More

    Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се согласија околу енергетската криза

    spot_img

    Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски се согласија околу енергетската криза. Контактите, информира опозициската партија, стигнале кај министерот за економија  Крешник Бектеши и сега Владата ќе треба да го изменаџира проблемот. Но, ова нема да биде решение за ублажување на енергетската криза, ако неколку клучни закони стојат заглавени во Собранието а се однесуваат токму на проекти кои ќе придонесат за нејзино ублажување, велат од СДСМ.

    Прашање е дали власта и опозицијата ќе се договорат и за законските измени кои претстојат, а ќе се однесуваат на мерките кои ги планира владата за граѓаните и за компаниите.

    СДСМ денеска јавно побара поддршка и одблокирање на законите, но ВМРО-ДПМНЕ одговори дека нема да гласа за новото задолжување на ЕСМ кај ЕБОР и обвини дека власта ги блокира нејзините предлози кои придонесуваат за ублажување на кризата.

    Во прашање се неколку закони кои, како што вели партијата на власт, се значајни за ублажување на кризата и бара деблокада.

    – Тука се, пред сè, измените на Законот за енергетика, за енергетска ефикасност и Законот за градба, со кој се олеснува поставувањето на фотоволтаици, законот за нафта и нафтени деривати, како и спроведување на одлуката за кратење финансиски средства во деловите на Буџетот коишто се со помал процент на исполнетост и нивна прераспределба кон ставки кои се однесуваат на справување со енергетската криза. Сите овие законски измени се важни за последиците од кризата да бидат пребродени што поефикасно и со што помалку штета врз граѓаните, врз стопанството и врз енергетскиот сектор – велат од СДСМ.

    Меѓу нив, како клучен е посочен Законот за обезбедување државна гаранција за задолжувањето на ЕВН кај Европската банка за обнова и развој од 100 милиони евра. Со овој закон, како што е соопштено треба да се обезбедат ликвидни средства за работењето на ЕСМ во услови на криза.

    Европската банка за обнова и развој овој кредит веќе го одобри и се чека државната гаранција за да може да се повлечат парите. Со законот се предвидува најголем дел од парите (55 милиони евра) да се потрошат за набавка на електрична енергија, 24 милиони евра да се потрошат за плаќање на стари кредити и 20 милиони евра да се употребат за оперативни трошоци (административни трошоци, трошоци за пренос на струја, осигурување и одржување, како и платите).

    Од опозицијата тогаш рекоа дека нема да го поддржат ова задолжување бидејќи со новиот долг од 100 милиони евра ќе се покрива криминалот направен во ЕСМ.

    „Наместо инвестиции во енергетика изминативе неколку години власта го опустоши електро-енергетскиот систем во Македонија, па сега во време на кризи мора да се задолжува за да има за плати за работниците и ликвидност на претпријатието. Пред само неколку месеци ЕЛЕМ доби над 175 милиони евра од Владата кои сега не им се доволни, бидејќи тие пари завршија во џебовите на функционерите на СДСМ и ДУИ“, рекоа тогаш од ВМРО-ДПМНЕ.

    Заглавени исто така се и измените на Законот за градење со кои се олеснуваа постапката за инсталирање на фотонапонски централи. Овој закон го чекаат компаниите и граѓаните кои сакаат да се снабдуваат со струја од сопствено производство.

    Измените предвидуваат граѓаните и фирмите ќе можат да поставуваат фотоволтаици за производство на струја на покривите без да бараат одобрение од Општината. Со измените, покрај поедноставување на постапките се предвидува фотоволтаици да може да се стават во индивидуални објекти за домување до 6 KW, a и кај правни субјекти до 40 KW.

    Во Собрание се и измените на Законот за енергетика и енергетска ефикасност и Законот за нафта и нафтени резерви.

    ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека законите ги нема во Собранието и затоа не може да гласа за нив. Опозицијата јасно кажа дека нема да го поддржи задолжувањето на ЕСМ кај ЕБОР. Сепак, од партијата потсетија дека власта го блокира изјаснувањето на пратениците за нивниот предлог за измени на Законот за енергетика преку кој училиштата и јавните претпријатија и болниците би биле на регулираниот пазар.

    – Иако законот е само од три члена една недела сè уште нѐ замајуваат дека се преведува предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ. Односно, се одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание предлог законите коишто Димитар Ковачевски кажа дека се итни, дека ги има, дека бара поддршка, а од нив нема ни трага, ни глас во собраниските архиви. И затоа е бесмислено да се говори за поддршка на закони коишто не постојат и не се доставени во Собранието – изјави Антонио Милошоски пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

    Тој го кажа ставот на партијата за законот за гаранција на заемот од ЕБОР.

    – Неколку пати сме кажале како опозиција дека се сомневаме во трошењата на средствата коешто Владата го прави од вакви заеми и од самиот буџет. 25 милиони евра од овој закон за заем пред ЕБОР се предвидени за дополнителни плати и вработувања коишто власта недомаќински ги прави во ЕЛЕМ-ЕСМ. И сметаме дека во ваква криза кога секој стопанственик особено тие коишто се со помалку вработени се бори за зачувување на едно, две или пет работни места, трошењето на четвртина од овој заем за дополнителни нови вработувања е непродуктивно. Цениме дека не можеме да дадеме поддршка на такви законски решенија, особено не во услови кога според Светската Банка, Македонија за жал е најлошо рангирана во прогнозата за раст на БДП, освен земјите коишто се директно вклучени во војна, како што се Русија, Украина или Белорусија – рече Милошоски.

    Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини вели дека во услови кога земјата е во ваква тешка криза власта и опозицијата не можат да се договорат каде ќе се сретнат и уште повеќе посегаат по популизам наместо да дејствуваат.

    – Власта нека ги убеди дека овие закони ќе придонесат за ублажување на кризата, а не да ги релативизираат работите за својот популизам и политички цели. Нека кажат јасно дека не прифаќаат ултиматуми за нови избори, ако така мислат. Опозицијата, пак, рече дека ќе помогне и така треба да се однесува. Ако е дојден „нож до коска“ кога земјата е дојдена во состојба да бара помош и за храна, и мора да се задолжи за купување струја, тогаш тоа треба да се овозможи, и да се одблокира тој закон. Но треба јасно да се каже дека премногу сме задолжени и внатре и надвор. Граѓаните осиромашуваат, а власта се доведе во состојба да коленичи пред соседите дури и за храна и невидено се бламира со барањето да добие струја и гас, но по цена која сме способни ние да ја платиме. Каде го има тоа во светот? – вели Хајредини.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img