информатика и по други предмети.

    Скопјанецот Зоран, чиј син е во прва година во една скопска гимназија, ни изјави дека одделението засега не посетува настава по предметот информатика.

    – На првата родителска средба во училиштето, прашавме кога ќе дојде замена и дали наскоро децата ќе имаат професор по овој предмет, но од класниот раководител не добивме никаков одговор. Во моментов, часовите по информатика ги има во распоредот како последни во денот, но бидејќи нема кој да го одржи, децата си заминуваат дома – објаснува Зоран.

    За сличен проблем ни раскажа и мајката на петтодделенката Миа, која од оваа учебна година има наставници по секој предмет, но нема кадар.

    – Помина еден месец, а мојата ќерка сѐ уште нема наставници по математика, германски и по географија. Немаме информација дали и кога ќе дојдат наставници и како ќе се одвива наставата во иднина. А потоа на децата, покрај тоа што имаат многу предмети и нови наставници, ќе им се натрупа и огромен материјал што ќе треба да го совладаат – вели мајката Весна за Плусинфо.

    Лошата положба на просветните работници во општеството, но и партизираноста во образованието, се дел од причините за ваквите состојби, нешто што ги одвраќа младите од оваа професија.

    – Иако завршив англиски јазик на Филолошкиот факултет со висок просек и покрај мојата огромна желба да бидам просветен работник, не можев да ја реализирам. Причината беше што немам партиска книшка за да се вработам. Ако сакав да работам во основно училиште, мораше да познавам некој во општината во која се наоѓа училиштето, директорот, градоначалникот, кој било. Истото важеше и за средните училишта, но тука требаше да имам некој познат во Град Скопје и секаде беше со препорака од партијата од која доаѓаше градоначалникот. Еве, веќе пет години работам во приватниот сектор, каде што никој не ме праша од која партија сум и дали познавам некој, што ме радува, но сепак не ја реализирав мојата цел да бидам наставничка или професорка – ни објасни со разочарување Сања.

    Незадоволството кај наставниците од условите во кои работат кулминираше минатата учебна година кога три недели фелата штрајкуваше поради што беше прекината наставата во сите училишта низ земјава.

    Побаравме одговори од Министерството за образование и наука, од каде ни потврдија дека во многу училишта има недостиг од наставен кадар и дека овој проблем се одолговлекува со години, затоа што актуелниот кадар старее и нема кој да го замени, а проблем е и кога некој од просветните работници ќе замине на трудничко боледување.

    – Долги години наназад земјата се соочува со недостиг на наставен кадар по математика, хемија, физика…Нема доволен интерес кај младите да ги избираат високо образовните установи кои нудат студиски програми во овие области и поради тоа не се продуцираат доволно кадри кои би требало да ги преземаат позициите на веќе ангажираниот кадар во училиштата, кој секако, кога -тогаш, заминува во пензија и мора некој да го наследи – велат за Плусинфо од МОН.

    Оттаму додаваат дека се трудат да ги стимулираат младите да ги избираат овие области и да се занимаваат професионално во рамките на истите.

    – За тоа е потребно подигнување на личната мотивација, интерес и желба. А тоа се постигнува преку модернизација на наставата по овие, но и по сите останати предмети, во основното и средното образование. И затоа работиме и ќе продолжиме да работиме на подобрување на содржините во наставните програми и во учебниците, обучување на наставниците заради поголема креативност при предавањето на материјата која ќе ги заинтригира младите, доделување парични награди за освоени високи места (од прво до трето место) на меѓународни натпревари по математика, информатика и природни науки (хемија, физика и биологија), парични награди за освоени медали на меѓународни научни олимпијади меѓу кои и за математика, физика, хемија, информатика. Неодамна е отворена и специјализирана математичка гимназија, каде се запишуваат исклучително талентирани ученици од овие области – објаснуваат од Министерството.

    ЗА СТУДЕНТИТЕ ПО МАТЕМАТИКА, ФИЗИКА И ХЕМИЈА СТИПЕНДИИ ОД 300 ЕВРА МЕСЕЧНО

    Дополнително, од МОН информираат дека доделуваат стипендии за студенти кои се запишани или ќе се запишат на студиските програми по математика, физика и хемија и ќе остварат просечен успех од минимум 7,00 во текот на претходното образование на соодветната високо образовна установа. Тоа се највисоките стипендии кои ги доделува МОН за студирање на домашните високо образовни установи и изнесуваат 300 евра на месечно ниво.

    – Се надеваме дека постепено состојбите ќе се вратат во рамки на нормалата и ќе обезбедиме еден оптимален број на наставници по овие предмети заради задоволување на потребите во сите општини и училишта – ни одговорија од МОН.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img