More

    Покачувањето на пензиите нема да нѐ удри по џебот

    spot_img

    Никој не кажува колку ќе ја чини државата најавеното зголемување на минималната плата и на пензиите. Владата тврди дека има обезбедено пари во годинашниот буџет и дека нема потреба од ребаланс. Синдикатите кои се најгласни за зголемување на минималната плата и усогласувањето на другите плати, не сакаат да шпекулираат со бројките, но велат доколку владата ги почитува законите и колективните договори, ќе треба дополнително да го одврзе ќесето. Опозицијата која предложи зголемување на минималната и усогласување на другите плати со неа, како и повисоки пензии за 20 отсто, не соопштува какви ќе бидат пресметките.

    Владините пресметки се дека нема да има потреба од ребаланс на буџетот за годинава поради минималната плата од 18.000 денари и зголемувањето на пензиите по новата методологија на пресметка која ја најави. Но, се чини тука не е пресметана обврската за усогласување на платите во јавниот сектор каде што работодавец е државата.

    – И за минималната плата и за пензиите не треба да се прави ребаланс. Тие се веќе испланирани во Буџетот. За пензиите, Фондот на ПИОМ има обезбедено средства за евентуално зголемување. Не треба да се грижиме дека ќе земеме од некаде за да им дадеме на пензионерите. Пензионерите се осигурени со тоа што имаат доста средства во Фондот на ПИОМ – изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    Но, какви се бројките во буџетот за 2022 година? За плати и за надоместоци се предвидени 530,5 милиони евра, а трансферот од буџетот кон пензискиот фонд според предвиденото во Буџетот треба да изнесува нешто повеќе од милијарда евра оваа година. Остатокот Пензискиот фонд ќе го обезбеди од другите извори на финансирање, главно од придонеси на плати, акцизи, дивиденда и од други приходи.

    Пензискиот фонд во 2020 година (нема податоци за 2021 година) остварил приходи од 1,26 милијарда евра (заедно со она што секоја година се двои од буџетот на државата близу 500 милиони евра), а за пензии вкупно потрошил 977.467 евра. Во земјава има вкупно 326.295 пензионери кои земаат различен износ на пензија.

    И покрај тоа што владата тврди дека има обезбедено доволно пари за порастот на минималната плата, поголемиот дел од државните компании и јавни претпријатија посебно овие во општините ќе имаат тешкотии со исплата на минималната плата и со усогласувањето на другите плати. Државните компании и јавните претпријатија со години трупаат загуби и имаат високи износи на долгови и се превработени поради политиките на владите.

    Десетте најголеми државни компании во првото полугодие лани имаа загуба од 51 милион евра. Износот сигурно ќе биде повисок по завршните сметки. Во овие 10 компании има над 12.000 вработени. Јавните претпријатија и државните компании во декември имаа неисплатени долгови во износ од близу 180 милиони евра.

    Плусинфо побара бројки колку ќе чини зголемениот минималец и усогласувањето на платите на останатите работници во неколку државни компании и јавни претпријатија, но одговор добивме само од Јавното претпријатие за државни патишта.

    – Во Јавното претпријатие за државни патишта има вработени кои со новиот Закон за минимална плата ќе имаат плата помала од минималната. Тоа се работните места „хигиеничар“ и „портир“. Во ЈПДП има 8 хигиеничари и 1 портир. Нивната плата е 17.690 односно 310 денари пониска од новата минимална. Со оглед на малата разлика (310 денари) ова зголемување нема никакви финансиски ефекти врз ЈПДП – се вели во одговорот од ова јавно претпријатие.

    Го прашавме и Министерството за финансии кое управува со државната каса какви импликации ќе има зголемената минимална плата и усогласувањето на платите во јавниот сектор, но не добивме одговор.

    Во јавниот сектор на земјава има вкупно 131.183 вработени кои се на списокот на вработени во 1.332 институции (тука не влегуваат вработените во државните компании). Најголем дел од нив (32%) се во образованието, потоа следуваат здравство (19%), управа (14%), комунални дејности (9,6%), детска заштита и социјална политика (6,8%).

    Во единиците на локална самоуправа вкупно се вработени 5.749 лица.

