More

    Нема здравје без ментално здравје

    spot_img

    Порастот на анксиозноста и на депресивните растројства е зголемен за повеќе од 25 проценти во текот на првата година од пандемијата. Во исто време, услугите за ментално здравје се сериозно нарушени и јазот во третманите за состојбите со ментално здравје е зголемен, велат од Светската здравствена организација (СЗО) по повод 10 Октомври – Светскиот ден за заштита на менталното здравје.

    Годинава, СЗО организира кампања посветена на темата „Да го направиме менталното здравје глобален приоритет за сите порачувајќи дека е потребен свет во кој ќе се цени, промовира и заштитува менталното здравје и каде секој ќе има еднаква можност и пристап до потребната грижа и стручна помош за менталното здравје.

    Д-р Мирјана Јовановска-Стојановска, психолог и претседателка на Комората за психолози во разговор за МИА вели дека „од глобалните промени не можеме да се заштитиме, живееме во нив и тие се нашата реалност.

    – Секој е погоден од нив. Некој порано, некој покасно, некој помалку, некој повеќе, но сите во целост сме погодени од ова што се случува последниве две ипол години – додава Јовановска-Стојановска.

    Стигмата за менталното здравје – бариера за социјална вклученост

    Од СЗО велат дека стигмата и дискриминацијата продолжуваат да бидат бариера за социјалната вклученост и пристапот до вистинската грижа.

    Согласно податоците, во 2019 година се проценува дека еден од осум луѓе на глобално ниво живеел со ментално нарушување. Во исто време, услугите и средствата достапни за менталното здравје остануваат во недостиг и се многу под потребните, особено во земјите со низок и среден приход.

    – Стигмата за менталното здравје почнува од училиштата. Во нашата земја постои Закон за ментално здравје што во своите членови зборува само за лица кои се на лекување во психијатриски ординации, а никаде не се споменува менталното здравје, ниту пак се предвидени активности за превенција и сочувување на менталното здравје – појаснува психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.

    Таа вели дека со тоа што никој не посветува внимание на младите луѓе во текот на школувањето, општеството не презема ништо да се зголеми свесноста за важноста на сочувување на менталното здравје и постојано се препишуваат огромен број лекови депресанти, сè додека не се случи трагедија, па потоа сите говорат за важноста на менталното здравје, и потоа сè се враќа на истото.

    Влијанието на постојните глобални промени

    Растечките социјални и економски нееднаквости, долготрајните конфликти, насилството и вонредните состојби во јавното здравје влијаат на целата популација, велат од СЗО.

    – Мора да ја продлабочиме вредноста и посветеноста што ги даваме на менталното здравје како поединци, заедници и влади и да ја усогласиме таа вредност со поголема посветеност, ангажираност и инвестиции од сите засегнати страни, во сите сектори. Мора да ја зајакнеме грижата за менталното здравје, така што целосниот спектар на потреби за ментално здравје ќе биде задоволен преку мрежа на пристапни, достапни и квалитетни услуги и поддршка заснована на заедницата – додаваат од СЗО.

    Според Јовановска-Стојановска, човекот е создаден да се приспособува и така опстојува.

    – Но, оваа способност има свои граници. Ако промените се постојани во подолг временски период почнува да се намалува способноста за приспособување и личноста полека почнува да покажува тешкотии во функционирањето. Ваквите продолжени постојани промени доведуваат до продолжена изложеност на стресот што доведува пак до промени во квалитетот на менталното здравје – вели таа.

    Таа додава дека личноста полека ја губи способноста да ги процесира емоциите и почнува да живее во продолжена траума. Тоа, како што посочува, влијае на сите сфери на човековото функционирање и неговиот однос кон другите.

    За тоа што може да се очекува по завршувањето на глобалните кризи, психологот Мирјана Јовановска-Стојановска вели дека луѓето сѐ уште не излегле од кризата за да можат да чувствуваат последици од кризата.

    – Луѓето секојдневно живеат во кризата, односно живеат во траума. Што ќе биде понатака кога ќе престанат сите овие кризи не може никој да каже точно затоа што моментално не знаеме колку ова сѐ наоколу ќе трае – додава таа.

    Јовановска-Стојановска порачува дека секој треба да се грижи за менталното здравје.

    – Тоа е ваше право и должност. Учете нови методи, техники за справување со стресот, насмејте се, вежбајте, бидете во друштво, правете работи што ве прават среќни. Ако повеќе од две-три недели сте заглавени во едни исти чувства тогаш посетете некој специјалист-психолог. Нема здравје без ментално здравје – вели Јовановска-Стојановска во разговор за МИА.

    Кристина Ивановска, МИА

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img