More

    Петчлена комисија ќе добие претседателски овластувања

    spot_img

    Поделени се мислењата меѓу експертите околу предложените измени на Законот за помилување со кои се предвидува претседателот на државата да има право да помилува осудени лица само по правосилна пресуда.

    Согласно предложените измени на Законот за помилување, претседателот на државата нема да може да помилува лица пред тие да бидат правосилно осудени. Работната група на Министерството за правда веќе го достави предлогот за новиот закон до Владата, а се очекува наскоро да влезе и во собраниска процедура.

    За разлика од актуелното законско решение, со новиот закон практично се брише аболицијата, правно средство што е во доменот на дискреционите права на претседателот. Односно, претседателот нема да може да аболира ниту едно лице додека постапката што се води против него не е правосилна.

    – Со новиот закон, помилувањето ќе биде возможно само по молба на осудено лице. Помилувањата ќе бидат разгледувани од петчлена комисија, која преку избрани кандидати пријавени на оглас ќе биде составена од Министерството за правда, а потоа ќе му бидат препраќани на претседателот – вели нашиот извор во комисијата која ги подготвувала предлозите за новиот закон.

    Претседателот ќе може да оформи своја советодавна комисија, но ниту едно лице нема да може да биде помилувано без претходно одобрение од комисијата што ќе ја формира министерството.

    Историја на аболицијата

    Во историјата на независна и суверена Македонија, забележани се три политички случаи на аболирање од страна на претседателот. Прво, Борис Трајковски ги аболираше министерката за внатрешни работи Доста Димовска и началникот на управата за оперативна техника во МВР, Александар Цветков, од обвинувањата што произлегоа од аферата „Големо уво“. Потоа, Бранко Црвенковски го аболираше во рана фаза од постапката Зоран Заев, тогашен градоначалник на Струмица за обвинувањата од аферата „Глобал“. Последниот чин на аболирање беше изведен од Ѓорге Иванов, кој со една одлука помилува 50 лица опфатени во прислушуван материјал, презентиран од опозицијата. По критиките од јавноста, Иванов ја повлече одлуката за аболиција.

    – Идејата за исклучување на аболицијата пред почетокот или во текот на постапката, претставува обид за намалување на политичкото влијание врз судската власт. Јавноста е изморена од политички помилувања, искористени за политички цели – вели професорот по кривично право Гордан Калајџиев за Плусинфо.

    Сепак, доколку предлозите поминат во Собрание, тогаш претседателот на државата нема да биде во можност да помилува, на пример, ни некој политичар. Таков беше примерот со Заев кој извесно време по аболицијата од Црвенковски, стана лидер на партија и со објавување на прислушкувани разговори го симна од власт Никола Груевски. А тоа пак доведе до нова и досега најголема аболиција од тогашниот претседател Иванов. Прашање е дали политичката кариера на Заев ќе се движеше кон лидерство и премиерска позиција, доколку беше суден за „Глобал“ или останеше во притвор подолг временски период.

    – Од тој аспект секогаш постои ризик. Сепак, секој претседател ќе тргне да ги аболира своите сопартијци, затоа за мене е поприфатливо новото решение – додава Калајџиев.

    Претседателот Стево Пендаровски неодамна појасни дека по инцијатива на Министерството за правда новиот закон за помилување е во подготовка веќе неколку месеци.

    – Имавме неколку контроверзни ситуации изминативе 20 години, дали од политички причини или не знам од кои други причини, некој некого помилувал во рана фаза на постапката. Треба да се остави судскиот систем да ја истера постапката, да се соочат аргументите на обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна дека има некаков простор за корекција на таа пресуда, тогаш е дозволено да „влезе“ во процесот, а не првиот, вториот или третиот ден да пресуди и да рече „Нема да има постапка понатаму“,  со што практично де факто се дерогира целокупниот правосуден систем – рече Пендаровски.

    3.000 луѓе лежат по затворите

    Спротивно мислење од професорот Калајџиев има адвокатот Тони Менкиновски, кој новиот закон за помилување го нарекува сиромашен.

    – Мислам дека е катастрофа во законот да се стави дека комисија која ќе биде формирана од Министерството за правда ќе работи на списокот со помилуваните, а потоа нивната одлука само ќе биде парафирана од претседателот. Во комисијата ќе членуваат правници, но не и претставници на судската власт – вели Менкиновски.

    Сепак, најголемиот проблем според адвокатот, е тоа што новиот закон многу лошо ќе се одрази врз ресоцијализацијата на затворениците. Тој смета дека осудените лица треба да имаат одредена шанса за напредок, како и шанса за ресоцијализација во општеството.

    – Во моментов има околу 3.000 луѓе во затвор. Ним им е потребен некаков напредок, некакви параметри за да бидат помилувани. И тука мислам на содржинскиот аспект на предизвикот, а не на самата процедура – додава тој.

    Менкиновски открива дека Македонија има извонредно висок процент на повратници во затворите, бидејќи според официјалните бројки дури 70 отсто од затворениците се враќаат во затвор по втор пат.

    – Тоа значи дека на тие луѓе им е подобро во затвор. Тука е најодговорна државата, која 30 години прави големи грешки со т.н. реформи. Системот што беше на сила за време на бивша Југославија беше одличен. Истиот систем уште во 80-тите беше преземен од Данска, Шведска и од Норвешка – тврди Менкиновски.

    Тој смета и дека е голема грешка на претседателот да му се одземе дискреционото право на аболиција. Според него, решение би можело да биде измена во постојниот закон, со која ќе биде предвидено одлуката за аболиција претседателот да ја образложи пред Врховниот суд, со што би бил обезбеден надзорот во неговата работа.

    Акт на милост

    Адвокатот Звонко Давидовиќ вели дека секој министер за правда се обидува да направи некакви реформи во судството, а крајниот резултат е многу лош.

    – Помилувањето е акт на милост. Не смеете на претседателот да му го одземете тоа право. Секаде во светот претседателот или монархот има право на аболиција. И зошто да се ограничи неговото право на периодот по завршувањето на правосилната постапка – прашува Давидовиќ.

    Тој додава дека не може туку-така да се укинува аболицијата. Според него, секоја реформа мора да се темели на некакво истражување, а не на некакви ад хок решенија. Давидовиќ тврди и дека не смее единствениот аргумент на предлагачот на новиот закон, кога е во прашање укинувањето на аболицијата, да биде политичкото влијание.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img