More

    Неофицијално 5.000 административци дале отказ за 2 години

    spot_img

    Администрацијата се празни од високостручен кадар на чии места нема нови вработувања, а во одделни јавни сектори има прекубројно вработени, тврдат синдикатите кои забележуваат дека преку намален број на огласи за нови вработувања привидно се прави реформа во јавната администрација. Овие луѓе велат од синдикатите, за повисоки плати одат во странство или се вработуваат во приватниот сектор.

    Пресметките на синдикатите се дека за две години со давање отказ или пензионирање испразнети се повеќе од 5.000 работни места. Нов бран на намалување на бројот на административци се очекува во јуни кога треба голем број од нив да заминат во пензија, а ако не се пополнат испразнетите позиции, тогаш ќе се продлабочи дефицитот од кадри на места каде што се најпотребни.

    Од Министерството за информатичко општество и јавна администрација и натаму молк за официјалните бројки колку административци ја напуштиле работата незадоволни од платата и неможноста да се унапредат.

    Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити неодамна призна дека немаат системско решение за превработеноста во администрацијата па проблемот на превработеност и нестручност на администрацијата ќе ја решаваат со природен одлив на кадарот (пензионирање) и актуелното ограничување на бројот на нови вработувања од 5 отсто на годишно ниво. Тој не спомна дека дел од административците сами даваат откази и одат во странство или во приватен сектор за повисоки плати.

    Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) велат дека последните две години во администрацијата недостигаат 5.000 високообразовани работници кои според нив дале отказ.

    – Немаме точни податоци колку вработени ги напуштија своите работни места во администрацијата, но знаеме дека голем број на работници заминаа во приватен сектор и во странство, а на нивните работни места иако се дефицитарни нема вработено нови лица. Нашите пресметки се дека околу 5.000 луѓе се заминати во последниве 2 години – вели Трпе Деаноски, претседател на УПОЗ.

    Во дејностите каде што дејствуваме, додава тој, се очекува дополнително намалување на бројот на работници со пензионирањето во јуни.

    – Голем број од овие работници (оние кои сами ја напуштат работата и пензионираните) се високостручен кадар па многу брзо ќе се почувствува дефицитот, ако навреме не се објават огласи за нивна замена. Практиката е огласи да се објавуваат по добиено мислење од Министерството за финансии, но последниве години голем број од огласите не се за работници во судската администрација или управата, што говори дека во иднина на еден работник ќе му бидат додадени уште задачи, а платата ќе остане потпросечна или на ниво на минимална – вели тој.

    Посебен проблем за вработување на висококвалификувани работници во администрацијата се ниските плати.

    – Најголемиот број од огласите кои се објавуваат од управата и правосудните органи, но и од општините завршуваат без пријави, па затоа е многу тешко да се обезбедат квалитетни работници кои во основа се дефицитарни во администрацијата – додава тој.

    Синдикатите забележуваат дека со отсуство на огласи за пополнување на испразнетите места нема да се реши прекубројноста во јавниот сектор бидејќи во одделни дејности има превработеност, а во други фалат голем број вработени со висока стручна подготвеност кои можат да одговорат на барањата.

    – Реформата на администрацијата не може да се прави на ваков начин туку треба да се направи добра анализа и да се воспостави добар систем на унапредување и на соодветно вреднување на трудот бидејќи со сегашната состојба се изедначуваат голем број работни места па се случува високостручен кадар да зема ниска плата и со години да не добие унапредување-вели Дејаноски.

    Најголемо оптоварување од превработени во администрацијата, посочуваат синдикатите, има во образованието каде што според анализите има вишок околу 4.000 работници, но сепак таму има и најголем број на огласи за вработување.

    Бизнис секторот кој е во основа за мала и ефикасна администрација очекува при намалувањето на бројот на работници во администрацијата тоа да се реализира според нивниот квалитет.

    – Администрацијата мора да се намали да биде доволно стручна и ефикасна, зашто сега најголем дел од чекањето на бизнисот е поради бавната и нестручна администрација. А тоа е резултат на партиските вработувања на луѓе кои немаат квалитетот и стручноста. Така, ние имаме голем број вработени во одделни сегменти, но нивната ефикасност е нула. За да завршиш една работа ќе мора да поминеш кај 10 луѓе и да не добиеш соодветен одговор. Се губи и време и пари. Сметам дека треба да се направи анализа каде и колку кадар е потребен колку е обучен и квалитетен и така да се реформира овој државен сегмент – изјави Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи неодамна за Плусинфо.

    И експертите не очекуваат да се добие професионална администрација преку пензионирање на работници, мали плати и самоиницијативни откази. Туку тоа треба да се направи со функционална анализа по која треба да се направи рез.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img