More

    Од вторникот во Скопје се прска против комарци

    spot_img

    Од вторникот во Скопје се прска против комарци. За викендов е најавено трето авионско прскање. Но, дали тоа ќе ги спаси скопјани од непријатните инсекти што им ги загорчуваат животите речиси секое лето?

    Службата за дезинфекција, дезинсекција и дератизација (ДДД) при Центарот за Јавно здравје, која врши теристричка дезинсекција (прскање од земја), вели дека се прска со резерви кои ги поседува Град Скопје. Во моментов сè уште е во тек тендер кој завршува на 27 мај, по што ќе се знае новиот набавувач и со какво средство ќе се врши уништувањето на комарците во главниот град.

    Ова во разговор за Плусинфо го изјави Николина Соколова, шеф на ДДД Служба при ЈЗУ Центар за јавно здравје – Скопје. Таа ни потврди дека во моментов се користи средството аквакотрин со активната супстанца делтаметрин.

    Според експерти со кои разговаравме, постои општо мислење на стручната јавност во земјата и во странство дека средството за запрашување треба почесто да се менува, бидејќи комарците стануваат резистентни на активната супстанција. А кај нас делтаметринот е средство кои безмалку непрекинато се користи со години, па и со децении.

    – Да, во принцип, во литературата се зборува за потребата за менување на средствата и за појавата на резистентност кај комарците, но науката вели дека тоа треба да се докаже на терен, бидејќи во секоја средина се создаваат посебни генотипи на инсекти. Едно такво истражување научно да докаже дали конкретно комарците што се третираат во Скопје и во другите градови во Македонија се резистентни на делтаметрин – објаснува Соколова.

    Но, како што ни потврди таа, во Македонија досега, иако се користи истата супстанција, никогаш досега не е направено истражување за резистентноста на комарците.

    – Препорака на Светската здравствена организација (СЗО) е да се користи средство со активна супстанција делтаметрин, бидејќи ова средство е побезбедно од аспект на заштита на биодиверзитетот. Според мониторингот на теренот кој го вршиме после секое запрашување, може да се забележи намалување на популацијата на комарци – истакнува Соколова.

    Во минатото средството против комарци било набавувано од страна на Центарот за јавно здравје, но според епидемиологот д-р Александар Стојанов, тоа сега е во надлежност на Град Скопје, односно Градот распишува тендер и тоа го прават приватни фирми.

    – Најефикасно уништување на комарците е со теристичкиот начин, што значи од земја и Центарот за јавно здравје сè уште е задолжен за овој начин на прскање, пред сè бидејќи располага со апаратите кои се монтираат на возило пикап. Но, секаде не може да се спроведе тоа, како што е Водно на пример, затоа се прска и со авиони. Многу години порано, средството против комарците се раствораше во нафта, беше многу поефикасно, бидејќи, нафтата лепи на листовите. Но, бидејќи не е еколошки, сега средството се раствора во вода. Пред да почнат овие активности, односно аерозапрашувањето и теристичкото прскање кои треба редовно да се спроведуваат од април, мај јуни, се до септември, па и октомври доколку е топло, се прави ларвицидна дезинсекција, додека комарците се во фаза на развој. Но, бидејќи ваквите активности се навистина скапи, ова често е прескокнувано – вели д-р Стојанов за Фактор.

    Според сознанија на Плусинфо, Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство во 2017 година расправала за прашањето кои средства треба да се користат за превентивно запрашување на комарци. Од овој состанок произлегол заклучок кој е испратен до центрите за јавно здравје и во кој се вели дека треба да се користи средство кое во согласност со препораките на СЗО, но да се има предвид фактот дека по долготрајна употреба на едно средство за запрашување, пожелно е да се замени со друго, бидејќи постои опасност од резистенција на комарците на тоа средство.

    Дали оваа година ќе се набави ново средство за прскање или и понатаму ќе се прска со „проверениот“ делтаметрин ќе знаеме по завршувањето на тендерот. А конечното „истражување“ за тоа колку работата е завршена ефикасно ќе го спроведат скопјани наскоро, во екот на сезоната кога комарците се најактивни.

    Како се врши уништувањето на комарците?

    Инаку, во рамки на Центарот за јавно здравје функционира ДДД Служба во чија надлежност е превентивна дезинфекција, дезинсекција и дератизација.

    Една од нивните активности е и уништувањето на комарци и за целосно уништиувње на овие инсекти кои се штетни за човекот и се познати предизвикувачи на разни епидемии, постојат неколку принципи:

    – Ларвицидно третирање, за уништување на комарични ларви, со примена на биолошки и хемиски ларвицидни, одобрени од Министерството за здравство – Биро за лекови.

    – Адултицидно третирање за уништување на возрасни комарци во места каде што тие се задржуваат (шеталишта, паркови, густо зеленило итн.)

    – Терестичка дезинсекција каде третманите се спроведуваат со прскање, оросување, замаглување, односно со примена на ЛВ ладна постапка и УЛВ топла или ладна постапка, при што се користат два аеросолни генератори, процесниот пристап започнува во раните утрински часови, од 04 до 06 часот, или по можност во вечерните часови од 19 до 21 часот, кога и активноста на комарците е максимална.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img