More

    Пендаровски: Да излеземе во пресрет на младите за да се намали одливот на стручни кадри – Почнува програмата „Млади менаџери и деловни лидери“

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски се обрати пред учесниците на програмата „Млади менаџери и деловни лидери“, која се одржува под негово покровителство.

    Претседателот Пендаровски во своето обраќање порача дека треба да сме горди што во нашата држава имаме млади кои не запираат само на степенот на своето формално образование, туку имаат желба да продолжат со учење, да ги прошируваат своите интелектуални хоризонти и да ги усовршуваат своите вештини и таленти. Тој потсети и на една од главните цели поради која е иницирана „Рамката за развој МКД 2030“, што неодамна е промовирана, а тоа е да се излезе во пресрет токму на потребите на младите, со крајна цел да се намали одливот на стручни кадри од земјата.

    Програмата „Млади менаџери и деловни лидери“ се реализира преку соработка меѓу Кабинетот на Претседателот и Советот на странски инвеститори. Во неа учествуваат триесет и двајца млади лица и осумнаесет компании кои ги ставија на располагање своите капацитети за младите да имаат можност да стекнат нови, практични знаења.

    Во продолжение е интегралното обраќање на претседателот Пендаровски.

    Добар ден на сите,

    Програмата „Млади менаџери и бизнис-лидери“ оваа година ја продолжуваме со  проширен состав на учесници, што сведочи дека сме успеале да го поттикнеме вашиот интерес, но и дека минатогодишните учесници покажале квалитет.

    Нема поголемо задоволство од тоа кога имате проекти што се остварливи и што даваат мерливи резултати, особено ако тие проекти овозможуваат професионален успех и кариерен развој на младите во нашата земја.

    Најпрвин, дозволете да им посакам успешна, перспективна и креативна работа на сите триесет и два избрани кандидати. Комисијата и годинава имаше тешка задача, да ги одбере најдобрите од најдобрите, и верувам дека изборот што го направилa, вие, во целост, ќе го оправдате.

    Особено ми е чест што оваа програма е препознаена и вреднувана како успешна и од нашата бизнис-заедница. Годинава имате можност да соработувате со врвни професионалци од вкупно 18 големи наши компании од кои десет се нови во процесот, и се разбира, имате можност да учите од нив. Сите тие компании ви ја даваат својата доверба, отворени се да ги слушнат вашите бизнис-планови и идеи и сакаат да придонесат во вашата стручна обука и професионална надградба.

    Голема благодарност до г. Штефан Петер за иницијативноста, до Советот на странски инвеститори и до сите компании што нѝ се приклучија и што делегираа свои вработени – ментори, кои ќе ги водат овие млади луѓе низ целиот овој процес се до успешно комплетирање на задачата.

    Треба да сме горди што во нашава држава имаме млади кои не запираат само на степенот на своето формално образование, туку имаат желба да продолжат со учење, да ги прошируваат своите интелектуални хоризонти и да ги усовршуваат своите вештини и таленти. Тоа треба да нѐ охрабрува сите нас, согласно со ресурсите на располагање, да им дадеме шанса со што ќе го отвориме патот за нивна професионална реализација.

    Дозволете ми да потсетам дека една од главните цели поради која ја иницирав „Рамката за развој МКД 2030“, што неодамна ја промовиравме, е да излеземе во пресрет токму на потребите на младите, со крајна цел да се намали одливот на стручни кадри од земјата. Многупати сум кажал дека од клучно значење е да ги лоцираме областите каде што имаме потреба од вложувања и од инвестиции и таму да ги насочиме нашите ресурси. Во таа смисла, особено важно е да се адаптира пазарот на труд на реалните потреби. А тоа значи да продуцираме стручни кадри кои навистина нѝ се потребни, кои ќе бидат способни да го одржуваат развојот на државата и да придонесат за натамошен прогрес на општеството.

    Само заедница на граѓани со отворени умови има перспектива за развој и напредок. Колку повеќе учиме толку повеќе и даваме шанса на нашата креативност и доаѓаме до нови идеи и до иновации кои не движат напред. Мора да бидеме подготвени да изнаоѓаме функционални решенија и политики во глобалниот амбиент кој постојано се менува.

    Почитувани,

    Оваа програма е замислена младите да почувствуваат како практично функционира бизнисот од прва рака, да добијат конкретна можност да дадат свој придонес, но истовремено претставува и тест за преиспитување на нивните индивидуални афинитети и капацитети.

    Дозволете на крајот уште еднаш на сите учесници да им посакам успешна соработка со компаниите. Искрено се надевам дека дел од вас своите професионални кариери во иднина ќе ги градат токму во некоја од овие наши успешни компании.

    Ви посакувам да ја задржите мотивацијата и да работите на себе, затоа што само така ќе успеете да се  реализирате во бизнисот.

    Ви благодарам.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img