More

    Ние веќе ја отворивме сезоната во Анталија

    spot_img

    Во последниве две години ковид-пандемијата ни ги ограничи патувањата. Во првата година беа невозможни, во втората се одвиваа со строги мерки, протоколи и сертификати, а правилата се менуваа речиси секојдневно во зависност од епидемиолошката состојба во земјите. Но, моменталната слика со пандемијата е значително подобрена, па поради тоа повеќето од нас уште сега почнуваат да ги планираат своите годишни одмори, продолжени викенди и разни екскурзии.

    Неодамна се вратив од едно прекрасно патување во регионот Анталија, во Турција, на кое покрај претставници на медиумите, имаше и блогери и инфлуенсери, но и претставници на туристичката агенција „Фибула“ и авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, кои го организираа ова незаборавно доживување. Сепак, да почнеме од почеток и накратко да ви ги раскажам моите впечатоци – можеби ќе ви помогнат да се одлучите ако сè уште не знаете, каде да патувате на одмор ова лето. А јас топло ви ја препорачувам турската провинција Анталија.

    Некаде околу 6 часот наутро беше закажана нашата прва средба на скопскиот аеродром. Тоа што бевме по малку нерасонети, не влијаеше на позитивнате атмосфера кај нас 20-мина кои со нетрпение го очекувавме летот на „Туркиш“ до Истанбул, а потоа летот до Анталија. Знајте дека за време на летните одмори има директни летови, па нема да ви биде потребен трансфер.

    Гостопримливоста на Турците е на далеку позната, а ние ја почувствуваме веднаш по излегувањето од аеродромот во Анталија. Со цветови за припадничките на понежниот пол, како и освежителни пијалаци и традиционалниот локум нè пречека нашиот водич Харис, кој заедно со капетанот Бекир (така во Турција се нарекуваат возачите на автобуси) во следните 7 дена нè придружуваа на нашата прошетка низ регионот Анталија, кој ги опфаќа летувалиштата Анталија, Кемер, Кунду, Белек, Сиде и Аланија.

    По кратко патување со автобус пристигнавме до првата наша дестинација – хотелот „Gypsophila Club Marine“ во Кемер. Пред влезот заедно со останатиот персонал беше и менаџерот на хотелот, со коктели, шампањ, слатки и овошја. Откако набрзина ги оставивме куферите, се упативме кон плажата. Интересно за овој хотел е тоа што собите за гости се во бунгалови, а околу нив има богата градина која изобилува со дрвја и растенија кои ви пружаат чувство дека се наоѓате во шума, не само покрај море. Освен во зеленилото, гостите можат да уживаат во „а ла карт“ рестораните од кои се пружа прекрасен поглед кон морето, достапни се многу забавни содржини и спортски активности, детски забави, тематски вечери, шоу на аниматорски тим… Што и да изберете, нема да ви биде здодевно, затоа што домаќините ќе направат сè за да бидете задоволни.

    Комбинацијата од борова шума, кристално чистото море и погледот кон планината Таурус, овозможува во Кемер температурата речиси секогаш да биде повеќе од 5 степени посвежа од другите делови на Анталија, без разлика за кое годишно време станува збор.

    По богатиот појадок на терасата од ресторанот и утринското кафе покрај морето, дојде време да ја започнеме нашата инфо-тура и посетата на речиси 30-тина хотели во овој регион на Турција. Оваа активност се претвори во вистинска авантура збогатена со смеење, дружење и истражување.

    Луксузот се чувствува на сите страни. Таман ќе помислите дека сте го виделе најубавиот хотел, веќе следниот ве разубедува во тоа. Повеќето сместувачки капацитети работат 12 месеци во годината. Во зимскиот период бројни спортски екипи ги користат терените за подготовки, а љубителите на голфот во текот на целата година може да уживаат во нивниот спорт, во неколкуте луксузни ресорти.

    Сите хотели работат по принципот „ол инклузив“ – богати трпези со традиционални јадења од турската кујна, но и други специјалитети кои ќе ги задоволат вкусовите и на најпребирливите. А кога станува збор за слатките, е тука веќе немаме зборови – овде е рајот за љубителите на благото. Во понудата може да се најдат познатата турска баклава, кадаиф, сутлијаш, ќунефе, бројни торти и ситни колачи.

    Ги посетивме аквариумот во Анталија, тематскиот парк „The Land of Legends“, а уживавме и во магијата на стариот град во Сиде. Во понудата има и други факултативни излети за кои верувам дека вреди да се одвојат време и пари.

    Целиот регион Анталија нуди задоволство за семејства со деца, затоа што секаде може да се најде некоја интересна занимација. Аланија може да се препорача и за младите, и за вљубените, и за оние кои сакаат дневна забава и ноќен живот. Ако го изберете Сиде ќе изберете да го поминете одморот на песочни плажи, ако не ви се патува многу – изборот е Анталија зашто е најблиску до аеродромот, Кемер е за љубителите на исклучително чисто море и плажи со камчиња. Но, кој регион или хотел да го изберете – нема да се разочарате, затоа што услугата е речиси секаде на врвно ниво.

    На крајот, може слободно да се каже дека концептот на туризам во Турција е примамлив – еднаш кога ќе платите, нема дополнителни трошоци. Сѐ е вклучено во цената и го нема стресот дали ќе имате пари за сладолед или за сокче. Турците, несомнено, знаат како ве освојат и да ве задржат како турист!

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img