    Во земјава има 144 јавни претпријатија, 13 од нив се основани од Владата, 3 се основани од Собранието а најмногу, односно 128 се основани од Градот Скопје и од општините. Во јавните претпријатија има вработено вкупно 17.722 лица.

    Владата е основач и единствен акционер/содружник во 15 трговски друштва од кои 13 се акционерски друштва во државна сопственост, а 2 се ДООЕЛ во државна сопственост.

    Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара да се усогласат останатите плати со минималната посебно во јавниот сектор каде што државата е работодавец, а пред неколку дена до Собранието поднесе предлог закон кој предвидува зголемување на пензиите за 20 отсто. Со оглед на поскапувањата и растот на минималната плата, треба да се покачат и пензиите, за пензионерите да може да ги покријат основните трошоци за живот, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

    Но, и од оваа партија не соопштија колкав износ на пари ќе треба да се издвојат од буџетот за ваквото усогласување на платите и порастот на пензиите од 20 отсто.

    Синдикатите не сакаат да шпекулираат со бројките, но велат доколку владата ги почитува законите и колективните договори кои предвидуваат освен минимална плата и усогласување на платите, само за јавниот сектор ќе треба дополнително да го одврзе ќесето.

    – Точни бројки колку би чинело зголемувањето на минималната плата и усогласувањето на другите плати, не можам да кажам, бидејќи тоа ќе биде шпекулација. Но, бројките се високи само за јавниот сектор и мислам дека доколку владата сака да ги почитува законите и колективниот договор ќе треба да го ребалансира буџетот – вели претседателот на КСС Благоја Ралповски.

    Во администрацијата, додава тој, според актуелната систематизација, има 4 категории А, Б, В и Г.

    – Во овие групи постојат повеќе подгрупи кои земаат различна плата, па износот кој ќе треба да се надополни до најавената минимална од 18.000 за секоја подгрупа би бил различен. Доколку се усогласуваат платите и на повисоките категории износите исто така би биле различни за секоја подгрупа. Значи, бројките не се мали – вели тој.

    Овој синдикат бара да се усогласат и платите на останатите работници.

    – Да почнеме само од тоа дека 78.646 работници моментално земаат минимална плата или под минимална плата. Моментално 93.804 работници земаат плата од 18.000 денари. Разликата овде е 15.202 работника. Тогаш што ќе се случува со останатите 700.000 вработени во земјава дали и тие ќе добијат повисоки плати? – прашува Ралповски.

    Тој потсетува дека минималната плата досега е зголемена за 80 отсто, но платите на другите работници немаат ваков износ на зголемување.

    – Да ја земеме администрацијата, на пример, таму зголемувањето е само 5 отсто. Во образованието 20 отсто, а во здравството 30 отсто – вели тој.

    Приватниот сектор веќе се пресметува колку ќе го чини новиот износ на минималецот и поместувањето на останатите плати бидејќи треба да се обезбеди разлика во платите според коефициентот на сложеност и нормите.

    – Ако е само минималната плата работодавците во текстилниот сектор некако би ја менаџирале, но во услови кога компаниите имаат зголемени трошоци за електрична енергија, за транспорт, боледувања на работниците поради пандемијата и трошоци околу организирање на процесот на работа поради боледувањата, зголемена минимална плата ќе биде проблем финансиски да опстане, а ќе направи и проблем кај другите плати. Се прашувам дали со обезбедувањето разлика на платата сега текстилните компании ќе можат да платат 40.000 денари за шивачка – вели Маријана Перковска од текстилниот кластер.

    Таа очекува да се повтори состојбата на отпуштање од работа или затворање на фирми како што тоа се случи при претходното зголемување на минималната плата.

    – За да опстанеме ние како компании ќе треба да ги зголемиме цените на производот, но нашите странски партнери нема да го прифатат тоа. Затоа сум убедена дека ќе има отпуштања од работа и затворање на фирми – вели Перковска.

    Одделни сектори во индустријата, пак, нема да имаат проблем со минималната плата бидејќи не ги засега, бидејќи досега не исплаќале плати под 18.000 денари.

    – Нема да имаме проблем со минималната плата оти не нè засега. Во нашата индустрија одамна нема плата од 18.000 денари – вели Горан Малишиќ, претседател на мелничко-пекарската групација во Стопанската комора.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img