More

    Недопрената природа околу езерата Липково и Глажња

    spot_img

    За љубителите на природата, како и за оние кои сакаат да ги откријат убавините на нашата земја, не постои никаква пречка да ја реализираат својата цел и активност. Убавото време секогаш е предуслов да се избега од градската џунгла и да се замине во авантура во која ќе се ужива секој миг.

    Жителите на градовите главно одат до најблиските излетнички места, планини, реки или езера да подишат чист воздух и да се релаксираат во убавините. Но има и такви, без разлика дали станува збор за превоз со автомобил, автобус, воз, мотор или со велосипед, кои се одлучуваат да ја истражат Македонија.

    Екипа на Плусинфо заедно со членовите на здружението Маседониан бајк рајдерс тргна со велосипед од Скопје, а крајната дестинација беше езерото Глажња кое се наоѓа на околу 45 километри од главниот град и на 17 километри од Куманово и е во близина на селото Липково.

    До овој преубав крај се стасува по стариот пат за Куманово кој води преку селото Арачиново, потоа кај Никушак се врти лево каде што патот се двои кон Куманово, а следното село е Виштица. Оттаму преку локалниот пат се стасува до Матејче, па потоа следи Отља и селото Липково. Жителите на овие села нѐ отпоздравуваа и нѐ бодреа во подвигот.

    Од Виштица продолживме по патот кој води до браната во Липково, кој за жал, како што можевме да забележиме, на повеќе места е затрупан со шут, што претставува голем проблем ако оваа област сака да стане туристичко место и да ги искористи убавините привлекувајќи туристи од целата земја, но и пошироко.

    Во едно интервју градоначалникот на Општина Липково, Еркан Арифи, изјави дека имаат подготвено урбанистички план за развој на туризмот кај езерото Глажња и Липковското езеро, дека се подготвени документите, но дека имало неколку пречки од управата на Македонски шуми. Урбанистичкиот план за браната Глажња предвидува на околу 15 хектари изградба на хотели, мотели, ресторани, викендички, отворени и затворени базени со единствена цел да се активира туризмот во општина Липково.

    Липковското езеро е значајна хидроакумулација во Кумановско. Браната на ова езеро е оддалечена 2 км од селото Липково и 12 км од Куманово. Изградено е во 1958 година за водоснабдување, наводнување и производство на струја. Акумулацијата се наоѓа на надморска височина од 478 метри, во долината на Липковска Река, десна притока на реката Пчиња. Должината на акумулацијата изнесува 1.480 метри, а ширината 120 метри. Има зафатнина од 2,25 милиони метри кубни.

    Акумулацијата Глажња се наоѓа на 5 км возводно од браната Липково. Овие две акумулации претставуваат систем кој овозможува рекреативни содржани со капење, сончање и риболов. Липковското е помало додека Глажња или уште познато како „Горно Езеро“ е многу поголемо. Покрај самата Липковска Река, настанало со преградување на реките Думановка и Гошинка. Составено е од два крака познати како Думановски и Гошински крак. На 350 метри низводно по езерото може да се забележи мал остров до кој кога езерото е полно може да се дојде само со чамец а летно време кога е празно може по копнен пат. Карактеристично за Думановскиот крак е што има потопено многу куќи, и една црква која сè уште може да се види кога водостојот опаѓа. Исто така, езерото Глажња во март минатата година, заедно со Ликовското езеро беше порибено со 350 килограми крап, па така тука исто така може да уживаат и риболовците.

    И покрај проблемите со сметот пред браната Липково, како и тесниот пат, кој треба на повеќе места да се санира или евентуално да се постави нов асфалт со пешачки патеки, местото е прекрасно за прошетка во природните убавини околу вештачките езера, за пикник со семејството и со пријателите.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img