More

    Реформата се сведе на чекање административците да одат во пензија

    spot_img

    Со природниот одлив (пензионирање) на административците и со ограничување на новите вработувања на 5 отсто годишно не се прави реформа на администрацијата која изминатите 30 години се преполни со несоодветен кадар и партиски послушници, велат експерти, бизнисмени и синдикалци. Тие очекуваат сериозна реформа која ќе обезбеди мала и професионална и ефикасна администрација имуна на партиско пазарење.

    Ваква реакција предизвика изјавата на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити кој рече дека во отсуство на системско решение, проблемот на превработеност и нестручност на администрацијата се решава со природен одлив на кадарот (пензионирање) и актуелното ограничување на бројот на нови вработувања од 5 отсто на годишно ниво.

    Професорот Лазар Јовевски вели дека е крајно несериозно и паушално да се очекува преку природен одлив или со ограничување од 5 отсто на вработувањето во јавната администрација да се очекува нејзино брзо сведување на мала професионална и на ефикасна администрација какви што се очекувањата. Напротив со вакво однесување се придонесува за зајакнување на перцепцијата кај граѓаните и меѓународните институции дека таа е гломазна и нестручна и натаму ќе се зголемува.

    – Сето ова говори дека сè уште се има несериозен пристап кон вакво сериозно прашање кое се провлекува 30 години наназад. За да знаеме дали со природниот одлив ќе се воспостави рамнотежа треба да се направи функционална анализа која ќе покаже дали такви ефекти се постигаат со пензионирање на административците, колкав период ќе биде потребен да се постигне очекуваното ниво и во кои сегменти од администрацијата ќе треба да се се реагира со нови вработувања, а каде треба да се направи рез и да се отпуштат работници. Проблемот е комплексен и очекува комплексно решение кое ќе биде брзо и нема да трае уште 30 години. Функционалната анализа која мислам веќе е подготвена, треба да покаже и дали некаде тие 5 отсто нови вработувања ќе бидат одвишни, премалку или доволно за да се добие функционална и професионална администрација – вели Јовевски.

    Според него, покрај функционалната анализа како главна одредница за реформата на администрацијата е и Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој треба да регулира низа прашања кои треба да овозможат администрацијата да биде функционална и ефикасна.

    – Најпрво треба да се донесе Законот за организација и работа на органите на државната управа врз основа на функционалната анализа што ја споменав. Оваа анализа ќе покаже колкава треба да биде администрацијата, дали одделни сектори треба да се спојат или да се воспостават нови. Треба да се креираат посебни решенија и да се определи дали ќе има потреба од дополнителни вработувања во одделни сектори или од намалување на бројот на вработени. Во некои сектори ќе биде потребно и да се направи рез и да се намали бројот на вработени, но главно со реформата треба да се создадат услови администрацијата да функционира без партиски влијанија и пазарење што беше практика досега. Во неа треба да работат стручни кадри кои ќе обезбедат ефикасност – вели Јовевски.

    Според него, со вакви паушални изјави кои не се поткрепени со анализа на фактичката состојба во администрацијата, власта покажува дека и по 30 години, нема да се зафати со суштинска реформа.

    – Сè се сведува на идеи кои не се поткрепени со анализи и кои патем никако не се реализираат. Таква беше и онаа на еден од претходните министри, според која дел од администрацијата требаше да оди во приватниот сектор. Се исфрли идејата и се остана на тоа, без да се направи анализа колку е остварлива – додава Јовевски.

    Бизнисот кој со години бара намалување на бројот на административците и мала и професионална администрација, очекува процесот да се одвива сериозно и без предрасуди.

    – Администрацијата мора да се намали да биде доволно стручна и ефикасна, зашто сега најголем дел од чекањето на бизнисот е поради бавната и нестручна администрација. А тоа е резултат на партиските вработувања на луѓе кои немаат квалитетот и стручноста. Така, ние имаме голем број вработени во одделни сегменти, но нивната ефикасност е нула. За да завршиш една работа ќе мора да поминеш кај 10 луѓе и да не добиеш соодветен одговор. Се губи и време и пари. Сметам дека треба да се направи анализа каде и колку кадар е потребен колку е обучен и квалитетен и така да се реформира овој државен сегмент, инаку со сведување на 5 отсто на новите вработувања, ништо не се решава. Ќе имаме во одделни сектори превработеност со непрофесионални луѓе, а некаде каде што има потреба од луѓе нема да можат да се вработат нови – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

    И синдикатите се согласуваат дека е потребно системско решение за проблемот, а намалувањето на администрацијата да се прави според анализа, а не со ограничување на вработувањата како што тоа сега се прави.

    – Ограничувањето на вработувањата во администрацијата на 5 отсто не го решава проблемот со големиот број на административци. Да, во некои делови е потребно тоа, но во одделни делови како во управата и правосудството, на пример, има работни места кои со години не можат да се пополнат. Значи фалат вработени. Да го земеме на пример Кривичниот суд. Таму се потребни 10 до 13 судски соработници, а е дозволено да вработат само двајца. Дополнително поради ниските плати дел од административните службеници ги напуштија работните места и заминаа во приватен сектор или во странство. Нашите математики се дека судската управа и правосудството ја напуштиле 4.000 до 5.000 работници. Тоа се потврдува и со бројките со кои манипулира владата. Во последните измени на законот за административни службеници се говори за 10.000 луѓе. За пред тоа тој важеше за 15.000 – вели претседателот на синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски.

    Според него, во рамки на реформата на администрацијата треба да се внимава и на систематизацијата и можноста за унапредување.

    – УПОЗ изминатите години бараше да се воспостави мораториум за вработување во управата и правосудството сè додека не се изврши унапредување на кадарот. Главна цел беше, да им се даде стимул на квалитетните кадри да останат во администрацијата. По унапредувањето ќе се види колку од кадарот треба да се прераспредели или да се дообучи, па дури потоа да се вработува нов квалитетен кадар. Со тоа освен што ќе се овозможи нови вработувања ќе се подобрат и платите на вработените во овој сектор – додава тој.

    Синдикатот е и за преквалификација на дел од вработените во администрацијата за потребите на приватниот сектор.

    – Но, процесот не треба да биде насилен, туку доброволен и со давање шанса административците да одберат за што ќе се преквалификуваат и каде би се вработиле во приватниот сектор, каде што реално има далеку повисоки плати од оние во јавната администрација – додава тој.

    Последните бројки, презентирани деновиве, говорат дека во 1.346 институции од јавниот сектор работат 132.088 луѓе. Во органите на државната власт, работат 15.302 лица или 13 отсто од вкупната бројка на вработени во јавниот сектор.

    Најголем е бројот на вработени во дејноста образование со 33 отсто, потоа здравство 19 отсто, управата со 13 отсто, па вработените во комуналните дејности на јавните претпријатија со 9 отсто, дејноста детска заштита и социјална политика со 7 отсто.

    Во споредба со истиот период лани, бројот на вработените во јавниот сектор е зголемен за 905. Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт. Во 2020 година биле вработени 15.945 лица, а во 2021 година бројката е 15.302, што е намалување за 643 вработувања.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img