More

    Отворајте очи кога заминувате на сезонска работа во странство!

    spot_img

    По Германија, која објави висока бројка за вработување на Балканци, и земјите од поблискиот регион тргнаа во „лов“ на работници од земјава. Агенции и работодавачи од Хрватска и Словенија веќе објавуваат огласи за обични работници, за угостители и градежници, главно за претстојната туристичка и градежна сезона. Огласи по социјалните мрежи има и од поединци, македонски или странски државјани, кои вработуваат во странство, а веќе има најави и за сезонски вработувања и од домашните агенции за посредување при вработување во странство. Интересот кај граѓаните уште не е утврден, но ако се знае дека годишно речиси 10.000 луѓе работат сезонски во странство, може да се очекува слична бројка и годинава.

    Искуствата од изминатите години говорат дека дел од граѓаните кои сезонски работеле во странство се задоволни, но има и такви кои биле излажани, платиле за вработувањето, но не добиле плати и поволности според огласот или усниот договор со посредувачите.

    Стручни лица од секторот велат дека, во отсуство на државна стратегија за сезонско вработување во странство, странски агенции, работодавачи и поединци од земјава и странство „ловат во матно“ и обезбедуваат работници без притоа државата да знае кој кадар ја напуштил земјата и под кои услови работи во странство.

    – Државата треба да најде форма за вработување на сезонски работници во странство и тоа да се одвива преку државни канали, со меѓудржавни договори, со што на луѓето кои сакаат да работат во странство ќе им се гарантираат одредени права, а работодавачите ќе добијат квалификувана работна рака. Вака, дел од вработувањата во странство немаат сигурност и гаранција. Доаѓањето на странски агенции или работодавачи од најразлични држави во земјава да регрутираат работници, може да се рече, е нелегално, бидејќи тие не се авторизирани да прават регрутации во земјава и не се обврзани да ги исполнат законските обврски, кои покрај другото подразбираат и пријавување на работниците. Во овој случај државата нема информација за тоа каде се вработени овие луѓе, а во случај на повреда оштетен е македонскиот систем – вели Зоран Кочовски од агенцијата за вработување во странство „Коузон“.

    Според него, ваквата состојба им користи и на граѓаните кои немаат соодветно образование, а по секоја цена сакаат за заминат во странство.

    – Во вакви услови тие ризикуваат да не можат да најдат работа, ако оној што им ја ветил ги извиси или процени дека не се соодветни за работното место. Ако најдат работа, пак, најверојатно нема да ги добијат правата што им следуваат на странските работници. Бидејќи не поседуваат квалификации, поголемиот дел од нив свесно ризикуваат – појаснува тој.

    Кочовски смета дека македонскиот пазар на труд веќе нема што да им понуди на странските работодавачи.

    – За најмногу шест месеци земјава нема да има можност да извезува работници во странство и ќе се соочи со огромен недостиг на работници за домашните компании – вели тој.

    Милан Џинлев од агенцијата „Приорити – солуции за вработување“ која посредува при вработување на сезонци, главно во Хрватска, вели дека секој што оди во странство да работи треба да биде претпазлив со кого се договара.

    – Кај нас постојат таканаречени диви агенции и поединци кои за вработување во странство наплаќаат од секој заинтересиран. Притоа, за да привлечат повеќе луѓе, прикажуваат работи кои не ги нудат работодавачите во земјата каде што ги носат овие луѓе. Дури има и такви кои со комбиња на кои пишува „работа во …“ превезуваат граѓани, без притоа да им нудат сигурно вработување. Па се случува дури и да бидат измамени и да не добијат работно место. Затоа е потребно секој да ја провери фирмата во која се нуди вработувањето, да провери што се бара, кои квалификации, што треба да се обезбеди од документите, но и да го провери работодавецот пред да одлучи со кого ќе оди во странство – вели Џинлев.

    Тој додава дека преку неговата агенција и годинава ќе има сезонски вработувања во Хрватска, кај познати работодавачи и со востановени правила. Огласите ќе стартуваат од февруари.

    – Очекуваме солиден интерес не само од работници, туку и од студенти кои сакаат да заработат за време на распустот. Нашите вработувања се кај познати работодавачи и со обезбедени работни дозволи и престој, утврдени плати и според утврдените квоти за странци во таа земја. Ние не наплаќаме за вработување, но за да се замине во странство треба да се поседуваат одредени квалификации кои ги проверуваме – вели Џинлев.

    На злоупотреби на странските работници во земјите од регионот деновиве предупреди и претседателот на Здружението на странски работници во Словенија Марко Танасиќ, кој во изјава за словенечки портал рече дека словенечките работодавци на секој начин ги искористуваат вработените, бидејќи многу фирми се регистрирани во Словенија, но таму не вршат никаква дејност.

    – Тоа се компании за регрутирање, кои во суштина ги позајмуваат илегално вработените лица во странство. Работниците немаат права, најчесто работат за минимална словенечка плата, со устен договор за саатница од 8, 9 или 10 евра, што вклучува боледување, одмор и друго – изјави тој за словенечкиот портал.

    Тој нагласува дека многу компании за регрутирање во Словенија вработуваат работници за подоцна „да ги изнајмат како модерни робови на земјите од Западна Европа, особено Германија“.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img