More

    Опозицијата е спремна на операција без анестезија

    spot_img

    Повиците за масовно излегување на народот на улиците и неучеството на опозициските пратеници во процесот на изгласување на францускиот предлог во Собранието, очигледно, беше „планот А“ на опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица кога станува збор одбивањето на преговарачката рамка, која, според нив, значи менување на македонската историја, учебниците, културата и идентитетот на македонскиот народ.

    Откако овој нивни првичен план не успеа и откако пратениците од владејачката коалиција во саботата со 68 гласа „за“ го изгласаа францускиот предлог и со тој потег го испратија министерот за надворешни работи Бујар Османи во Софија за да го потпише билатералниот протокол, опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Левица одлучија истовремено да го активираат „планот Б“ – распишување референдум, со цел граѓаните сами да одлучат дали го прифаќаат билатералниот протокол со Бугарија и преговарачката рамка со ЕУ, такви какви што се.

    Опозициските пратеници цврсто стојат на ставот дека нема да има промена на уставните измени кои се неопходни за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, а со цел свикување на втората меѓувладина конференција на којашто ќе бидат отворени поглавјата во преговорите на земјава со ЕУ.

    Но, дали е тоа сѐ што може да се очекува од опозицијата? Ако распишувањето референдум е „план Б“, тогаш постои ли и „план Ц“? До каде може да оди и на што сѐ е подготвена опозицијата кога станува збор за исполнувањето на нејзиното барање: зачувување на македонскиот идентитет? Може ли да се очекува целосна блокада на голем дел од институциите, советите и општините во државата? Ќе имаме ли парализирана држава?

    Сите опции се во игра

    Наскоро треба да имаме Извршен комитет на којшто ќе се претстават сите опции за натамошно делување, па партијата ќе одлучи што ќе прифати, а што ќе одбие, вели пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, во разговор за Плусинфо.

    Борбата продолжува. Ништо не е готово. Сите опции се во игра. Масовните протести пред зградата на Владата ќе продолжат и во следниот период, а може да се очекува и целосна блокада на институциите.

    Бојан СтојаноскиПратеник, ВМРО-ДПМНЕ

    – Борбата продолжува. Ништо не е готово. Сите опции се во игра. Масовните протести пред зградата на Владата ќе продолжат и во следниот период, а може да се очекува и целосна блокада на институциите. Значи, сите опции се отворени. Јавноста и новинарите треба многу внимателно да ги следат чекорите, затоа што сето она што се случи во саботата во Собранието нема никаков технички-правен карактер, туку власта тоа го направи само за да купи време со цел намалување на интензитетот на протестите и полесно стигнување до онаа сезона на одмори кога грото од македонскиот народ оди на летување. Инаку, немаше никаков формален карактер сето тоа што се случуваше во Собранието, бидејќи таа институција не може да одлучува. Така што, ако подобро го погледнете Протоколот којшто вчера беше објавен, ние всушност ги започнуваме преговорите со ЕУ откако ќе го смениме Уставот и ќе ги вметнеме Бугарите. А такво нешто ВМРО-ДПМНЕ нема никогаш да дозволи. Затоа, сето тоа што утре ќе се случува на првата меѓувладина конференција во Брисел е само обична средба за фотографирање. Во таа смисла, ништо не е задоцнето. Исправен е чекорот народот да си го каже своето мислење на референдум кој ќе биде задолжителен, а не консултативен – објасни Стојаноски.

    Јована Мојсоска, член на президиумот на Левица, во краток разговор со Плусинфо рече дека раководството на партијата наскоро ќе организира состанок и ќе ги разгледа сите опции.

    – Не би можела сега да откривам никакви детали за натамошното делување на Левица во поглед на отфрлањето на францускиот предлог и заштитата на македонскиот идентитет. Доцна синоќа беше објавен Протоколот, па вечерва ќе ги разгледаме деталите. Ние имаме некои идеи, ама тие треба најпрво да се усогласат и да се дефинираат – рече Мојсоска.

    После свадба – тапани?!

    Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека работата со францускиот предлог е завршена и дека сега е доцна за сѐ.

    Пратениците требаше да излезат од Собрание, градоначалниците требаше да излезат од општините, советниците од советите, а целиот наш народ да ги блокираше сите крстосници низ Македонија.

    Синиша ПекевскиПолитички аналитичар

    – Опозицијата сега може да се удира во гради и да го ниша бродот, ама апсолутно не постои нешто што може да се направи за да се промени ситуацијата. Завршена е таа приказна. Прво, сега веќе нема да се дозволи приказната да оди толку далеку и да се организира референдум. Како прво, додека опозицијата собере 150.000 потписи, па додека добие дозвола од Собранието… А како второ, никој нема сега да ти дозволи да организираш референдум и да влезеш во клинч со ЕУ и со САД. Партијата на Христијан Мицкоски е свесна дека е завршена работата, а партијата на Димитар Апасиев само купува политички поени. Прво што требаше да направи опозицијата е да го блокира Собранието. Ако знаеле дека властите шест месеци преговараат, тогаш зошто молчеа? Можеа да го изнесат цел народ на улица и да го блокираат Парламентот. А тие што направија? Се бунтуваа против изгласувањето на францускиот предлог во Собранието, ама на крајот ја напуштија собраниската сала и не гласаа „против“. Опозицијата, едноставно, требаше да излезе од сите институции и да ја парализира целата држава. Пратениците требаше да излезат од Собрание, градоначалниците требаше да излезат од општините, советниците од советите, а целиот наш народ да ги блокираше сите крстосници низ Македонија. На тој начин ќе го срушеа системот – објаснува Пекевски.

    На прашањето дали такви масовни блокади може да се очекуваат во следниот период, тој вели дека „возот е заминат“.

    – Возот веќе одамна ја напушти железничката станица. Опозицијата требаше порано да мисли како да постапи. Сега е веќе доцна. Луѓето се крајно разочарани, па опозициските партии се свесни дека повиците за масовен бојкот нема да вродат со плод. Зошто сега би ја парализирале државата ако премиерот Димитар Ковачевски утре ќе учествува на првата меѓувладина конференција во Брисел? Плус, сега е лето. Кој ќе се бунтува на 50 степени? – вели Пекевски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img